Циклусот се состои од комедијата „Празни шишиња“ во режија на Зденек Сверак, „Студена војна“ на Павел Павликовски, „Инвалид“ на словачкиот режисер Јонас Карасек и „Плоштадот Москва“ на унгарскиот режисер Ференц Торок

Во рамките на априлската филмска програма на Кинотеката ќе се одржи циклус филмови насловен „Вишеградска група В4 филмски вечери“, посветен на кинематографиите на Чешка, Полска, Словачка и на Унгарија, кои се дел од Вишеградската група. Циклусот ќе започне вечерва, во 20 часот, со проекцијата на комедијата „Празни шишиња“, во режија на Зденек Сверак, по што ќе следува проекцијата на филмот „Студена војна“ на Павел Павликовски на 6 април. Следната недела ќе бидат прикажани и филмовите „Инвалид“ на словачкиот режисер Јонас Карасек на 12 април и „Плоштадот Москва“ на унгарскиот режисер Ференц Торок на 13 април.
„Празни шишиња“ (Чешка, 2007 г.) е во режија на Јан Сверак, со Зденек Сверак, Даниела Коларова, Павел Ландовски во главните улоги. Како автори на филмот се потпишуваат Јан и Зденек Сверак, можеби најпознатиот тандем во чешката кинематографија, кои за филмот „Коља“ од 1997 година го имаат добиено „оскарот“ за најдобар странски филм. Јан (синот) се потпишува како режисер, а Зденек Сверак е сценарист и ја игра главната улога во филмот. Тоа е комедија во најдобриот манир на чешката кинематографија и не случајно беше еден од најгледаните чешки филмови во 2007 година.
„Студена војна“ (Полска, Франција, Велика Британија, 2018 г.) е во режија на Павел Павликовски. Ова долгометражно филмско остварување по сценарио и во режија на полскиот филмски автор Павел Павликовски, можеби најпрепознаен по неговиот претходен филм, драмата „Ида“. Како и „Ида“, и „Студена војна“ е снимен во црно-бела техника. Премиерата ја имаше на фестивалот во Кан, пролетта 2018 г. Веднаш по премиерната проекција, филмот генерираше и доби пофалби и позитивни рецензии, станувајќи еден од најфалените европски филмови во последнава декада. Филмот се закити со три номинации за престижната статуетка „оскар“, како и повеќе номинации и неколку награди на доделувањето на Европските филмски награди.

„Инавид“ (Словачка, 2023 г.) е во режија на Јонас Карасек. Приказната на филмот се одвива во времето пред влезот на Словачка во Европската Унија и се соочува со сè уште актуелните теми на расизам, депресија, семејно насилство и нефункционален систем преку навидум едноставна приказна за работник за одржување во потрага по правда, кој одлучува да ги преземе работите во свои раце, тргнувајќи во одмаздничка мисија и откривајќи врски на пријателство на најнеочекуваните места.
„Плоштадот Москва“ (Унгарија, 2001 г.) е во режија на Ференц Торок. Тоа е првиот долгометражен проект на унгарскиот филмаџија Торок, еден од попознатите средноевропски филмски дејци. На почетокот на двеилјадитите токму ова остварување се закити со националната награда за дебитантски филм на Унгарскиот филмски фестивал. Торок е активен член и на Европската филмска академија. Директор на фотографија на ова остварување е унгарскиот фотограф и снимател Даниел Гараш, инаку редовен соработник на режисерот Торок. Во неговата филмографија се запишани и повеќе кратки филмови, музички видеа и промотивни клипови за познати светски фирми и брендови. В.Д.