Македонците и изминатиот викенд масовно се собраа на традиционалниот семакедонски собор во Роженскиот манастир и во Мелник

Традиционалниот семакедонски собор во Роженскиот манастир и во Мелник е симбол на борбата за човекови и малцински права, но и потсетување за бугарското општество и Европската Унија, но и за Македонија, како матична држава на македонскиот народ, за неправдата и голготата што започна со забраната на ОМО „Илинден“ – Пирин на 29 февруари 2000 година од страна на Уставниот суд на Република Бугарија, нешто што е спротивно на меѓународното право за човекови и малцински права. Признавањето или непризнавањето на македонското малцинство во Република Бугарија е издигнато како политичко прашање што навидум ги загрозува бугарските национални интереси, а оттука може да се објаснат и годинашните непотребни притисоци и провокации од бугарска страна

Семакедонскиот собор во Бугарија како симбол на борбата за човекови и малцински права

Деновиве, поточно на 21 април, се одржа традиционалниот семакедонски собор во организација на претставниците на македонското малцинство во Република Бугарија. Најпрво се положија цвеќиња пред гробот на македонскиот великан Јане Сандански во Роженскиот манастир, а потоа соборот официјално започна во градот Мелник пред споменикот на Сандански со поставување венци и цвеќиња, како и едноминутно молчење и поклонување. Низ децениите, семакедонскиот собор се оформи како симбол на напорите за остварување на основните човекови и малцински права во Република Бугарија. Но семакедонскиот собор е и потсетување дека Република Бугарија на најгруб начин го прекршува меѓународното право за човекови и малцински права, нешто што е особено очигледно од потврдата на Апелацискиот суд во Софија на одлуките на Регионалниот суд во Благоевград за одбивање да се регистрираат македонски здруженија со образложение дека „во Бугарија не постои посебна македонска етничка припадност“.

Семакедонскиот собор како потсетување за дискриминацијата на Македонците

Делегацијата на претставниците на македонското малцинство беше предводена од Милан Ризаков, а пред присутните се обратија Борис Сандански (писател, автор, новинар, собирач на фолклорни материјали и внук на Јане Сандански) и Димитар Иванов. Семакедонскиот собор беше заеднички организиран од здруженијата и организациите на македонското малцинство во Република Бугарија, односно од ОМО „Илинден“ – Пирин, Македонското меѓународно движење за човекови права, ОМО „Илинден“, Антички Македонци, Друштвото на репресираните Македонци во Бугарија, македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“, Друштвото за заштита на основни човекови права, Македонскиот дискусионен клуб за етничка толерантност и правозаштитниот комитет „Толерантност“.
Семакедонскиот собор во Роженскиот манастир и во Мелник во изминативе триесет години се оформи како симбол на борбата за остварување на човековите и малцинските права на припадниците на македонскиот народ во Република Бугарија. Едноминутното молчење, поклонувањето, положувањето цвеќиња и венци пред гробот и споменикот на Јане Сандански не се случајни. Сандански во националната меморија на македонскиот народ останува запаметен како човекот што ги заштитуваше и промовираше македонските национални особености, а неговата идеологија (санданизмот) трајно се вгради во свеста на македонското малцинство во Република Бугарија, како основа на повеќедецениските напори за остварување културно-национални и граѓански политички права кај нашиот источен сосед.
Традиционалниот семакедонски собор во Роженскиот манастир и во Мелник е симбол на борбата за човекови и малцински права, како и потсетување за бугарското општество и Европската Унија, но и за Македонија, како матична држава на македонскиот народ, за неправдата и голготата што започна со забраната на ОМО „Илинден“ – Пирин на 29 февруари 2000 година од страна на Уставниот суд на Република Бугарија, нешто што е спротивно на меѓународното право за човекови и малцински права.
Според нашите соговорници, семакедонскиот собор во организација на македонското малцинство е потсетување и за многубројните пресуди на Европскиот суд за човекови права во полза на македонските организации, но и потсетување дека Република Бугарија одбива да ги спроведе, со што на најдиректен начин се прекршуваат малцинските права на Македонците. Според претставниците на ОМО „Илинден“ – Пирин, забраната на регистрација на нивната партија се употребува како правна основа за дискриминација на Македонците во Република Бугарија, но и да се формализира лагата дека во Бугарија нема оформена македонска народност.
Нашите соговорници исто така велат дека поклонувањето, положувањето цвеќиња и венци пред гробот и споменикот на Сандански се потсетување за сите, вклучувајќи ги и политичките субјекти во Република Македонија, дека во 2009 година и повторно во 2010 година, Апелацискиот суд во Софија ги потврди одлуките на Регионалниот суд во Благоевград за одбивање да регистрира две други македонски здруженија со образложение дека „во Бугарија не постои посебна македонска етничка припадност“. Семакедонскиот собор исто така е и потсетување дека Апелацискиот суд во Софија образложил дека самото постоење организација на етнички Македонци е спротивно на бугарскиот устав, иако во самиот устав се вели дека ќе нема дискриминација врз основа на етничката припадност, посочуваат нашите соговорници.
Признавањето или непризнавањето на македонското малцинство во Република Бугарија е издигнато како политичко прашање што навидум ги загрозува бугарските национални интереси, а оттука може да се објаснат и годинашните непотребни притисоци и провокации од бугарска страна.
Од ОМО „Илинден“ – Пирин информираат дека настанот и овој пат бил обезбедуван од околу стотина униформирани и цивилни полицајци, а соопштија и за провокација од т.н. фондација „Македонија“, како и за голем број притисоци од страна на припадниците на бугарското Министерство за надворешни работи. За овие притисоци и провокации, претставниците на македонското малцинство во Република Бугарија ги информираа и претставниците на македонските политички партии во Република Македонија, велат нашите соговорници. Д.Ст.


Продолжува правната борба за остварување на човековите и малцинските права

Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград поднесе тужба против Европската комисија до Судот за правда во Луксембург за да ја принуди Бугарија да го регистрира клубот и со тоа да го заштити европското право на асоцијација и здружување. Во тужбата, од Судот за правда се бара да ѝ ги скрати на Бугарија сите финансии што доаѓаат од Кохезивниот фонд во висина од 1,467 милијарда евра сè додека не го регистрира Македонскиот клуб за етничка толеранција од Благоевград, чија регистрација беше одбиена само затоа што е македонска. Во 2022 година, Македонскиот клуб поднесе претставка против Бугарија во Европската комисија за непочитувањето на европското право сметајќи дека Бугарија го крши членот 12 од фундаменталните права на ЕУ, кој е дел од Договорот на ЕУ. Европската комисија се прогласи за ненадлежна за овој случај сметајќи дека нема надлежност да врши мониторинг на малцинските права во ЕУ-членките, како Бугарија.
Оваа одлука за Македонскиот клуб за етничка толеранција беше неприфатлива, дека со оваа одлука ЕК го крши членот 317 од Договорот за функционирање на ЕУ, кој кажува дека ЕК мора да врши мониторинг и ревизија на земјите членки за да спречи кршење на фундаменталните права на ЕУ. Ова е прв правен процес внатре во Европската Унија што се однесува на дискриминацијата врз Македонците во делови од ЕУ. Со оваа тужба, Европската комисија е принудена да даде одговор до Судот за правда за кршењето на основните човекови права на Македонците во Бугарија.
За оваа проблематика, Стојко Стојков од ОМО „Илинден“ – Пирин вели дека по 23 години непризнавање на македонските културни здруженија во Бугарија, европските стручњаци почнуваат да го разбираат проблемот. Последната одлука на Комитетот на министри на Советот на Европа значи засилен мониторинг, двапати годишно средби и намалување на просторот за маневрирање на бугарските власти.