Фон дер Лајен доби нов петгодишен мандат - Фото: ЕПА

Урсула фон дер Лајен со уште еден мандат како носителка на највисоката функција во Европската комисија (ЕК)

Фон дер Лајен доби 401 глас во првиот круг од тајното гласање. Имено, во четвртокот гласаа 707 пратеници, таа доби 360 гласа „за“, а против нејзиното именување беа 284 европратеници. Во процедурата за новиот петгодишен мандат, Фон дер Ла0јен ја доби поддршката од Европскиот совет (ЕС) уште на крајот на изминатиот месец

Урсула фон дер Лaјен си обезбеди уште еден мандат на чело на Европската комисија, и покрај пресудата на Генералниот суд на ЕУ, која ја доведе во прашање поддршката на европратениците.
За потсетување, Фон дер Лaјен доби 401 глас во првиот круг од тајното гласање. Имено, во четвртокот гласаа 707 пратеници, таа доби 360 гласа „за“, а против нејзиното именување беа 284 европратеници. На пат кон новиот петгодишен мандат, Фон дер Лајен ја доби поддршката од Европскиот совет (ЕС) уште на крајот на изминатиот месец.

Но интересно е што еден ден пред гласањето, Генералниот суд на ЕУ пресуди дека Европската комисија, на чело со Фон дер Лaјен, „не била доволно транспарентна во набавката на вакцини за време на пандемијата на ковид-19“. Во таквиот редослед на настаните, европратениците побараа од Европската комисија (ЕК) да ги објави договорите за набавка на вакцини, но ЕК објави само скратена (цензурирана) верзија, што доведе до дополнителна постапка на правни постапки. Имено, Генералниот суд на ЕУ одлучи дека Европската комисија и Фон дер Лaјен „не дале соодветна причина за цензурирање на деловите од договорот што се однесуваат на обесштетување на фармацевтските компании во случај на неисправни вакцини“.

Но, според аналитичарите, на Фон дер Лaјен очигледно ѝ помогна фактот што евентуалното нејзино неименување на високото место во ЕК ќе доведе до хаотична ситуација во ЕУ, особено во светлината на претседавањето на ЕУ од страна на Унгарија. Според аналитичарите, доколку Фон дер Лaјен не ја добиеше поддршката од парламентот, Европскиот совет ќе требаше да назначи нов кандидат во рок од еден месец, за што ќе треба да се одржи самит на европските лидери кон средината на летото, а ќе биде тешко да се најде нов кандидат што би можел да добие квалификувано мнозинство во Европскиот совет и супермнозинство во парламентот. Реагирајќи на одлуката на судот, ЕК посочи дека „пресудите на Општиот суд се во согласност со одлуките на ЕК за најголем дел од барањата“, при што тужбата беше прифатена во две точки:

1. ЕК треба да даде дополнителни објаснувања за одбивање пристап до одредени одредби од договорот и

2. ЕК е задолжена да ги даде личните податоци на членовите на преговарачките тимови.

Сега ЕК има рок од два месеца и десет дена да поднесе жалба на одлуката. Но без разлика на сѐ, Урсула фон дер Лaјен си обезбеди уште еден мандат на чело на Европската комисија, и покрај пресудата на Генералниот суд на ЕУ. Н.М.


Настапот на Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент во пресрет на гласањето за вториот мандат

Во својот говор пред 720-члениот Европски парламент пред тајното гласање за избор на нов шеф на европската влада (Европска комисија) каде што таа повторно победи, Фон дер Лaјен ги претстави своите идни планови за ЕУ. Таа зборуваше за безбедноста и заштитата на Европа од секакви надворешни закани, како и за станбените и земјоделските проблеми со кои континентот се соочува во последните години.
– Во свет полн со неволји, судбината на Европа зависи од тоа што ќе правиме понатаму – рече таа.

Фон дер Лaјен додаде дека наредните пет години ќе го одредат текот на следните 50 години на континентот.
– За да ја избереме утрешната Европа, мора да признаеме како се чувствуваат луѓето денес. Ние сме во период на длабока вознемиреност и неизвесност за Европејците.

Понатаму таа истакна дека семејствата чувствуваат болка поради трошоците за живот и домување.
– Младите се загрижени за планетата, иднината и поради можноста за војна. Компаниите и земјоделците се чувствуваат притиснати. Никогаш нема да дозволам екстремната поларизација на нашите општества да стане прифатена. Никогаш нема да прифатам дека демагозите и екстремистите го уништуваат нашиот европски начин на живот. И денеска стојам овде подготвена да се борам со сите демократски сили во оваа куќа – порача претседателката на Европскaта комисија.
– Посилна Европа е онаа што носи просперитет, ја штити демократијата, обезбедува социјална правда и го поддржува Европскиот зелен договор – нагласи таа, додавајќи, „наш прв приоритет ќе бидат просперитетот и конкурентноста“.

Фон дер Лaјен се осврна и на единствениот пазар на ЕУ.
– Треба да го рационализираме нашиот единствен пазар со помала бирократија, побрзо лиценцирање, подобро спроведување и поголема отчетност, назначувајќи потпретседател што ќе го надгледува и ќе известува годишно за напредокот, истовремено воведувајќи ја обновената проверка на МСП и севкупната конкурентност – рече Фон дер Лaјен.

Економски раст и одржливост

Во својот говор, Урсула фон дер Лaјен ги истакна плановите за насочување на Европа кон одржливост и економски раст преку Европскиот зелен договор. Таа го потенцираше остварувањето на 50 отсто од производството на електрична енергија од домашни обновливи извори на енергија во првата половина од годинава и тројно зголемување на инвестициите во „чисти технологии“.

Истакнувајќи го водството на Европа во инвестициите за водородна енергија, што според нејзиниот говор е „поголемо од САД и Кина заедно“, таа се пофали со 35 нови глобални договори за чиста технологија, водород и други суровини. Германските политичари ветија дека ќе ги спроведат целите поставени за 2030 и 2050 година, фокусирајќи се на инвестициите во инфраструктурата и индустријата, особено во енергетски интензивните сектори како што е производството на челик.

Во својот говор, таа ја истакна потребата од зголемени инвестиции во земјоделскиот и во дигиталниот сектор, залагајќи се за нови инвестиции во ЕУ, да го задржи капиталот и да го поттикне растот во Европа. Таа рече дека ќе биде максимално посветена на развивање стратегија за праведен приход за европските земјоделци во прехранбениот и земјоделскиот сектор.
– Секој што користи одржливи методи за заштита на животната средина и екосистемите мора соодветно да се компензира за таа услуга – рече таа во својот говор.

Дел од говорот за безбедноста на ЕУ и т.н. „одбранбена унија“

Урсула фон дер Лејен осврнувајќи се на безбедносните прашања за ЕУ искажа став дека земјите членки мора да инвестираат во, како што рече, „одбранбената поддршка“.
– Верувам дека сега е време да се изгради вистинска „одбранбена унија“ за да се заштити Европа – рече Фон дер Лејен, додавајќи дека „мораме да ѝ дадеме на Украина сè што ѝ е потребно за да се спротивстави и да излезе како победник“.

Таа во својот говор ја акцентира улогата на НАТО во колективната одбрана, но исто така ја нагласи и потребата на Европа да ги зголеми трошоците за одбрана и автономијата. Предложи создавање единствен одбранбен пазар и заедничко инвестирање во напредни проекти, како што е унифициран систем за воздушна одбрана.

Фон дер Лaјен, исто така, повика на зајакнување на капацитетите на Европол со удвојување на неговиот персонал и проширување на неговиот мандат за зајакнување на прекуграничната полиција. Таа вети дека ќе го зголеми тројно бројот на европските граничари и крајбрежни стражари на 30.000 за да ја зајакне безбедноста и поефикасно да управува со миграцијата, нагласувајќи фер и солидарен пристап кон миграциските предизвици.

Претседателката рече дека има цел да ги подобри ефикасноста и достоинството при враќањето на мигрантите преку единствен европски пристап. Таа нагласи дека планира да именува комесар за Медитеранскиот Регион и предлага нова агенда за зајакнување на партнерствата таму. Урсула фон дер Лaјен во својот говор повика и на итен прекин на огнот во Газа, зголемување на хуманитарната помош и поддршка за решение за две држави, а имено и за Израел и за Палестина. Н.М.