Режисерката и сценаристка Тамара Котевска и понатаму е еден од најпрепознатливите амбасадори на македонската култура во светот. Досега како режисерка и сценаристка таа е меѓу ретките во нашата земја што непрестајно, страсно и активно работи во полето на документаристиката

Филмот „Одење пеш“ свечено ќе отвори два престижни светски филмски фестивала, фестивалот во Токио, Јапонија, како и Фестивалот на документарен филм во Фолкстон, Англија. Светската турнеја на најновиот документарен филм на Тамара Котевска продолжува во пет светски мегалополиси: покрај Токио и Фолкстон, филмот е во официјална селекција во Лос Анџелес, Лондон и во Париз. Се најавува домашна и јапонска дистрибуција на филмот.
Отворањето токму на фестивалот во Фолкстон претставува огромна чест за Тамара Котевска и англиските продуценти „Греин медија“, бидејќи патувањето на сириското дете бегалче Амал во Англија почна токму од овој град каде што бегалците преминуваат од Франција, преку Ла Манш, во Англија и токму тука се судираат со најжестокиот отпор на англиската полиција. Организаторите на фестивалот изјавуваат дека отворањето на Фестивалот за документарен филм во Фолкстон токму со „Одење пеш“ е покажување пркос на англиските радикалци и обид повторно да се сврти вниманието на жителите на овој приморски град кон еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат во своето секојдневие.
Веднаш по премиерата во Англија, филмот патува на фестивалот во Абервил (североисточен регион на Париз), Франција. Овој фестивал е со фокус на современите индивидуални и колективни општествени проблеми, а филмот e во официјална селекција и ќе биде прикажан вечерта на 21 октомври.
Ноемвриската тура на фестивали ќе биде одбележана со свечено отворање на фестивалот во Токио на 7 ноември. Режисерката Тамара Котевска изјавува дека да се отвори интернационален фестивал во Токио токму со нејзин документарен филм е еден од најубавите комплименти што ги добила, токму поради тоа што уникатниот креативен израз и идентитет на филмот одекнува толку далеку и допира една толку различна култура од европската, која очигледно јасно го препознава квалитетот на истиот филм. Оваа свечена премиера ќе го најави и почетокот на јапонската дистрибуција на филмот.
Учеството на толку многу светски фестивали е почесна потврда за квалитетот и релевантноста на филмот, но Котевска е особено задоволна дека се случува токму дистрибуција на филмот во толку далечни култури низ светот. Тоа е она што го запечатува успехот на филмот, гарантирајќи му огромна гледаност од широка публика надвор од фестивалските настани.
Веднаш по Токио, филмот ќе биде истовремено прикажан во двата мегалополиса: Лондон и Лос Анџелес.
Филмот имаше преполна македонска премиера на затворањето на домашниот фестивал за документарни филмови „Македокс“, по што композиторот Дуке Бојаџиев одржа концерт со музиката на филмот, која ја компонираше.
Режисерката и сценаристка Тамара Котевска и понатаму е еден од најпрепознатливите амбасадори на македонската култура во светот. Досега како режисерка и сценаристка таа е меѓу ретките во нашата земја што непрестајно, страсно и активно работи во полето на документаристиката (што е наедно една од најтешките форми на филмскиот израз). Но Котевска им пркоси на документарните ограничувања, креирајќи моќен, уникатен и длабоко емоционален уметнички израз, избирајќи современи, релевантни социјални теми и предизвикувајќи промена на домашно и на светско ниво. „Одење пеш“ e само најава на она што следува од оваа млада и прогресивна авторка, и во поглед на документарниот и во поглед на играниот филм.