Токму во деновите на предизборието, кога официозите и властите на митинзи, дебати и кампањи ни кажуваат и нѐ уверуваат дека многу направиле, нашата мила татковина Македонија доби опомени од светски институции дека не е баш како што се раскажува и дека многу нешта (не) се подобрени во земјава.
Американската организација „Фридом хаус“ во својот извештај за минатата година ја окарактеризира земјава како „цикличен хибрид“, која назадува во својот демократски развој, а Светската банка во својата економска анализа нѐ закотви на дното од земјите во регионот.
„Во име на слободата и демократијата – многумина ептен забегаа“, ќе речат некои. Овој срамен поданички и клиентелистички амбиент умешно го користат и т.н. толкувачи на постојната политичка криза (ама и какофонија) понесени од лукративниот мотив – корист по секоја цена. Извештаите на организациите од овој тип се шанса да се фатат за проблематични идеали и норми за слободата правдата законот, правото…
Всушност тоа е и смислата на барањата за почитување на копенхашките критериуми. На досегашната власт тие веројатно требаше да ѝ бидат поставени во поултимативна форма, за таа да не продолжува да ги игнорира фалејќи се со позитивните извештаи за нејзиниот „напредок“ додека продолжува да си работи по старо и да ја држи Македонија на дното од светскиот развој.
Некогашното верување дека нештата се вистинити затоа што се појавиле на телевизија или во весниците, денес е стопроцентен анахронизам, или само романтично поглавие сместено некаде во воведот на кусата неверојатна и бездушна историја на медиумите. Онаа силна димензија и оправдано нараснатата надеж што низ времето тие ни ја наметнаа и ја всадија во нашите кревки информациски тела, со жанровски разновидни кампањи на силните визии и ветувања, сѐ повеќе се претвора во мелодрамска антропоцентрична сапуница.
Мелодрамата, како драмска форма во која актерите се пренагласени (сакаат трипати повеќе и мразат петпати посилно) е иманентна на македонскиот дух и поведение. Од социолозите, третирано како поведение блиско на јужни темпераментни народи, интердисциплинарно е ламентирано дека е комбинација на повеќе фактори – клима, генетска предиспозиција, историско, културно и материјално наследство, социјалниот дискурс… Тоа особено се потврдува со последниве случувања на политичката сцена – секако, убаво надградени од медиумскиот пристап, со зашеметувачко богатство на форми, но и трескавични напори – да се биде ексклузивен, најгледан, да се одработи… Така, искрената духовност и емпатија, напати се транспонира во сеирџиски разговор на глуви (но и тврдоглави), каде што често наместо силата на аргументите, замената на тези – ги воспева ароганцијата, силата и силеџиството.
Поаѓајќи од фактот и свесни дека јавноста има незаситна љубопитност и сака да знае сè – освен она што е навистина вредно за знаење, медиумите се однесуваат и личат на трговец, кој ги задоволува барањата на јавноста, без интерес за поширокиот глобален контекст и општествен интерес.
Кому му служи теророт што сакаат во кампањите, на социјалните мрежи, да го наметнат како јавен дискурс, вообличен како серија жанровски драмолетки зачинети со пикантерии од приватниот живот и комуникација, на што сме изложени секојдневно од континуиран медиумски бараж, кому (не) му успева да произведе и наметне во нашето живеење атмосфера на морбидна „кафкијанска“ илузија, во која последиците им претходат на причините. На обезличениот граѓанин (гласач гледач, читател, партиципиент во социјалните мрежи) сиот овој долг транзициски период му ја поттураат надежта во вид на конфузни програмски определби, шпекулации, спинови, го потхрануваат и одржуваат во анксиозна пат-позиција и му го парцелизираат и стеснуваат просторот на слободна волја.
Минатото е лага, сегашноста изобилство од неизвесност, за иднината се нуди форма на вистина, и сето тоа во рамките на раѓањето на уште еден сладок парадокс, што со силата на интензивна медиумска сугестија нѐ плени и нѐ подредува според логиката на театарот на апсурдот, која немо и беспоговорно ја следиме како дневни активни протагонисти.
Објективни и слободни медиуми, хм! Еве, уште еднаш да повториме и подвлечеме. Такви денес нема никаде и не постојат. Можеби само некои форми и траги, привид, низ кои објективно се поттураат, пренесуваат, содржини, известувања, скриени агенди, спинови и значења. А какви се состојбите во нашиот сокак. Вистинска антропоцентрична сапуница.
Објективни медиуми и слобода на изразување, тоа е дејноста во која се впрегнати – дузина медиумски хистерични конвертити, набрзина остручени по кумровечки терк, од кои оние „највредните, најагилните и најобјективните“ се произведени во државни портпароли, шефови на партиски штабови, парламентарци, а неколкумина и богато наградени со акции од транзицискиот плен.
Па, како што се појавуваат редовните годишни извештаи на фамозните „Репортери без граници“, „Фридом хаус“ за состојбите, слободата на медиумите, во кои стандардно сме позиционирани како делумно слободни, секогаш како по правило се отвора (божемна) дебата за состојбите во нашиот случај. Едни го доживуваат тоа како самрак на демократијата, слободата на говорот, изразувањето, површен и лектирски пристап, млаки анализи и општи места и пристап, што се вели – да се пројде на редот. Се некакви исчудувања, вџасеност, вчудовиденост, згрозеност од падот на рејтингот и степенот на доверба што го генерираат, до квазифилозофски бладања и откривања топла вода.
Не е никаква тајна дека со медиумите низ целата Гутенбергова, сега и во дигиталната ера се раководело, управувало директно од канцелариите и бироата и централите на мултинационалните корпорации, конзорциумите. Во сите епохи на „кусата неверојатна и бездушна историја на медиумите“ уредувачката политика се обликувала според одредени нивни желби, визии… така е тоа и во традиционалните и современите медиуми. Но нивната улогата во генерирањето општествена моќ и власт и понатаму е клучна.
Клучното прашање е како да се демистифицира медиумскиот привид во кој сме вовлечени. Како да се ослободиме од медиумската баражна ескалација, која одново и одново се обидува да воспостави еден вид империја – хелиоцентричен онтолошки систем, според кој смислата не се врти повеќе околу нас, (граѓанинот) туку ние сме во еден коперникански хаотичен грч во обидот да им се доближиме. Едноставно! Со оглед на ноторниот факт дека светот сепак постои, да се свртиме кон реалниот живот и реалните секојдневни проблеми во него.
А што се однесува на редовните извештаи на „Репортери без граници“, „Фридом хаус“, Светската банка… и други слични инстанци, за оние што од скоро ги читаат и анализираат, ништо ново. Тоа е само рутински пресек заклучок, подготвен преку брифинзи на „објективни домицилни поединци“ и донесен врз основа на нашиот севкупен демократски, економско-политички, образовен, културен, духовен и ментален степен на развиток, што во услови на глобална информациска поврзаност е едноставно и лесно изведен.