Јудит Полгар и Магнус Карлсен - Фото: ЕПА

НАГРАДИ ПО ПОВОД СТОГОДИШНИНАТА НА ФИДЕ

Изборот го направи специјална група од експерти и професионалци, а жирито прогласи најдобри во 18 категории, додека награди, меѓу другите, добија Јудит Полгар, Сузан Полгар, Магнус Карлсен, Хикару Накамура, Леонард Барден… од турнирите, мечот на векот за светски првак во 1972 година и турнирот во Линарес, книгата „Моите 60 незаборавни меча“ од Роберт Фишер, репрезентациите на Грузија и на Ерменија…

На Шаховската олимпијада (ШО), која вчера заврши во Будимпешта, се одржа и галавечер посветена на стогодишнината на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), која ги награди исклучителните достигнувања и придонеси на поединци, групи и организации во шаховската заедница, а им беше оддадена почест и на оние што имаат извонредно влијание за развојот на шаховската игра. Изборот го направи специјална група експерти и професионалци, а жирито прогласи најдобри во 18 категории: шахист и шахистка, машка и женска репрезентација, тренер и тренерка, судија и судијка, најнезаборавен турнир на ФИДЕ, приватен турнир, социјално влијание, застапник за жените во шахот, едукатор, книга, фотографија, инфлуенсер на социјални медиумски, новинар и за инклузивност. Дополнително, имаше осум специјални награди доделени од претседателот на ФИДЕ, Аркадиј Дворкович, за оние што значително придонеле за развојот на шахот.

НАГРАДИ ЗА ЗАСТАПНИЦИ, ЗА ОПШТЕСТВЕНО ВЛИЈАНИЕ, ИНКЛУЗИВНОСТ, ТРЕНЕРИ, СУДИИ, ФОТОГРАФ

Така, награди добија Жан Мишел Рапер за застапник за женскиот шах (тој организира некои од најважните настани, како што се турнири на кандидатките, гранпри на ФИДЕ и ЕП), за општествено влијание проектот „Шах за слобода“, канцеларија на шерифот на округот Кук (САД), најдобар едукатор е Абел Таламантез (тој има неколку престижни титули, меѓу кои водечки училиштен инструктор, ФИДЕ-инструктор, меѓународен арбитер), наградата за инклузивност ја добија Меѓународната шаховска асоцијација на физички инвалиди (ИПЦА), Меѓународната шаховска асоцијација на Брајово писмо (ИБЦА) и Меѓународниот шаховски комитет на глуви (ИЦЦД), пишува ФИДЕ.

Најдобар тренер е Владимир Тукмаков, велемајстор (ВМ) од Украина. Под негово водство Украина освои олимписка злато во 2004 и во 2010 година. Неговото менторство ги обликуваше кариерите на Анатолиј Карпов, Виктор Корчној и на Аниш Гири, пишува ФИДЕ. Автор е на неколку шаховски бестселери. Најдобра тренерка е Унгарката Сузан Полгар, светска шампионка од 1996 до 1999 година, која на 15 години стана најдобро рангирана шахистка во светот, а во 1991 трета жена на која ѝ беше доделена титулата ВМ. Таа има 11 медали на ШО (по четири злата и сребра и три бронзи).

Анджеј Филипович, шахист, судија, организатор, уредник, писател, главен судија на многу големи шаховски турнири, е најдобар судија, а вели дека најинтересни му биле арбитражите на мечевите Каспаров – Крамник во 2000 година и Карлсен – Ананд во 2014-та. Најдобра судијка е ЖИМ Анастасија Сорокина. Меѓународна судијка е од 2002 година и беше главна делителка на правдата на многубројни престижни турнири, вклучувајќи го и СП за жени во 2016, 2018 и во 2023 година, Турнирот на кандидатите во 2022, како и на гранпри-турнири. Таа е на чело на проектот на ФИДЕ за „Бесконечен шах“, кој обезбедува шах за деца со аутизам и „Шах за заштита: клуб за девојки“, кој ги поддржува бегалците.

Најдобар фотограф е Украинката Анастасија Карлович, новинарка и ЖВМ, со остро суптилно око што ја доловува суштината на шаховските настани. За оваа награда ФИДЕ доби 150 фотографии од 16 фотографи.

ПРИЗНАНИЈА ЗА ИНФЛУЕНСЕР, НОВИНАР, ТУРНИРИ, КНИГИ…

Најдобар инфлуенсер на социјалните медиуми е Хикару Накакамура, американскиот ВМ, стример, јутјубер, петкратен првак на САД и светски шампион во т.н. Фишеров шах. ВМ станал на 15 години, станувајќи најмладиот Американец што го сторил тоа. Има милиони следбеници на Твич, Јутјуб, Твитер. Најдобар новинар е Леонард Барден (94). Неговото новинарство одигра клучна улога во промовирањето на шахот во меѓународните медиуми.

Го држи рекордот за најдолготрајна колумна во историјата на медиумите, со неговата дневна колумна, која трае неверојатни 63 години, седум месеци и 18 дена. Тој продолжува да пишува неделно за „Гардијан“ и за „Фајненшл тајмс“.

Најнезаборавен ФИДЕ-турнир е мечот на векот за светски првак во Рејкјавик во 1972 година помеѓу Борис Спаски и Роберт Фишер. Мечот е овековечен во медиумите, со холивудски филмови, документарци, па дури и во досиејата на ФБИ и КГБ, пишува ФИДЕ. Најнезаборавен приватен турнир е оној во Линарес, Шпанија, почнат во 1978 година. На него меѓу другите играле и легендарните Карпов, Каспаров, Ананд, Иванчук, Полгар…

Книга на векот е „Моите 60 незаборавни меча“ од Роберт Фишер објавена во 1969 година. Преведена на десет јазици, таа е меѓу класиците на шаховската литература. Во неа Фишер ги анализира неговите најзначајни партии, навлегувајќи во стратегиските размислувања, тактики и повремени грешки што се случувале под притисок на играњето, но го оценува и размислувањето на неговите противници.

РЕПРЕЗЕНТАЦИИ И ПОЕДИНЦИ

Најдобра женска репрезентација е Грузија. По отцепувањето од СССР, Грузија го презеде приматот, а потоа се Кина, Русија и Украина, пишува ФИДЕ. Грузија освои вкупно шест злата, Кина, исто така, шест злата, а Унгарија триумфира во 1988 и во 1990 година. Најдобра машка репрезентација е Ерменија, која победи на три ШО, а Кина двапати во последните 10 години.

Најдобра шахистка на векот е Унгарката Јудит Полгар, која се смета за најсилна шахистка на сите времиња. Станала ВМ на 15 години, уривајќи го рекордот на Фишер и е најмладата шахистка што влезе меѓу врвните 100 на ФИДЕ со 12 години. Таа е единствена шахистка што надминала рејтинг од 2.700 поени, искачувајќи се на осмото место на светската ранг-листа во 2004 година.

Најдобар шахист на векот е Магнус Карлсен. Норвешкиот ВМ и петкратен светски првак, петкратен светски шампион во забрзан шах, седумкратен светски првак во брз шах и победник на Светскиот куп на ФИДЕ. Карлсен ја држи позицијата број еден на светската ранг-листа (ФИДЕ) од 1 јули 2011 година. Неговиот рејтинг од 2.882 е највисок во историјата. Г.И.


Специјални почесни признанија

Специјални почесни признанија од претседателот на Светската шаховска федерација (ФИДЕ), Аркадиј Дворкович, добија осум истакнати имиња што значајно придонеле за развојот на шахот во текот на нивните кариери,.

Тие признанија ги добија Фридрик Олафсон, исландски ВМ, кој беше претседател на ФИДЕ (1978-1982), Нона Гаприндашвили ВМ од Грузија, петкратна светска шампионка, непоразена од 1962 до 1978 година со 11 злата од ШО играјќи за СССР и за Грузија и беше првата жена што ја доби титулата ВМ, Кси Јун од Кина е прва од Азија што станала ВМ, таа сега е потпретседателка на ФИДЕ, а влезе во Куќата на славните во 2019-та, Смбат Лпутиан ерменски ВМ, под чие водство шахот беше воведен во ерменските училишта, тој многу години го промовираше образовниот шах во светот, а во моментов повеќе од 25 милиони деца учествуваат во едукативниот шах, Азербејџанецот Фаиг Гасанов, значително придонесе за развој на шахот во една од најсилните шаховски држави во светот, меѓународен арбитар од 1980 година и главен судија на многу олимпијади, светски купови, гранпри-настани…, Герт Гијсен, холандски шаховски судија (1979) и почесен член на ФИДЕ (2013), бил главен арбитер на ШО (1998, 2000, 2002, 2006) и на светски првенства, Георгиос Макропулос е грчки ИМ, новинар и шаховски политичар, кој беше на различни позиции во ФИДЕ и Рекс Синкфилд, американски шаховски филантроп, кој го трансформирал својот роден град Сент Луис во шаховска престолнина на САД, и домаќин на многубројни меѓународни турнири. Г.И.