Како психолог, нурнат во областа на онкологијата, значењето на психолошката состојба за време на лекувањето на карциномот е многу важна. Психологот има огромна улога во негувањето на врската тело – ум и во поддршката на онколошките пациенти низ целото нивно патување за време на лекувањето, еластичноста на психата може да ја зајакне физичката благосостојба.
Сложениот танц помеѓу умот и телото е камен-темелник на холистичката здравствена заштита, особено важен во областа на онкологијата. Во склопот на онколошкиот третман, негувањето на умот е исто важно како и лекувањето на телото.
Од самиот почеток на дијагностицирањето, експертизата на психологот во разбирање и решавање на психолошките аспекти на канцерот е од исклучителна важност за поттикнување издржливост, барање и јакнење на резилиентните снаги.
Во патување со борбата против карциномот, врската тело – ум е важна и станува евидентна бидејќи анксиозноста се манифестира и физички, со што се нагласува потребата од психолошка поддршка за намалување на страдањето, како и целата благосостојба. Умот и телото се вкрстуваат и поврзуваат многу длабоко, со што е неопходна сеопфатна грижа.
Обезбедувањето поддршка на пациентите од самото дијагностицирање вклучува стратегии за емоционална регулација, психоедукација, односно подготовка на пациентот за справување со шок и неизвесност – реакции што се најчест одговор меѓу пациентите, нудејќи безбеден простор за изразување и валидација на нивните емоции, односно улогата на психологот е да постави основа за проактивно справување и приспособување на предизвиците што постојат.
Една од најзначајните задачи на психологот е пронаоѓање и јакнење на резилиентните снаги на човекот. Охрабрување на пациентите, негување, поттикнување и јакнење на резилиентните снаги се темелникот на психолошката грижа во рамките на психоонкологијата.
Резилиентните снаги претставуваат снаги на отпорност, односно резилиентноста претставува способност да се издржат и да се надминат животните предизвици. Отпорноста не е само отскокнување од неволјите туку капацитет за приспособување и растење наспроти предизвиците. Улогата на психологот е да ги води пациентите кон подлабоко разбирање на нивните внатрешни сили и ресурси. Секој од нас поседува капацитети и снаги со кои може да се соочи со животните предизвици.
И за време на третманот и по завршувањето на целокупното лекување, пациентите се соочуваат со огромен број предизвици, чести дијагностички процедури, страв од повторување на болеста, егзистенцијални грижи и тешкотии при приспособувањето. Поради тоа е потребна психолошка поддршка, а секој вид поддршка има своја важност, поддршката од семејството, од пријателите, од колегите, поддршката меѓу пациентите. Често се занемарува колективното влијание на болничкиот персонал врз психолошката состојба на пациентите, секоја интеракција на секој еден вработен придонесува за искуството и перцепцијата на пациентите за време на ова нивно лекување. Сочувствителна насмевка, смирувачки збор или емпатичен гест може длабоко да влијаат на издржливоста на пациентот и на целокупната психолошка состојба.
Преку индивидуално советување, групи за поддршка и работилници обезбедуваме континуитет на грижата, од голема важност се и групите на социјалните мрежи, кои ги формираат пациентите за меѓусебна поддршка, како и огромниот придонес на Комората на психолози.
Важно е пациентите да знаат дека не се сами и имаат огромна поддршка за време на лекувањето од психолог, од нивните онколози, како и од целиот персонал за време на нивното лекување, впрочем тоа е и нашата задача таму, за тоа сме ние присутни таму.
Елена Трпчевска
(Авторката е психолог на Универзитетската клиника за онкологија и радиотерапија)