Имав големи очекувања, бев добро подготвена, резултатите што ги постигнував за време на подготовките и тренинг-камповите ветуваа висок пласман, што всушност и се случи во две дисциплини, вели Оливера Наковска-Бикова
ОЛИВЕРА НАКОВСКА-БИКОВА ЗА НАСТАПОТ НА ПОИ 2024 ВО ПАРИЗ
Најдобрата македонска параолимписка стрелачка Оливера Наковска-Бикова, со две осми и едно 17-то место, го заврши својот настап на Параолимписките игри (ПОИ) во Париз, притоа во првите две дисциплини, воздушен пиштол од 10 метри и спорт пиштол од 25 метри мешано, се пласира во финалето, што е голем успех. За Оливера ова беа осми ПОИ во низа, а најголемиот успех го постигна во Лондон во 2012 гoдина, кога освои злато со воздушен пиштол од 10 метри.
– Настапот на Игрите во Париз беше многу стресен за мене. Имав големи очекувања, бев добро подготвена, резултатите што ги постигнував за време на подготовките и тренинг-камповите ветуваа висок пласман, што всушност и се случи во две дисциплини. Првиот настап со воздушен пиштол од 10 метри започна многу тешко за мене, чувствував притисок од неизвесноста, знаев дека целата нација очекува медал од мене токму во оваа дисциплина. И покрај сите совети за време на натпреварувањето од мојот тренер, тоа беше причина за резултат од 558 круга, кој се покажа доволен за влез во финалето. Влегов како петтопласирана, се договоривме за одредена тактика на пукање со тренерот, сѐ одеше по предвидениот тек, меѓутоа веќе на стартот погодив една седумка, што дополнително ме вознемири, за по неа по неколку истрели да погодам и втора и сѐ тргна по несакан тек, завршив осмопласирана – вели Наковска-Бикова.
Во втората дисциплина Оливера беше единствената жена во финалето.
– Во втората дисциплина спорт пиштол од 25 метри мешано бев порелаксирана. Стрелав одлично во квалификациите, имав резултат од 571 круг, влегов во финалето како единствена жена и се борев со седум мажи. Финалето беше добро, но немав спортска среќа, имав 12 десетки од 20 куршуми, но само седум од нив ја допираа линијата од 10,2 поена, која е минимум за да се смета погодокот. Несреќно се пласирав на осмото место, а со малку повеќе среќа можеше да биде многу подобро – појаснува Оливера.
Проблемите со пиштолот беа главна причина за пласманот во третиот настап.
– Во дисциплината слободен избор од 50 метри мешано имав пех со пиштолот, испукуваше на секој втор обид. Со тренерот ја сменивме муницијата, се обидовме да го репарираме пиштолот, сменивме некои делови, меѓутоа не го решивме докрај проблемот. На крајот завршив на 17-то место и покрај сите неволји што нѐ пратеа во оваа дисциплина, што сметам дека сепак е успех, а само седум круга ме делеа од финалето – вели Наковска-Бикова.
ЛОИ завршуваат утре. Македонскиот тим денеска си заминува од Париз и нема да присуствува на церемонијата на затворање на Игрите.
– Таков е спортот, непредвидлив, нема гаранции за успех, нијанси одлучуваат за пласман, но генерално ние со Оливера го одработивме настапот максимално и со насмевка ја прифативме реалноста. Сакам да ѝ честитам на Оливера за фокусираноста, упорноста, исклучителната борбеност за секој круг, за достојната и чесна афирмација на нашата држава на овие ЛОИ. Честитки и до нашиот тим, докторот и шефот на мисијата, кои исти така се грижеа сѐ да помине во најдобар ред. И малку критики до домаќинот на Игрите за пропустите во организацијата. Се случи да ни заборават опрема и да не ни ја достават од стрелиштето Шатеру во Париз, со низа перипетии како да го решиме проблемот. Потоа имаше кражба на наша опрема, тренерки, маици во собите, за која го известивме организаторот, кој, пак, нѐ упати на приватна пријава и тужба во полициска станица. Сега полека мислите ги насочуваме кон ПОИ во Лос Анџелес во 2028 година – додава тренерот на Наковска-Бикова, Бранимир Јовановски. Г.И.