Фото: Пиксабеј

Германската полиција затвори пицерија во Дизелдорф поради снабдување со кокаин на клиентите кои порачувале „број 40 на менито“.

-Тоа беше една од најпродаваните пици – изјави директорот на Дирекцијата за криминал, Мајкл Граф фон Молтке за новинарите во Дизелдорф.

Тој рече дека полицијата за ова прво била информирана во март од санитарните инспектори, а потоа полицајците од Одделот за дрога го набљудувале ресторанот и откриле зошто е толку популарна „пицата број 40“, изјави Молтке на новинарите, а пренесе денеска германската новинска агенција ДПА.

Кога полицијата упаднала во станот на 36-годишниот шеф на пицеријата, тој фрлил голема чанта низ прозорецот, но „таа паднала во прегратките на полицаец“, било соопштено во Дизелдорф.

Во вреќата имало 1,6 килограми кокаин, 400 грама канабис и 268.000 евра.

Полицијата соопшти дека управителот на ресторанот, кој по неколку дена бил пуштен од притвор за да го чека судењето, набрзо повторно почнал да работи и повторно продавал „пица број 40“ заедно со пакетче кокаин.

Тоа ги поттикна иследниците да го испитаат синџирот на снабдување и неколку недели подоцна, 150 полицајци ја разбија бандата низ западна Германија, уапсија тројца осомничени, вклучително и 22-годишен „шеф на операцијата за дрога“ и упаднаа во домовите и деловните објекти на други 12 осомничени.

Тие пронајдоа и две плантажи со канабис во блиските Менхенгладбах и Солинген со 300, односно 60 растенија, ладно оружје, готовина и скапи часовници.

Менаџерот на пицеријата е уапсен по втор пат кога се обидел да побегне во странство и останува во притвор.

Ниту едно од имињата на осомничените не е објавено во согласност со германските правила за приватност.

Полицијата не соопшти колку пицеријата наплатувала за специјалната нарачка.