Фото: Пиксабеј

Грција во зголемена борбена готовност

Официјална Атина се наоѓа во состојба на зголемена готовност, со цел да реагира во случај на ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток што би влијаела врз Либан, објави грчки „Катимерини“, додавајќи дека Грција и Кипар се во координација за евентуална евакуација на нивните граѓани.
Грчката фрегата „Кунтуриотис“, која моментално плови покрај брегот на Либан како дел од постојаната мисија на поморските сили под покровителство на Обединетите нации, претставува прва опција за евакуација доколку биде побарана помош од Грција. А постои можност да бидат испратени и други воени бродови или воздушни средства, ако биде потребно, според сознанијата на грчкиот весник.
Атина и Никозија се во координација со западните партнери и за да се постигне максимална заштита на Кипар, со оглед на тоа дека се наоѓа во непосредна близина и е во опасност од заталкани проектили. Дополнителна причина за загриженост претставува интензивната електронска војна на израелско-либанската копнена и поморска граница, што се смета дека може да доведе до пренасочување одредени проектили. Р.С.