Холивудската легенда и повеќекратна оскаровка Мерил Стрип ја доби почесната „златна палма“ на церемонијата на отворањето на годинашниов престижен Филмски фестивал во Кан.
Француската актерка Жилиет Бинош ѝ ја додели „златната палма“ на Мерил Стрип, која доаѓа 35 години откако Стрип дебитираше во Кан со филмот „Злите ангели“ од 1988 година, за која ја освои наградата за најдобра актерка на фестивалот.
Од времиња кога во фокусот на вниманието на јавноста беа политички жешки теми, шпекулации, конфронтации, озборувања, турбуленции, останаа и теми за потсетувања на кои секогаш можеме да се навратиме, како во некои мали духовни и уметнички енклави, деконтаминирани и исчистени од дневнополитички кичерај, гнасен јазик – либертинаж, говор на омраза, простаклак, теми – мемореми островца на кои можеме да се засолниме, да здивнеме и одново да се вратиме на врвиците на нормалноста.
Мало потсетување, вид резиме хибрид и извадок, дел, од граѓанската дебата зачувана меѓу книжни корици… книга со колумни и коментари од читатели, насловена „Мерил Стрип… во Скопје 2014“.
Пред десетина години еден мој пријател ми дотури едно книжуле во кое беа поместени сто кратки раскази каде што „играат сто лика, сите со име и презиме од скопските улици!“ Авторот на ова литературно произведение од март 2011 година, како прва и елементарна некоректност се потпишал како Пандалф Валкански, пардон Вулкански. Во кусиот предговор е наведен извесен Карл Краус. „Ако споменувам некого, тоа се случува само зашто името и презимето го зголемува пластичното дејство на сатирата“. Хм! Сатира значи!
На крајот на книгата абецедно има индекс на имињата, кои се во тој хиперреален сатирикон, чија основна тема е „апсурдноста на проектот ’Скопје 2014‘“. Ха-ха-ха-ха… хм! Во две од тие булеварски „сатирични“ белешки меѓу „истумбаните луѓе“ се споменуваа и моето име и презиме. Во дел од „сатирата“ насловена „Фантастично, но и надреално“, стои вака: „…во институтот ’Чуповски‘ зборувале Аљоша Симјановски, Горазд Чаповски и Томе Аџиевски. Режисерот Аљоша Симјановски во еден неврзан разговор истакнал: Шутка не е Скопје, Мариово не е Македонија“. Разочаран сум како градот и државата се претставени во филмовите на Кустурица, Манчевски и Столе Попов. Мене секогаш животна желба ми била во мој филм да игра главна улога Мерил Стрип. Но, да ја поканиш Мерил Стрип во некоја трошна приказна, во некој трошен амбиент на плоштадот кој личи на Ќустендил од 1968 (Горазд Чаповски) е рискантно…
Во фамозната 1984 од еден градителски подвиг и во некоја рака беше инспирирана и поттикната мојата фантазија и беше претворена во сонг насловен „Градот во кој сум роден“ (види http://www.youtube.com/watch?v=b24I05HawKE). Во тоа време беше направен дел од јужната фудбалска трибина, што за мене и за мојата генерација вљубеници во фудбалот беше случка од карактер. Само еден дел од стадионот, една трибина и бевме во зоната на возгордеаност и себечувствие. Така беше тогаш, со тоа се приведе кон крај една етапа во постземјотресно Скопје, време во кое на планот на градењето се случија навидум многу работи, а некако градот отиде многу во широчина, ја загуби душата, како што милуваат да се изразат поетски настроените.
Бевме деца во тоа време и некои работи малку ги разбиравме. Скопје по земјотресот беше прогласен за Град на Солидарноста и во него се влеа многу братска помош. Беа изградени населби со фински, норвешки, шведски бараки во населбите, руски монтажни комплекси. Некои капитални објекти, како што се театарот, универзитетскиот комплекс, Градскиот ѕид, транспортниот центар, на падините на Водно никна и елитна населба на просторот околу црквичето во Капиштец и пошироко. Паралелно почна да се гради и околу Охрид, Елешец, Лагадин. Она што остана недоречено и помалку загадочно беше центарот на Скопје. Ентузијазмот како да подзапре, градителскиот занес папса. Најверојатно, снема и средства од братската југословенска помош и пошироко и се прелеа во раскошни пространи градби на падините на Водно. Сето тоа беше изведено мошне итро и, се разбира, во тесен круг, во кој беа другарите од политичката врхушка и, се разбира, ескорт од личности од јавниот и културниот живот за приказната да биде поубедлива. Градежната оператива го расчисти теренот, го распарцелизира и ги удри темелите на првото прелевање на капиталот од фондовите на постземјотресно Скопје во приватни имоти, кои сега во посттранзицијата се вистинско богатство. Многу од нив се продадоа на новопечените богати махери и трагата полека се покрива и брише. Многу од бетонот и преостанатиот градежен материјал од солидарната братска помош се вгради и околу охридското крајбрежје подалеку од погледот на граѓанството и на изглед плиткиот комфор ја докусури и ја испразни касата. Градскиот плоштад остана празен и безличен. Одвреме-навреме ќе се соберевме на кејот и ќе запеевме понекоја наша и понекоја слободоумна странска песна. И тоа беше така.
Во 2010 започнува нова етапа. Некои нови клинци, со нов ентузијазам решија повторно да градат. Ни ги претставија своите идеи и визии во 3Д-виртуелна анимација. Одеднаш се појави некаква топлина во нас, визури на Скопје за кое отсекогаш сонував, мечтаев. Визури во кои Скопје, градот од нашите соништа како птицата феникс никнува виртуелно паралелно со градењето на театарот, Музејот на револуцијата, Филхармонијата, Уставниот суд, мостовите.
Навистина е така како што запишал во своето книжуле Пандолф Валкански, пардон Вулкански. Прво што ми падна напамет беше – Мерил Стрип во некој мој филм, снимен на овие урбани локации. Но во исто време тргна и лавина на некаков неразбирлив отпор и спротивставеност од некои наши сограѓани (дали се тоа навистина) на кои ваквите зафати им се сомнителни. Од кои причини, Господ знае. Или можеби е матната и нечиста совест во прашање.
Одговорите брзо ќе ги пронајдете ако подобро ги запознаете. Прашањата и дебатата околу еклектицизмот, стиловите се неубедлива аргументација на оние што ги нагрдија и испокрадоа Скопје и нивните потомци, кои никако не можат да сфатат дека времињата се променети, дека само практиката е критериум на вистината. Парите што ќе се вложат во градење не се гола политичка теорија, туку израз на отелотворена визија, која вечно ќе остане на скопскиот плоштад. Времето и поколенијата ќе кажат кој бил во право.
Статијата беше прочитана 3.222 пати. Голем број злобни „отровни“ коментари, зачуденост, несогласување, иронија…, но и еден навистина оригинален и шармантен… Мерил Стрип, 17.12.2012… Аљоша, ти благодарам на убавите желби. Веднаш ги откажувам сите аранжмани и доаѓам! Сум читала во сите светски весници за убавината на „Скопје 2014“, пред два дена во „Le point! Сакам да се видам со фамилијата на Цане Бабачко, го барав во Грција, но ми рекоа се преселил кај вас. Не заборавај во сценариото да ги ставиш жалните врби и плажите на Коце! Не се ни сеќавам кога последен пат сум играла во комедија! П.С. Обезбеди ми пајтон и чекај ме во пет кај вртелешките! И за крај една вест „од извори блиски до владата“… Една од причините за немилоста во која падна поранешниот премиер Груевски, освен многубројни „барокни градби и преоблекувања на зданија од бруталистички фантазмагории во натур бетон, била и намерата и зградата на американската амбасада да ја преоблече во барок… и сосема за крај…“
– Го променивте начинот на кој ги гледаме жените во светот на кинематографијата. Ни дадовте нова слика за нас самите – рече француската актерка Жилиет Бинош, доделувајќи ѝ ја наградата на американската актерка, која го започна Канскиот филмски фестивал со емотивно признание…
– Многу сум среќна што не сте уморни од моето лице… – ќе рече 74-годишната оскаровка Мерил Стрип.
Аљоша Симјановски