Донесениот ребаланс на буџетот претставува обид на новата влада да обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите обврски до крајот на годинава, со истовремено обезбедување нормално функционирање на институциите, како и реализација на проекти, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во експозето пред пратениците. Со ребалансот се обезбедени дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати и 5,1 милијарди денари за исплата на пензии
Ребалансот на буџетот ќе обезбеди ликвидност за редовно сервисирање на сите буџетски обврски до крајот на годинава
На седницата завчера доцна попладне Собранието со 67 гласа „за“, седум „против“ и ниту еден „воздржан“ го усвои ребалансот на буџетот за годинава.
– Со предложениот ребаланс ги исправаме пропустите направени со иницијалниот буџет. Тоа значи дека обезбедуваме редовна исплата на плати што ќе бидат усогласени во согласност со закон во септември и редовна исплата на пензиите, а го реализираме и изборното ветување за линеарно зголемување на пензиите во септември, исплата на достасаните обврски без одложување, зашто тоа го бара економијата во која, покрај најавениот поволен кредит за реализација на инвестиции, ќе се вшприцаат дополнителни шест милијарди денари преку нивно ангажирање во реализацијата на проектите на локално ниво. Целта на овој ребаланс е да најавиме на некој начин и по која линија ќе ја водиме фискалната политика во наредниот период, да креираме буџети во наредните години што ќе содржат приоритети што ќе имаат додадена вредност. Притоа, да ја имаме предвид и потребата од фискална консолидација, за постепено намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг – рече министерката за финансии.
Со ребалансот се обезбедени дополнителни 4,2 милијарди денари за исплата на плати, 5,1 милијарди денари за исплата на пензии, 800 милиони денари за исплата на правото на гарантирана минимална помош, 1,7 милијарда денари за здравствена заштита, милијарда денари за ТИРЗ зоните, 1,7 милијарда денари за директна финансиска поддршка во земјоделскиот сектор, 437 милиони денари за студентски оброк, 207 милиони денари за исплата на стипендии, 300 милиони денари за блок дотации, дополнителни 0,8 милијарди денари за исплата на камати кон домашни меѓународни кредитори, 5,1 милијарди денари за исплата на гаранции, кои претпријатијата до крајот на 2024 година сукцесивно треба да ги вратат и уплатат во буџетот на државата.
Обезбедени се и шест милијарди денари за локални инфраструктурни проекти, како и капитални расходи во висина од 44,7 милијарди денари, кои се наменети за инвестиции во реконструкции и модернизација на јавните здравствени установи, капитални инвестиции во областа на образованието, детската и социјалната заштита, во областа на патната, железничката и комуналната инфраструктура, исполнување на договорите во областа на одбраната и безбедноста, како и за рурален развој. Со ребалансот на буџетот економскиот раст е ревидиран на 2,1 отсто од претходно проектираните 3,4 проценти, додека стапката на инфлација е проектирана на 3,5 отсто.
Фискалната политика до крајот на годинава, како што истакна министерката Димитриеска Кочоска, ќе биде насочена кон враќање на макроекономската стабилност и поддршка на економската активност преку постепена фискална консолидација, подобрување на управувањето на јавните финансии и одржливо ниво на капитални расходи. Н.М.