Вториот ешалон на егзекутивата добива нови управувачки човечки ресурси
На првата седница по конституирањето на Владата, одржана на крајот од минатата недела, беа донесени одлуки за именување раководни лица за повеќе државни институции од т.н. втор ешалон на власта. Во продолжение ги претставуваме новоименуваните функционери во државните институции
Игор Јанушев – генерален секретар на Владата
Јанушев, како што информираат од владината прес-служба, е дипломиран правник на Правниот факултет „Јустинијан Први“-Скопје. Неговото претходно искуство вклучува работа како пратеник во Собранието, директор на ЈСП-Скопје и раководител на секторите за воздухопловство и за општи работи при Министерството за транспорт и врски. Како пратеник, Јанушев беше шеф на делегацијата во Парламентарното собрание на ОБСЕ и претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.
Владимир Нелоски – шеф на канцеларијата на премиерот на македонската влада
За шеф на канцеларијата на премиерот Мицкоски е назначен Владимир Нелоски, а негов заменик е Саше Павлоски. Владимир Нелоски има завршено на Економскиот факултет, наедно е магистер на Правниот факултет „Јустинијан Први“ од областа на корпоративното право. Тој е советник во Град Скопје. Претходно бил вработен во Агенцијата за електронски комуникации и има богато искуство во менаџирање со процеси и човечки ресурси.
Александар Јанев – директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ)
Долгогодишното искуство во Министерството за внатрешни работи го позиционира Александар Јанев за нов директор на Бирото за јавна безбедност. Јанев има долгогодишно искуство на раководни позиции во МВР, а бил и началник на Одделот за сузбивање организиран криминал. На чинот на примопредавање на функцијата, директорот Јанев истакна дека неговата визија е подобрување на квалитетот на услугите на полицијата и засилување на безбедноста на сите граѓани.
– Безбедност без компромис, со висок стандард на професионализам и посветеност на полициските службеници. Ќе работиме со интегритет и посветеност за подобрување на безбедноста на сите. Со дигитална трансформација ќе го оптимизираме користењето на технологијата, обезбедувајќи подобра комуникација и безбедност на информациите. Непоколеблива борба против корупцијата, со транспарентност и отчетност, со што ќе ја подигнеме довербата на граѓаните во полицијата – изјави директорот Јанев.
Бобан Николовски – директор на Царинската управа
Николовски доаѓа од позицијата пратеник во македонското собрание и има 15-годишно работно искуство во Царинската управа, вклучувајќи и работа како директор на ЈП „Куманово план“. Тој има магистратура по бизнис и поседува десетици обуки и лиценци за царинско работење. Тој доаѓа на местото на досегашниот директор Стефан Богоев, кој со Царината управуваше повеќе од една година.
Ивица Томовски – директор на Службата за општи и заеднички работи во Владата
Ивица Томовски има магистратура по менаџмент на човечки ресурси и долгогодишно професионално искуство во деловното работење, консалтинг-услуги и менаџирање во приватниот сектор. Томовски е поранешен управител на „ЕЛЕМ турс“ и има стекнато обуки на повеќе интернационални школи за менаџмент на човечки ресурси. Томовски нагласи дека назначувањето за оваа позиција го смета за огромна чест и одговорност.
Сашо Петрушевски – државен секретар во Министерството за внатрешни работи (МВР)
За државен секретар во Министерството за внатрешни работи е именуван Сашо Петрушевски. Тој е доскорашен директор на јавно претпријатие во Општина Куманово. Петрушевски е добитник на Ноемвриска награда на Град Куманово, како и добитник на награда за најдобро работење на ЈП „Куманово паркинг“-Куманово од агенцијата „Комапни вол Македонија“ за најдобар бонитет А. Тој поседува повеќе сертификати и обуки за менаџирање со човечки ресурси и комуникациски техники.
Елена Петрова – директорка на Управата за јавни приходи (УЈП)
Нова директорка на Управата за јавни приходи (УЈП) е Елена Петрова. Таа ја извршуваше функцијата дополнителен заменик-министер за финансии во техничката влада. Таа е дипломирана економистка, со над 25-годишно искуство во УЈП, каде што работела на раководни позиции, вклучувајќи и управник на Дирекцијата за големи даночни обврзници.
Елена Петрова има активно учество во неколку управни одбори и поседува лиценци и сертификати, вклучувајќи обуки и соработки со Светската банка, ММФ и други меѓународни организации.
Саше Павловски – заменик-шеф на канцеларијата на премиерот на македонската влада
Саше Павлоски завршил на Економскиот факултет при УКИМ. Тој има повеќегодишно работно искуство во Владата на Република Северна Македонија и искуство од менаџерско работење. Тој бил член и на Надзорниот одбор на МЕПСО и претседател на Управниот одбор на националниот парк Маврово.
Габриела Јаковлева и Ивана Стојановска именувани за директорка и заменик-директорка на Агенцијата за разузнавање
Во контекст на носењето одлуки од извршната власт за именување раководни лица на државни (безбедносни) институции, претседателката Гордана Силјановска-Давкова, во ист ден како и Владата, донесе одлука за именување на Габриела Јаковлева за директорка на Агенцијата за разузнавање. За заменичка на директорката е именувана Ивана Стојановска. Габриела Јаковлева и Ивана Стојановска се долгогодишни професионалки во Агенцијата за разузнавање.
Претседателката Силјановска-Давкова овие одлуки ги донесе во согласност со нејзините уставни и законски надлежности.