Белград и совеста на Европа

Одлуката да се прифати барањето на Приштина за прием во Советот на Европа би претставувала преседан и јасен прекин со долгогодишната практика, бидејќи поделеноста и раздорот би ги ставила над основните вредности на организацијата. Од неговото основање во 1949 година, сите членки се едногласно примени во Советот на Европа

Сè, од НАТО-бомбардирањето на Србија, без одлука на Советот за безбедност на Обединетите нации, преку едностраното прогласување на независноста на Косово, до потенцијалниот прием на таканареченото Косово во Советот на Европа, е проткаено со преседани.
Во изминатите денови значително е засилена дипломатската активност околу приемот на „Косово“ во Советот на Европа. Приштина во 2022 година аплицираше за членство во оваа меѓународна организација. Во текот на претходната година и половина, српската делегација во оваа меѓународна организација успешно се спротивстави на приемот на оваа креација во членство. Без разлика на сите политички разлики меѓу членовите на српската делегација во Парламентарното собрание на Советот на Европа, која по правило секогаш ја сочинуваат претставници на власта и опозицијата, имаше единствен став кога станува збор за спречување на приемот на Косово.
Иако притисоците во претходниот период на меѓународно ниво беа силни, Косово сѐ уште не стана членка на Советот на Европа. Обраќајќи ѝ се на оваа организација, неколкупати укажав дека одлуката да се прифати барањето на Приштина за прием во Советот на Европа ќе претставува преседан и јасен прекин со долгогодишната практика, бидејќи поделбите и раздорот ќе ги стави над основните вредности на организацијата. Од неговото основање во 1949 година, сите членки се едногласно примени во Советот на Европа.
Во оваа смисла, приемот на Косово, за кој ќе се гласа во Парламентарното собрание на Советот на Европа, ќе предизвика поделби, што ќе биде преседан во оваа организација. Советот на Европа во претходниот период неколкупати зазеде принципиелен став за потребата од почитување на територијалниот интегритет на своите членки, пред сѐ на Украина. Од витално значење е оваа позиција да се одржува постојано и без исклучок. Исто така Косово не ги исполнува ниту основните услови за прием во членство, бидејќи српската заедница на Косово и Метохија денес е најзагрозената етничка група на европско тло, западно од украинскиот фронт.
Новата дипломатска офанзива на некои западни земји за прием на Косово ја нагласува обврската за решителен дипломатски одговор од Србија и српската делегација. Србија мора да започне обемна дипломатска кампања, со цел да создаде поделби во Парламентарното собрание на Советот на Европа. Целта е да се создаде преседан – прво гласање наместо консензус за прием на нова членка. Тоа бара исклучителна посветеност од сите членови на делегацијата, без разлика на политичката припадност, бидејќи тоа е прашање од национално значење.
Во случај препораката за прием на Косово сепак да добие мнозинство (што може да се очекува), Србија треба да испрати јасна порака за несогласување, што би можело да вклучи привремено повлекување на српската делегација и прекин на активностите до понатамошно известување. Дополнително, пред какви било одлуки за напуштање на членството во Советот на Европа треба да се разгледа и повлекувањето на српскиот амбасадор на консултации.
Напуштањето на Србија од Советот на Европа би било одлука со далекосежни последици, особено за граѓаните на Србија и нивните лични, човекови права, а имајќи ја предвид улогата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Затоа, оваа тема бара внимателна дискусија во Народното собрание, со целосна свест за сите импликации што ги носи таквиот чекор. Се разбира, ваквата одлука не треба да се исклучи, но треба да се имаат предвид последиците што ги носи таквата одлука.

Стефан Јовановиќ

(Авторот е поранешен претставник на Србија во Парламентарното собрание на Советот на Европа)

Политика.рс