Самата етимологија на зборот трагедија значи јарец и песна односно трагичната песна што јарецот ја пее пред смртта, кога тој се жртвува за некој повисок идеал.
Во антиката односно во античкиот театар пред самото прикажување на некоја од големите трагедии, како „Едип“ или „Антигона“ од Софокле, бил жртвуван јарец во чест на богот Дионис – кој бил заштитник на театарот. Фридрих Ниче во своето грандиозно дело „Раѓањето на трагедијата од духот на музиката“ запиша дека две начела ја создаваат трагедијата изразени преку богот Аполон и врвните естетички вредности на редот, мерата и совршенството и начелото изразено преку богот Дионис како метафора за човековите страсти и нагони. Токму во симбиозата на овие две спротивставени тенденции се раѓа совршенството на античкото уметничко дело.
Токму тоа жртвување за некој повисок идеал ѝ се поставуваше на Македонија и еве веќе речиси цела деценија таа треба да избира помеѓу себеси, својот идентитет, или да умре за некој туѓ идеал и за некои странични пориви. Тргнувајќи од главните столбови на античката трагедија, а тоа се митологијата, трагичниот јунак, трагичното дејствување и трагичната вина, гледаме дека централно место зазема трагичниот херој, затоа што низ него се крши целата трагична фабула. Трагичниот јунак во трагедијата, покрај својата храброст и доследност, поседува една огромна решителност, по цена на својот живот да ги докаже вистината и правдата и во тој процес им се спротивставува на боговите. Зарем Македонците токму во 2017 година не го направија истото тоа, оние најхрабрите, затоа што во трагедијата имаме два архетипа, а тоа се кодошот ( предавникот) и херојот. Кодошот или предавникот ја сака славата на херојот, но ја нема храброста и не е одлучен да го даде животот за да ги одбрани вистината и правдата. Туку предавникот ја сака славата и ги сака земските задоволства и користа што ќе ја добие. Затоа што – или ќе бидеме херои или кодоши, изборот е наш! Само е случајност или кај нас се одигра токму едно вакво трагично сценарио, токму во таа 2017-та?
Одејќи низ најзначајните трагедии во уметноста, зарем не можеме денес да помислиме дека Македонецот е и еден трагичен Хамлет? Хамлет што бараше еден посовршен, похуман и идеален свет, но стварноста постојано го потсетуваше дека во неговата судбина тоа е невозможно. Ако трагедијата ја бараме во релацијата помеѓу реалното и идеалното кај Шекспир, токму таа има целосна иманенција со македонскиот случај. Хамлет кога ќе ја дознае вистината од духот дека неговиот татко е убиен од Клаудиј, или дека брат го убива брата си, не може да дејствува, тој е парализиран од вистината, постојано се сомнева, постојано трпи една жестока неправда и постојано исчекува да се случи нешто друго, нешто што ќе го одведе до вистината.
Во рамките на грандиозните трагедии, каде и да погледнеме, од секаде се јавува македонскиот трагичен рефрен низ црното и црвеното, на темницата што штрека пред вкрварената зора. Македонската култура е дионизиско-орфејска, на оној Орфеј што отиде до пеколот да ја земе со себе својата сакана, но направи грешка и остана вечно да тагува за она што го имаше а го изгуби. Па, зарем ние Македонците во нашата колективна меморија ја немаме истата емоција? Постојано како да ја ни ја снемува земјата низ призмата на трагедијата, земја што толку силно ја љубиме. Тука однекаде ни се јавува и Гете во „Фауст“ кога ќе рече дека во нашата судбина како постојано да ни се поставува прашањето Stirb und Werde, а тоа е да се биде или да се умре. Тогаш веднаш следува прашањето кој кај нас како Фауст случи опклада или пакт со демонот Мефистофел и ја продаде нашата душа во замена за земските задоволства? И зарем тука во една трагична јанѕа во себе однекаде не ни се јавува и Данте Алигиери со својата „Божествена комедија“ да нѐ потсети дека предавството на ближниот свој и на татковината нѐ води директно во деветтиот пеколен круг во домот на Луцифер, пекол од каде што не можеме повеќе да излеземе. Данте Алигиери одредува само две статични точки низ нашиот од во пеколот, чистилиштето и рајот, а тоа е се најтемната, мрачно-влажна зандана на Луцифер, каде што тој со три глави ги јаде предавниците, а тоа се Јуда, Брут и Касиј, и рајот на Емпиреј кога ќе стигнеме кај Бога. Бог ги сакаат најхрабрите.
Па, зарем македонската трагедија не започна уште во стариот век, по златната доба на нашата цивилизација, во оној далечен 9 век, кога се формираше македонскиот јазик и кога се создаваа чудовишни средства за неговото исчезнување? Зарем не се трагични судбините на Кирил и Методиј и на браќата Миладиновци, зарем не е трагично палењето на македонската светост запишана со мудрата рака на Мисирков, кога во истата година во која во крв беше задушено Илинденското востание, во таа трагична 1903 година во пламени јазици во центарот на Софија гореше и „За македонцките работи“? И зарем истата трагедија не е на репертоар во Македонија толку векови?
И зарем не е трагично што споменот на нашите војводи, илинденци и херои од Втората светска војна го издадовме говорејќи дека нашата историја е лажна. Зарем сите оние херои што гинеа со ѕвезденото чело, давајќи ги најубавите години од животот за Македонија до последен здив, треба да останат во трагична осама на историјата како никогаш да не постоеле? И зарем не е трагично овој народ и денес да страда во сѐ подлабока сиромаштија, кога само шепотиме меѓу себе како првите христијани – Бог нека ни е на помош. Зарем не е страдалнички овој народ кога го гледаме како се бутка понижен и прозрен за да го оствари своето уставно право и да има свои документи, одземајќи му притоа сѐ – националноста, гордоста, идентитетот, историјата?
Но секоја трагедија има свој крај. Спротивно од Шекспир, кој вели дека токму во оној миг кога ќе кажеме ова е најлошото, на нашите врати чука уште потрагичното, мислам дека треба да се свртиме и да му поверуваме на Рацин, еден од стожерите на македонизмот, кога вели дека од темнината секогаш посилна е светлината и доаѓа денот на слободата и на победата, времето на новото небо и на новата земја, и ние на оваа богомилска земја конечно ќе извикаме: Силно светнал ден!
Мимоза Рајл