Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е организатор на седмата Меѓународна научна конференција насловена како „Предизвиците во туризмот и бизнис логистиката во 21. век“, која ќе се одржи утре во Порта Македонија, Скопје.
Меѓународниот научен комитет на оваа конференција брои еминентни професори од Македонија и од над 15 странски земји, како: Израел, Шпанија, Франција, Молдавија, Италија, Грција, Египет, Полска, Турција, Романија, Србија, Хрватска, Бугарија, Босна и Херцеговина и Словенија.
Целта на оваа конференција е да промовира поголемо разбирање на бизнисот, економијата, туризмот, културата и културното наследство, образованието.
Традиционално, и оваа година Конференцијата ќе започне со панел-дискусија на тема: „Глобалната динамика и можностите за поттикнување на економскиот раст: преглед на состојбите во бизнисот, културата, културносто наследство и туризмот“, каде што емининетни панелисти од Македонија ќе ги дијагностицираат состојбите токму овде, со препораки за потребните реформи.
Оваа меѓународна конференција ќе биде збогатена со Етнолошка изложба на народни носии од Македонија (плакати) иницирана од страна на м-р Александар Јорданоски, експерт за заштита на културното наследство, а реализирана со поддршка на проф. д-р Владимир Јаневски, етнокореолог од Музичката академија од Штип.
Повикот за трудови на оваа конференција третира теми кои наметнуваат фокус на учесниците и истражувачите насочен кон најновите трендови и предизвици во врска со развојот на туризмот, менаџирањето со компаниите, пазарот на труд, можностите за придобивки и профит, изгледите за подобра конкурентност на меѓународниот пазар, што пак е императив за финансиската стабилност на Македонија во целина.
– Со пристигнатите трудови и авторските истражувања, убедена сум дека ќе се оствари целта на Конференцијата, а тоа е оценување на тековната состојба и идните изгледи за развој на микроплан, што се однесува на домашниот пазар, како и движењата на глобалната економија, подготвувајќи ја бизнис-заедницата за предизвиците со кои ќе се соочуваат при остварувањето на нивните цели, што де факто влијае врз одржувањето на финансиите, особено во времето кое го живееме под притисокот на актуелната економска состојба. Во однос на учеството на еминенти експерти од Македонија, знам дека препораките кои ќе произлезат од панел дискусијата, ќе бидат препораки кои ќе адресираат како да се зајакнува капацитетот на компаниите, какви промени се потребни во регулативите кои го диктираат нашиот пат, како да се подобрат состојбите во бизнис-секторот, туризмот, културата и културното наследство воопшто. Верувам дека дискусиите ќе дадат одговор и на тоа како реагираа и како треба да реагираат менаџерите на финансиски средства во услови на голем пазарен ризик, пазарни шокови и како треба да се подготвуваат инвеститорите во поедини сектори.
Токму овие препораки ќе бидат двигател на реформски процеси во насока на подигање на квалитетот на образованието заради поголема продуктивност на трудот, конкурентност на економијата и намалување на неусогласеноста на понудата на вештини и компетенции и побарувачката на пазарот на труд – изјави деканката на Факултетот за туризам и бизнис логистика и претседател на Организацискиот комитет, проф. д-р Татјана Бошков.