Јалови се обидите на многумина злонамерници и уште толкумина безобѕирни моќници, кои заради остварување на нивните интереси се обидуваат да го подријат и урнат македонскиот јазик, но и покрај тоа, ние мораме да преземеме сè што е потребно за да го заштитиме ова здание, кое е наш дом и каде што единствено сме свои
на своето
Македонскиот јазик е еден од потпорните столбови на нашето идентитетско здание што беше подигнато од претходните поколенија и сè уште опстојува до денес, иако многумина злонамерници и уште толкумина безобѕирни моќници, заради остварување на нивните интереси се обидуваат да го подријат и урнат. Јалови се овие нивни обиди, но и покрај тоа ние мораме да преземеме сè што е потребно за да го заштитиме ова здание, кое е наш дом и каде што единствено сме свои на своето.
За да се заштити и негува македонскиот јазик, неопходно е државата непрекинато да му посветува соодветно внимание, односно да вложува во негово популаризирање и промовирање (не само во нашата средина туку и во странство) и постојано да се спроведуваат систематски мерки и активности за подигнување и зацврстување на чувството на самопочит, истовремено насочени кон поттикнување љубов спрема сопствениот јазик и книжевност. Со други зборови, би требало да се има продлабочен психолингвистички пристап, првенствено од гледна точка на колективната психологија, и да се започне од себепочитувањето, кое постепено би се надградило во создавање чувство на восхит од своето/нашето, додека крајната цел би била да се обликува и вкорени поинакво доживување и сфаќање на сопствениот јазик како рамноправен, односно со иста изразна и творечка моќ како светските јазици, со што целосно би бил надминат и отфрлен погрешниот впечаток дека има помала вредност во споредба со нив. Како поткрепа на ова може да се истакне еден непобитен факт од областа во која најмногу доаѓаат до израз креативните потенцијали и експресивните вредности на јазикот, а тоа е поезијата.
Како да се популаризира и актуализира македонскиот стандарден јазик? Како да навлезе во секоја пора од општеството? „Нова Македонија“ со повеќе написи ќе ги објавува одговорите, идеите на нашите интелектуалци – докажани и истакнати македонисти, професори, уметници, писатели…
Имено, општоприфатено е дека македонската поезија е на исто рамниште со поезијата напишана на светските јазици, така што и јазикот на кој е напишана таа поезија секако дека е на исто рамниште со другите јазици, без оглед на тоа што тие се географски пораспространети и имаат поголем број говорители.
Само со сеопфатен и проактивен пристап ќе ја надминеме опасноста од обезличување на македонскиот јазик во секојдневната говорна практика, како и прекумерната и несоодветна употреба на латиницата наместо кирилицата, под влијание на „супериорните“ јазици (регионални или светски), и ќе го заштитиме од „генетска модификација“ (како што се штитиме од генетски модифицираните производи или ГМО затоа што имаат изменети одлики што не им се својствени на автентичните производи, односно плодови), бидејќи само тоа што е автентично/самосвојно/изворно има вистинска вредност.
Јовица Тасевски