Отворено писмо до митрополитот на Имврос и Тенедос, г. Кирил од Вселенската патријаршија
Почитуван г. Кирил, митрополит од Фанар, ова мое отворено писмо по аналогија на темата е упатено и кон Вартоломеј и целото фанарско свештенство во Вселенската патријаршија, а повод е вашето интервју на МРТВ што го пренесе и весникот „Вечер“ (13‒14 април 2024). Може сте изненадени што е тоа напишано не од свештено лице, туку од поет, верник, но неокован со прангите на црковната догматика. Па и самиот Христос е неокован со неа и е поет, најдобриот што го познава светот како што мисли и Оскар Вајлд, а јас целосно се сложувам со него.
Господине Кирил, неоспорно дека за вас на самиот почеток на писмото е шокантен неговиот тезисен наслов, а потоа и императивен за неприфаќање на томосот од Фанар. Зошто? Ќе се обидам да ви ги претставам моите аргументи, различни од некои наши пофанариотени владици, разноразни аналитичари, новинари итн., оти сè уште се фрлаат пари за пропаганди кај нас. Тие се добро извежбани во квислинштвото и, следствено на тоа, во политцрковната еквилибристика. Но веднаш, in medias res, да преминам на главното. Вашето интервју г. Кирил е во стилот, простете што сум сурово искрен, на типичната одисејска грчка лукавост за која пишуваше и Хомер. Таквата моја искреност, пак, е резултат и на мојата болка од фактот што мојот народ сега е опколен отсекаде со уривачи на неговиот генерички идентитет во што е вклучена посебно Грција, на што се надоврзува сега и со сите отворени и прикриени белези и гркоманскиот Фанар чии акти, како и кај сите подржавени цркви, се повеќе, многу повеќе книшки, световни, отколку свети. Црквата е онтолошки поим, Логос, втемелена како психолошко Јаство во психата на човекот. Симболошки таа е уште и Невеста Христова, но како што гледаме од подржавената и исполитизирана црква одведена во бордел, извалкана и обесветена. Веројатно и самиот Христос однапред го знаел тоа кога рекол дека ни една црква од цигли и малтер не може да го собере неговиот Татко чиј престол е на небото, а стапалата на земјата. Единствена црква што може да го собере него, вели тој, тоа е човечкото срце. Тоа обично го премолчуваат пред верниците владиците, вклучувајќи ги и Фанар и Ватикан. Итн. Христос нуди без догми, комплицирани правила и сл. едноставно решение за недоразбирањата: Љубовта, Вистината и Слободата на личноста. Тој е пред сè личносен Бог. Оттука рускиот религиозен филозоф Николај Берѓаев, сјаен егзегет на филозофијата на христијанството, и вели дека соборноста на која инсистира црквата може да се оствари дури и во само една личност со искрено длабока вера со која може да се чекори по вода и да се фрли ридот во море. И Толстој размислува радикално христијански во тој стил. Вели дека е доволна само Христовата заповед „Сакај го ближниот твој како што се сакаш себе“, ништо друго за да бидеш христијанин и во Христос.
Дотука е јасно. А сега преминуваме г. Кирил на македонското искуство од Фанар. Од 19 век сè до денес тоа е горчливо и за нас мартирско. Секогаш Фанар за нас бил вглобен не во божјата љубов, туку во грчката политика, а сега и во западната на Брисел и Вашингтон за идентитетското уништување на Македонците. Томосот што ни го нуди Вселенската патријаршија е исто така лукаво стокмен за таа цел, затоа и го игнорирате српскиот, кој е за вас ништовен, лажен е и како што велите „срам за црквата“. Вие сега нè гледате нас како жртва на Србите, кои 50‒60 години нè понижувале и непризнавале, а еве сега ни даваат томос демек за да нè допонижат. Добро г. Кирил, може евентуално, хипотетички и да се сложам со вас, иако заборавате да кажете дека во тоа понижение кон нашата црква и вие сте биле цврсто сплотени поради познати цели со Србите. Добро, но нели можеби и најважната институција што ја воспоставил Христос е институцијата со име Проштевање. Еве, сега ние во име на божјата љубов им проштеваме на Србите и братски се прегрнуваме со нив во Христос. Тоа, коешто вие не сакате да го видите, па зборувате за некаков заговор против Фанар во кој учествуваат и Русите преку Србите, како причина на што се, според вас, жртва македонската црква и Македонија, која сака да ја зграпчи Русија. Значи пак вас ве интересира повеќе и пред сè политиката, а не Божјото Слово, Љубовта и Вистината. Оти, според вас, макар колку и лукаво да се изразувате во целофанот на божем божјата мудрост и љубов кон нас, вие и не криете дека проектот томос од Фанар е фактички проект за докусурување на македонскиот мемориски идентитет, кој само го дополнува на тој план геноцидниот и културоцидниот проект на Преспанскиот договор за таа цел. Да. И вие без никаква скрупула велите во вашето интервју: „Кога се склучи Преспанскиот договор и заврши прашањето со името, патријархот (Вартоломеј м.з.) во консултација со владата на Грција (зарем Фанар не може без влада и политика? м.з.) ги молеше, буквално ги молеше Србите да дојдат и да седнат на маса…“ За што? За не Русите, а тие со нив повторно како и порано да ја кројат и дефинираат судбината на нашата црква. Значи, според вас, сега сме со Москва, Третиот Рим, кој ете сега со прашањето за македонската црковна афтокефалност му покажа заби на Вториот (во Фанар ‒ Цариград), а, како што гледаме, и на Првиот во Ватикан. Рим, Рим, Рим, а сè тоа воленс-ноленс нè води, искрено, кон Римската Империја, односно кон империјалната психа за доминација. Широка тема, која е достојна и за една темелна психоаналитичка студија.
Така. Туку да се вратиме г. Кирил на Преспанскиот договор кој навистина непромислено и несреќно го спомнавте во интервјуто. Велите дека со него „заврши прашањето за името“. Но не е! Не е, оти тоа е разбојнички, со помош и на западната „меѓународна“ заедница и македонските квислиншки политички идиоти, грабнато и подарено на Грција како нејзин културно-цивилизациски имот со Филип, Александар и цела Античка Македонија, а ние сме обезименети со онаа смртоносна северна. Не, не завршило прашањето со името Г. Кирил, ќе си го вратиме назад бидејќи е наше, а за тоа говори не само најважниот религиски туку и антрополошки и културолошки европски документ создаван во 77 книги на протекот на 1.500 години Библијата. Дали сте ја прочитале како што треба со Словото на божјата љубов? Ако сте ја прочитале, тогаш ќе знаете дека името Македонија, нашето генеричко име се провира како златна венчална жица од првите страници на Битие во Стариот до последните страници на Новиот завет со божји благослов и закрила. Па зарем е случајно и тоа што најревносниот Христов апостол Павле Бог го праќа, имено, во Македонија. Го праќа затоа што македонската космополитска душа била најблиска до концептот на универзалната сечовечка љубов што ја проповедал Синот. Во Македонија е основана и првата христијанска црква во Филипи од Лидија Македонката и Павле. Прва во Европа. Павле божествено ги засакал Македонците затоа што биле христолики и со нив, „светила во расипан род“, како што ги вика тој, сакал да се пофали и пред Господ. Во нив имал бескрајна доверба. Се разбира ги сакал и Грците, но со нив имал мака да ги христијанизира и одлепи од паганството. Затоа им советувал во своите посланија ним (на Ахајците како што ги вика нив) да се угледаат во верата на богољубивите Македонци.
Тоа е вистината на која сега може не сакате да навраќате г. Кирил. Сте ги читале без сомнение посланијата на Павле. Од него, па потоа преку Јустинијан и Јустинијана Прима на која се надоврзува Охридската архиепископија сè до МПЦ денес нашата црква има во основа непрекинат духовен континуитет, незаразен како Фанар со енормно политикантство. Велите дека единствено Вартоломеј и неговата патријаршија имаат право на еклатон (апелација) за наоѓање „решение кога некоја помесна црква ќе стаса во ќор-сокак“. Мислите на македонската сега, која вие ја викате „охридска“ без да се осмелите да ја наречете со нејзиното генеричко име Македонска православна црква. Наместо тоа барате од неа како цена за вашиот антибожји томос таа да не го употребува него, именката Македонија ниту придавските изведенки од неа, што е културоциден акт како и Преспанскиот договор. Тоа, оти во Фанар (не ни е потребен Фројд за таа дијагноза) има нешто болно суетно и нарцистичко. Самата титула на Вартоломеј Вселенски патријарх го манифестира тоа бидејќи разбирливо за христијаните вселенски патријарх е само Христос, и само негова е Вселената како патријаршија, а не на Фанар, кој во цезаропапизмот речиси го надминува и Ватикан. Потоa Фанар ја поседува и маната на етноцентричност во отсуство на космополитизам, форсирајќи ја докрај гркоцентричноста над црквите над кои има власт.
Доказ за тоа е тоа што тој во црквите во Цариград, Ерусалим, Антиохија и во Александрија како челници секогаш и без исклучок поставува свештеници со грчко потекло. Грци.
Да. А што се однесува до љубовта на Фанар и грчкото свештенство кон Македонците постојат поразителни факти што говорат за тоа во обратен антибожји правец. Ќе ве потсетам само на оној страшен нацистички митинг во Солун со еден милион Грци во почетокот на деведесеттите години кога се бараше смрт за штотуку основаната млада Македонска Република. Подоцна таа од Грците посакувана смрт на Македонците и дојде со гробницата ископана во Преспа 2018, а сега, еве, г. Кирил, би требало, за да биде совршена, да дојде и до томосот што носи смрт и за генеричкото име на МПЦ преименувана во „охридска“. Тоа е вистината што вие без никаква грижа на совеста би ја нарекле божја. И да се вратиме на страшниот митинг во Солун. Него како што знаете го организираа, имено, грчките свештеници, кои се чеда на Фанар. Па и еден од најголемите грчки крвници кон Македонците, знаете, беше грчки владика ‒ Каравангелис. Знам, тоа е непријатно да го слушате и читате, но тоа е вистината. Тука нема никаква љубов, како што нема ни во томосот на Фанар, кој го препознавме како некој вид подарок не од Бог со посредство на вас, туку од Лукавиот, кој е вгнезден во подржавените политикански цркви и владици. Вгнезден во, како што вели Берѓаев, „историската црква“, која го расипа христијанството. А нам, Македонците, г. Кирил, и не ни треба никаков томос, најмалку од политикантскиот Фанар, бидејќи него тој ни го донесе лично од Бог апостол Павле, кревајќи ја истовремено со него и нашата црква што стана неизбришлив идентитетски печат на нашето колективно битие. А тоа значи дека тој божествен печат е удрен и на нашето име, кое разбојнички го украде Грција. Но Бог Исус Христос има план за нас и нема да нè напушти, затоа што никогаш не го изневеривме и затоа што ја знае цената на нашата сиромаштија, светост и мартирство во кое, за жал, има не мал прилог имено и Грција. Затоа покажете малку божја љубов и милост и поштедете ги Македонците, кои не се северни, од вашиот томос со културоциден мирис, оти сите ќе бидеме според своите дела мерени на вагата на Страшниот суд горе. Работите се решаваат само со љубов, со Христос и во Христос, а не со Лукавиот и во Лукавиот, со политиката и во политиката.
Простете за мојот малку остар тон, но тој извира од Вистината и болката. Ви посакувам добро здравје и сè убаво вам, на вашиот патријарх и на целото свештенство на Фанар во име на божјата Христова љубов и спасение. Со почит, Ефтим Клетников.