Списокот на вратени предмети минатата година бележи безброј примери што претставуваат пресвртница во долгогодишната борба на многу земји во светот што досега тешко се носеа со процесот на реституција. Според познавачите, ова е исправен чекор и показател за почит кон единственото наследство и историјата на различните земји. Ова исто така би требало да претставува и преседан за кој се очекува дека ќе изврши притисок и на други институции да почнат да ги враќаат украдените дела
Репатријацијата и реституцијата беа главната вест во светот на уметноста минатата година. Во оваа временска рамка, која првпат беше објавена и ажурирана во текот на годината во списанието „Таун енд каунтри“, документирани се информациите за репатријација на артефакти од културното наследство во 2023 година – покривајќи украдени антиквитети како последица на воени злосторства, како и спорни археолошки наоди по различни основи. Репатрираните предмети и уметнички дела можат да потекнуваат од широк спектар на извори, почнувајќи од приватни колекции до национални музеи.
Така, меѓу реституираните предмети е дрвен саркофаг, изложен во Музејот на природни науки во Хјустон, кој му беше вратен во Египет откако американските власти утврдија дека бил украден од некрополата Абу Сер (близу Каиро) и прошверцуван во САД во 2008 година. Обласниот обвинител на округот Њујорк врати 60 антиквитети од Италија во репатријација во вредност од околу 20 милиони долари. Статуи, вазни, бронзи и други уметнички дела, вклучувајќи и фреска на Херкулес, биле пронајдени во музеи и домови на приватни колекционери. Шпанија врати две фламански слики создадени во продавницата на Диерик Баутс во Полска. Австралиски државјанин врати девет статуи на Буда во Тајланд, кои биле во неговото семејство од 1911 година. Роналд С. Лаудер се согласи на реституција и откуп на сликата „Црната шапка со пердуви“ од Густав Климт. Сликата била во сопственост на Ирене Беран најмалку до 1934 година, а Лаудер и наследниците на семејството Беран почнале да го разгледуваат потеклото на делото на Климт во 2018 година. „Смитсонијан“ објави дека склучил партнерство со Јемен за да обезбеди безбедно складирање и грижа за 77 украдени артефакти, кои американската влада ги враќала, но не можела физички да ги врати најмалку две години поради тековната граѓанска војна…
Списокот на вратени предмети продолжува со уште безброј примери што претставуваат пресвртница во долгогодишната борба на многу земји во светот што досега тешко се носеа со процесот на реституција. Според познавачите, ова е исправен чекор и показател за почит кон единственото наследство и историјата на различните земји. Ова исто така би требало да претставува и преседан за кој се очекува дека ќе изврши притисок и на други институции да почнат да ги враќаат украдените дела. Дали ваквите одлуки ќе ги поттикнат и македонските власти и културните институции да почнат посериозно да работат на враќање на дел од раселеното културно наследство на Македонија низ светот, од кое досега сме успеале да донесеме дома само дваесетина икони од Албанија, процес што се финализираше кон крајот на минатата година.
Според податоците што ги објави во една своја студија „Дојче веле“, повеќе од 1.000 артефакти се водат како украдени од подрачјето на Македонија, но експертите сметаат дека бројката е многу поголема. Станува збор за непроценливо историско и културно богатство. Се претпоставува дека има над сто илјади предмети што биле пронајдени на македонска почва, а на разни начини биле однесени од земјата и сега се наоѓаат во музеите низ светот, најмногу во соседните држави, во Белград и во Софија. Македонија е сериозно загрозена од ваквата практика на отуѓување вредни археолошки наоди и уметнички дела. Според експертите, вкупно 257 предмети најдени на локалитетот Требениште се наоѓаат во Србија. Во Народниот музеј во Белград има ретки и исклучително вредни предмети што потекнуваат од Хераклеја, Стоби, Требеништа и од други локалитети во Македонија.
Овој музеј ги чува и двете златни маски, пронајдени на локалитетот Требениште, Охридско, третата златна маска се наоѓа во Софија, а четвртата ја чуваме ние. Речиси сите вредни наоди во периодот помеѓу двете светски војни се однесени во Србија, а меѓу највредните се археолошките. Со сигурност е утврдено и дека две величествени бронзени фигури на сатири, најдени во Стоби, денес ги красат витрините на белградските музеи.
Едно мало истражување на платформата „Гугл артс енд калчр“, глобална онлајн платформа, преку која јавноста има можност да пристапи до содржини со висока резолуција, фотографии и репродукции, како и видеоматеријал на уметнички дела и културно наследство, собрани од културните институции и соработници од целиот свет…, покажува дека во делот за Македонија, најголем дел од презентираното културно наследство на земјава (носии, артефакти, археолошки пронајдоци, фрески…) се наоѓа во странски, а не во домашните поставки и музеи. На пример, голем број парчиња накит и носии – главно галички, се во колекцијата на Британскиот музеј. Меѓу нив има доста артефакти со предзнак „македонски“ што му припаѓаат на атинскиот „Бенаки музеј“.
Од сето погледнато, добро е повторно да се апелира до македонските ресорни министерства и културни институции да се ангажираат во организирана акција во процесот на реституција. Процес што, секако, не е лесен и едноставен, ама е важен, особено за нас, бидејќи голем дел од ова богатство презентирано во други земји, од веќе добро познати причини, не е ни означено како „македонско“, па како резултат на тоа некако отсекогаш сме го имале она инфериорно чувство во однос на тоа дека и Македонија е дел, несомнено значаен, од уметничката и културна мапа на светот.