За првпат од ноември 2023 година, тимот на мисијата „Војаџер“ доби податоци што може да се користат, но и да помогнат во поправка на компјутерот на сондата
Инженерите на НАСА испратија сигнал до „Војаџер 1“ и одговорот од најоддалеченото вселенско летало ги изненади. Наместо неупотребливите податоци, наизменични низи од единици и нули, кои пристигнуваа на Земјата со месеци, овој пат тоа беа податоци што може да се дешифрираат, давајќи надеж дека е можно да се поправи комуникацискиот систем на вселенско летало што се наоѓа на повеќе од 24 милијарди километри далечина.
Вселенското летало „Војаџер 1“ испраќа радиосигнали на Земјата од ноември 2023 година, но без употребливи податоци. Причината за тоа е проблем со еден од трите компјутери на сондата – потсистемот за податоци за летот (ФДС), кој е одговорен за пакување на научните и инженерските податоци пред да ги испрати на Земјата, објави НАСА на својот блог.
Тимот на мисијата „Војаџер“ на 3 март забележа активност во дел од ФДС што се разликува од другите нечитливи податоци испратени од компјутерот.
– Новиот сигнал сè уште не е во форматот што го користи „Војаџер 1“ кога ФДС работи нормално, но тимот не знаеше веднаш што значи тоа. Инженерот на „Дип спејс нетворк“, кој ги контролира антените одговорни за комуникација и со „Војаџер“ и со сите вселенски летала што летаат од Месечината наваму, успеа да го декодира новиот сигнал и откри дека ја содржи целата меморија ФДС – соопшти НАСА.
Меморијата ФДС ги содржи сите собрани податоци и инструкции и може да се преземе. Овој нов сигнал е резултат на командата испратена до „Војаџер 1“ на првиот ден од март. Бидејќи „Војаџер 1“ е толку далеку од Земјата, потребни се 22,5 часа за радиосигналот да стигне до него, а потоа уште 22,5 часа за да се врати назад до командата. На 7 март инженерите почнаа да ги декодираат податоците и на 10 март утврдија дека пораката ги содржи податоците што сега ги анализираат.
– Извештаите за смртта на „Војаџер 1“ можеби биле предвремени! Инженерите на НАСА добија ветувачки одговор од нашето најоддалечено вселенско летало, а тоа би можело да помогне во решавањето на проблемот со податоците – рече Кори С. Пауел.
Сузан Дод, проект-менаџерка на мисијата „Војаџер“ во лабораторијата за млазен погон на НАСА, неодамна изјави дека поправката на компјутерите на овие вселенски летала е предизвик бидејќи тие се примитивни машини, кои се послаби дури и од денешните клучеви за автомобил.
„Војаџер 1“ е едно од двете вселенски летала од програмата „Војаџер“ испратени да ги проучуваат најоддалечените планети на Сончевиот Систем, како и меѓуѕвездениот простор. Интересно е што „Војаџер 2“ беше лансиран прв на 20 август 1977 година, а „Војаџер 1“ полета само 16 дена подоцна. И двата ја завршија својата мисија во Сончевиот Систем и влегоа во меѓуѕвездениот простор – „Војаџер 1“ во 2012 година, а „Војаџер 2“ во 2018 година. Првиот досега има поминато околу 24,35 милијарди километри и стана најоддалечениот вештачки објект во вселената, а другиот 20,4 милијарди. Двата објекта носат со себе таканаречена златна чинија со пораки за вонземјаните на 59 јазици.