Европа бара начин да ги задржи мигрантите далеку од сопствените граници / Фото: ЕПА

Пактот, кој содржи десет закони за решавање на проблемите со миграцијата и азилот, се гледа како победа на центристичките партии над левите и десните сили, но експерти и невладини организации предупредуваат на многу опасности, но и нефункционирање на принципот на солидарност

ЕУ УСВОИ ПАКТ ЗА ЗАШТИТА НА ГРАНИЦИТЕ

Европските законодавци, бирократи, стратегиски, експерти… од 2015 година преговараа, договараа, препишуваа и допишуваа текст за реформа на системот за миграција и азил. Конечно во средата бел чад се возвиши над Брисел – со 322 гласа за, 226 против и 31 воздржан е усвоен новиот европски пакт за миграција и азил. Тој кон крајот на април ќе треба да се завери со печат на Советот на ЕУ, а за период од две години и да почне целосно да се применува.
Првите оцени се дека реформата на законите за миграција и азил се победа на центристичка Европа над крајните и во подем левичарски и десничарски партии. Затоа многу аналитички центри во Европа проценуваат дека ЕУ, всушност, по овие прашања ќе оди по жилет. Основната идеја на пактот е да им се помогне на земјите од „првата линија“ на наплив на мигранти, како што се Шпанија, Италија и Грција, и фер или солидарно распоредување кон другите членки на Унијата. Ако земјите го одбиваат тоа ќе треба да плаќаат високи глоби!

ВО ИГРА И НЕЧЛЕНКИ НА ЕУ

Но во овој пакет од десет закони со кои ќе се регулираат сите процеси, од прифаќање, издавање азил, па до распоредување по земјите во ЕУ, се дава улога и за држави што не се членки на ЕУ, но кои се сметаат за безбедни, па и кај нив ќе се распоредуваат мигрантите. Албанија веќе е на листата, а Македонија се пријави, но засега е на листа на чекање.
Европски медиуми истакнуваат дека е јасно оти требало да се игнорираат приговорите на европските екстремно десничарски партии, кои воскреснуваат, кои сметаа дека не е доволно тешко и, можеби, се надеваат дека ќе профитираат на гласачките кутии од дозволувањето на сегашниот хаос околу миграцијата да продолжи.
И крајната левица се спротивстави, со образложение дека пакетот од 10 различни предлог-закони е премногу тежок, што го означува напуштањето на европските вредности на сочувство и човечко достоинство, предавање на крајната десница и голем удар врз човековите права.
Пактот на ЕУ е дизајниран да го забрза процесот на азил и да го поттикне враќањето на нерегуларните мигранти во матичните земји. Исто така, ќе бара од земјите членки на ЕУ да ја споделат одговорноста за барателите на азил. Минатата година околу 380.000 луѓе нелегално ги преминале границите на ЕУ – што е најголем број од 2016 година.

ЗАДОЛЖИТЕЛНА СОЛИДАРНОСТ

ЕУ соопшти дека пактот комбинира „задолжителна солидарност“ меѓу земјите членки со флексибилност. Иако некои земји од ЕУ и понатаму се противат на делови од договорот, се очекува тој да добие целосно одобрение на крајот на април со мнозинство гласови.
Според предложените правила, од 27-те земји на ЕУ ќе се бара или да примат илјадници мигранти од земјите од „првата линија“, како што се Италија, Грција и Шпанија, или наместо тоа да обезбедат дополнителни средства или ресурси.
Пактот, исто така, вели дека барањата за азил со „мали шанси да бидат прифатени“ треба да се испитаат брзо, без нужно да се прими апликантот на територијата на ЕУ. Договорот, исто така, има цел да се справи со барањата за азил во рок од максимум 12 недели. Во случај на одбивање, барателите на азил ќе треба да бидат насилно вратени во нивната матична земја во истиот период.
Мигрантите ќе бидат предмет на заострена процедура за проверка пред влезот во рок од седум дена, која ќе вклучува идентификација и здравствени и безбедносни проверки. Ќе се собираат биометриски податоци за секој мигрант на возраст од шест или повеќе години и ќе има механизам за одговор на ненадејното зголемување на пристигнувањата.
Пактот за миграција беше поддржан од двете главни политички групи – централно-десничарската група на Европската народна партија (ЕПП група) и централно-левичарскиот Прогресивен сојуз на социјалистите и демократите (СД). Двете групи се обидуваат да го одбијат силниот предизвик од десницата на парламентарните избори во јуни.

ПОФАЛБИ И КРИТИКИ

Германскиот канцелар Олаф Шолц го пофали „историскиот неопходен чекор“, а Роберта Мецола, претседателката на Европскиот парламент, рече дека тој постигнал „рамнотежа меѓу солидарноста и одговорноста“.
– Тоа нема да реши сè прекуноќ, но тоа е 10 огромни скока напред – рече таа.
Унгарија вети дека нема да прима никакви нерегуларни мигранти „без оглед на каков било пакт за миграција“, а полскиот премиер Доналд Туск го отфрли како „неприфатлив“ механизмот за прифаќање на некои баратели на азил или плаќање во фонд на ЕУ за државите во првите редови.
Иако многу европратеници го поздравија резултатот, неколкумина исто така забележаа дека договорот не е „совршен“.
– Тоа е компромис со кој можеме да работиме – рече словенечкиот европратеник Матјаж Немец, додека Белгијката Хилде Вотманс рече дека законодавството не е „совршено“, но дека таа сепак гласала за него.
Џордан Бардела од францускиот крајно десничарски Национален собир рече дека миграцискиот пакт е „страшен“ и ги повика Европејците да гласаат против претседателот Емануел Макрон, кој го поддржа договорот, на претстојните европски избори на 9 јуни.
Многу невладини организации, исто така, ги повикаа европратениците да не ја изгласаат реформата, при што „Амнести интернешнел“ предупредува дека пактот ќе доведе до „наплив на страдања“ за барателите на азил.
Еден вообичаен приговор од невладините организации е дека барањата на барателите на азил со мали шанси да бидат прифатени ќе бидат обработени или на мали погранични острови или во притворни објекти во државите на првата линија и ќе имаат помал пристап до правични процедури.
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина (IFRC) соопшти дека е загрижена и од „нормализацијата на притворот и од забрзаните процеси на границите“. Брзите одлуки ризикуваа да ги вратат луѓето на кои треба да им се даде азил, се предупредува. Х.И.


Орбан: „Уште една шајка во ковчегот на Европа“!

Унгарскиот премиер Виктор Орбан се огласи на социјалната платформа Х откако пратениците во Европскиот парламент во Брисел го изгласаа новиот пакт за миграција и азил.
– Пактот за миграција е уште една клинец во ковчегот на Европската Унија. Единството е мртво, веќе нема безбедни граници. Унгарија никогаш нема да попушти пред масовното миграциско лудило! Ни требаат промени во Брисел за да ја запреме миграцијата – рече Орбан.