Има романи што не добиле награди, па не им фали ништо и не се помалку добри поради тоа, ќе рече почитуваната Оливера Николова. Има литературни дела, автори, кои ги откриваме и славиме откако ќе си заминат од земскиот свет. Иако со задоцнување, во нивните дела често откриваме трајни вредности и значења, кои од редица објективни и субјективни причини не сме ги забележале кога тие ни биле „пред очи“. Има песни што сме ги напишале во младоста и сме ги заклучиле во фиока, кои и денес при препрочитување збунуваат со силниот, необјаснив рембоовски елан и ентузијазам и искреност од која црвенееме и се гордееме во иста мера.
Иако некогаш бев длабоко уверен дека песните настанати во екот на тинејџерскиот вриеж се премногу лични за да бидат публикувани и најголем дел од своите песни ги знаев наизуст и ги носев со себе како личен реквизит, па следејќи ги упатствата за противзаборав на почитуваниот Маркес, ја ставам оваа песна, ова скромно интимно сочинение, чиј вистински наслов е „Вечна песна“, на увид на ценетата и трпелива јавност.
Буричкајќи по внатрешните траектории, речиси како по правило најпрвин во мене се отвора тој дамнешен интимен фајл, насловен ВЕЧНА ПЕСНА. Во таа рембоовска авантура во светот на поимите, во тој свет зад зборовите, забележувам дека, всушност, сѐ останало исто. Убав повод и вистинско време за влез во летна поетска шема ослободена од политичкиот вртеж и превирања.
Не речи дожд Несреќна планино што Кумуваш
Немо Детство е твојот Должник од времето
Кога Есента се обидуваше да направи Паметник
Од лирските белешки на Сребрената Магија
Вистинска сензација беше и неправдата што ѝ ја сторивме
На Реката и постелата на која јас те љубев
Во Деветтиот Сон и ти ги подарив Деветте Порти
На својата Скриена Несекојдневност
Јас Вечниот Престолонаследник на Првата Метафора
Блуден Син на тотално уништената размисла за Бесмртност
Те љубев не знаејќи дека си нем речен камен
Што раѓа отвори и несон…
За пасионираните љубители на метафорите и кусиот прекуплот пат кон спознанието, една мала искреност и можност за продор во внатрешноста на панхронскиот карактер на оваа „Вечна песна“, се наредните стихови прашалник.
Каде е твојата татковина, Вистино
Имаш ли мајка, куќа, средби
Која е твојата омилена боја и Љубиш ли некого
За тебе годишните времиња најверојатно не постојат
И сигурно знаеш сѐ за несреќната љубов на нашата сосетка…
И еве повторно ја чувствувам онаа блага немоќ во овој подзаборавен свет на сопствените зборови, кои стануваат индивидуи и натпоетизација на универзалните топоси на семантиката. Коренот на „Вечната песна“ го откопувам и разоткривам некаде во праписмото, во некој „молскавичен“ фајл на инспирацијата и вечната тага – несреќа на чувствителниот свет.
Некогаш твоето небо ечеше
Не паметам колкупати
Не е важно
Некрстени останаа моите страдања
Невешт морнар Нивниот Татко
Немоќен багрем во алејата пред нашата гробница…..
„Вечна песна“ е онаа истата, цврста, непоколеблива, изнедрена од еден „немир што зборува“, а јас сум повторно на својот творечки имот, „мир што мисли“ во вид на патетична алотропска модификација на искуството.
Во секого од нас лежи скриен Рембо и секој во животот кога-тогаш ќе биде славен, барем еднаш петнаесетина минути, или така некако според Ворхол и неговите радикални толкувања и сфаќања за славата и популарноста. Во оваа пригода и мислењето на прославениот руски мајстор на поетскиот збор Евтушенко, кој по серијата настапи пред преполни стадиони во некогашниот Советски Сојуз, ќе констатира дека, сепак поезијата најдобро се доживува кога се соопштува и декламира очи в очи, во мал круг пријатели или блиски сродни души, со оглед на личниот карактер на емотивниот набој.
… Ние сме едноставни суштества, кои работат по наједноставните можни принципи. Нашиот двоен свет каков што е, незамислив е без страдање… без страдање немаше да знаеме што е среќа, без темнина – светлина, без омраза што е љубов итн., без страдање ќе пропуштиме сè. Барањето смиреност во рамнотежа меѓу мноштво екстреми води кон останување, преживување, добивање на време… се надевам дека нашиот вид има смисла… така словеше Хаксли во овој семантички призор…
„Господе, не барам чуда или привиденија, туку секојдневна сила. Научи ме уметност на мали чекори. Знам дека многу проблеми се решаваат ако ништо не се преземе, затоа научи ме на трпение..
… Антоан де Сент Егзипери во еден од најтешките периоди од својот живот, кога го скршиле загубите, болестите и воениот виор, напишал молитва што треба да си ја повторуваме и денес кога ни е тешко:
Направи ме повнимателен и снаодлив, за во различноста на секојдневниот живот да се задржам на откритијата и искуствата што ме возбудуваат.
Научи ме правилно да управувам со времето од мојот живот. Дај ми го убавиот дар да го разликува основното од средното.
Се молам за сила на воздржаност и мера, за низ животот да не треперам и лизгам, туку разумно да го планирам текот на денот. Да можеш да гледаш врвови и пространства, па дури и понекогаш да најдеш време да уживаш во уметноста.
Помогни ми да разберам дека илузиите не се корисни. Нема сеќавање за минатото, нема соништа за иднината. Помогни ми да бидам овде и сега и да го прифатам овој момент како најважен.
Спаси ме од наивното верување дека сè во мојот живот треба да биде мазно.
Дај ми јасно разбирање дека тешкотиите, поразите, падовите и неуспесите се само природен, составен дел од животот, благодарение на кои растеме и созреваме.
Потсети ме дека срцето често се бунтува со причина.
Испрати ми во вистински момент некој што има храброст да ми ја каже вистината, но да ми ја каже со љубов!
Знаеш колку е силна мојата потреба за пријателство. Дозволи ми да бидам достоен за тој најубав и најблаг дар на судбината.
Дај ми богата фантазија, за во вистинско време, во вистински момент, на вистинско место, во тишина или зборување, некому да му ја дадам потребната топлина.
Направи ме човек што знае како да ги достигне оние што се навистина на дното.
Спаси ме од стравот да пропуштам нешто во животот. Не давај ми го тоа што го сакам, туку дај ми го она што навистина ми треба.
Научи ме уметност на мали чекори… уште една во низата убавини во поетско-семантичкиот универзум. До следната наша средба наредната есен..
Аљоша Симјановски