Како Македонија дури двапати го спаси Слободан Милошевиќ од самиот понор на српската и на југословенската политика? Во историјата не постои копче за враќање на дејството наназад, а ни можност за исправка на грешките или на правилните потези. Меѓутоа, задача на новинарот, тој прв историограф, на политикологот и на историчарот е да го разјаснат сето поле на сили што придонело нештата да се прекршат, па историјата да се придвижи во една или во друга насока. Денеска е еден подзаборавен датум од скорашната балканска историја, на кој веројатно се сеќаваат единствено уште подостарените белградски активисти од студентскиот протест, „Кадифената револуција“, од Српското движење на обнова и од Демократската партија (денес толку минорни и речиси небитни српски партии, а на времето столбови на опозицијата против Милошевиќ и на српските демократски власти по 5 октомври 2000 година).
За помладите треба да се отслика духот на тогашната епоха. Во март 1991 година Југославија уште не беше целосно дораспадната, иако веќе се одржаа повеќепартиски избори во сите републики, Словенија се изјасни за независност на плебисцит (23 декември 1990), повеќето републики, вклучувајќи ја и Македонија, прогласија сувереност, односно изјавија дека републичките закони се над сојузните, а расплетот на југословенската криза беше предмет на договарање помеѓу избраните претседатели на републиките и членовите на претседателството на СФР Југославија, номинално колективниот шеф на државата. Клучен протагонист на југословенската криза, во тој момент, а и подоцна во текот на целата декада на 1990-тите, беше Слободан Милошевиќ. Иако него денес го цртаат со најмрачни националистички бои, веројатно далеку поточен опис за него би бил дека тој беше производ на неговата политичка генерација и на кариеристичкиот опортунизам на повоените генерации. Тешко дека може да се заклучи што била идеологијата на Слободан Милошевиќ, освен соголеното освојување на моќта. Веројатно најточен опис на неговата епоха би бил дека тој сакаше да се востоличи за лидер на цела Југославија, но дека тој обид пропадна на последниот неуспешен конгрес на Сојузот на комунистите во јануари 1991 година, па тој отиде да бара нова програма во српскиот национализам.
Слободан Милошевиќ произлегува од „технократскиот“ слој на поранешна Југославија, а неговата кариера го води низ банкарскиот и социјалистичкиот менаџерски сектор. Политички расте под закрила на Иван Стамболиќ, со кого драматично ќе се раздели на фамозната 8. седница на Централниот комитет на Сојузот на комунистите на Србија во 1987 година, кога Милошевиќ нагло ќе стане неприкосновен лидер на српските комунисти (подоцна Стамболиќ ќе биде убиен по наредба на Милошевиќ, а во пресрет на изборите од 2000 година). Потоа ќе следува консолидација на неговата власт во Србија, опишуван од неговите медиумски апологети како „антибирократска револуција“. Прво се исчистени неговите политички противници од сите лостови на моќта во „потесна Србија“, а потоа се преоѓа на освојување на политичките центри во Нови Сад (јогурт-револуција), Приштина и Титоград. Обидите за извоз на „антибирократската револуција“ во Скопје, Сараево, Љубљана и во Загреб, за среќа, не завршуваат со успех.
Меѓутоа, акумулацијата на моќ и прекршувањето на дотогаш прифатените норми во политиката предизвикуваат реакција кај сојузната партија, па претседателот на југословенските комунисти Стипе Шувар одлучува да му се спротивстави на Слободан Милошевиќ и да го оневозможи изборот на неговиот приврзаник Душан Чкребиќ во органите на сојузната комунистичка партија. Маневрирањето на Шувар, на отворена телевизиска седница на претседателството на Сојузот на комунисти на Југославија, е оценето како „непринципиелна коалиција“ од страна на Васил Тупурковски, тогаш популарен македонски политичар со растечки рејтинг. Оваа интервенција на Тупурковски го спасува Милошевиќ од огромно понижување и овозможува да продолжи неговиот подем кон целокупната моќ во Србија и во цела поранешна Југославија. Исто така, „непринципиелната коалиција“ ќе ја вброи Македонија (за волја на вистината, само за кратко) во републиките што го поддржуваат Милошевиќ, иако дотогаш Скопје се смета за колеблив политички центар што не зазема страна во југословенските судири.
Нејсе, во март 1991 година српската и југословенската политика се забрзуваат. Сѐ понагласениот танц на Милошевиќ со српскиот национализам предизвикува раст на радикалните етнички опции низ поранешна Југославија, а во етнички мешаните средини во Хрватска и во Босна и Херцеговина веќе се појавуваат и првите барикади, поделби во полицијата и повици за насилство. Во такви услови разединетата српска опозиција, предводена од Вук Драшковиќ од Српското движење за обнова, во соработка со Демократската партија, повикува на протест, со цел да се промени раководството на Радио-телевизија Србија и да се овозможат медиумски слободи во републиката. Вчудовидувачки високиот одѕив на граѓаните го понесува Драшковиќ, кој наредува „јуриш“ на демонстрантите против полицијата, па во еден момент силите за безбедност се повлекуваат, а опозицијата го контролира Плоштадот на Републиката и влегува во републичкото Собрание. Се чини дека во посткомунистичка Европа ќе се случи уште една верижна револуција, никната од никаде, но со енергија да го збрише комунистичкото раководство и да ја стави земјата на патеката на демократизацијата. Во тој момент, кога власта во Белград буквално виси во воздухот, Милошевиќ одлучува да побара интервенција на Југословенската народна армија во Белград. Тогашниот член на претседателството на СФР Југославија, Борисав Јовиќ, инаку номиниран од Србија, одржува телефонска седница на ова тело, каде што се одлучува за активирање на војската. Според податоците со кои досега располага постјугословенската историографија, македонскиот глас бил клучен за да дојде до мнозинство во сојузното претседателство и да се активира ЈНА во задушувањето на белградските демонстрации од 9 март 1991 за демократизација. Јас до ден-денес не сум дошол до каква било изјава на Васил Тупурковски, тогаш македонски член на претседателството, каде што тој го објаснува својот глас за интервенција на југословенската војска во Белград на тој клучен ден за идната балканска историја. Не сум дошол ни до документи каде што тогашните македонски власти, претседателот Глигоров, владата на премиерот Кљусев, Собранието или кој било друг орган дискутира на оваа тема, бара објаснување или одговорност од Тупурковски, па не е јасно како и зошто токму Македонија го спаси Милошевиќ на овој критичен датум. Нормално, во историјата нема можност за исправка, но може лесно да се замисли алтернативен тек на историјата доколку југословенската војска тогаш останеше во белградските касарни, а опозицијата успееше да го собори Милошевиќ, да повика на нови српски избори и потоа да влезе во искрени преговори со другите југословенски републики за надминување на кризата на федерацијата. Можеби и при едно такво сценарио ќе беше веќе доцна за спас на Југославија, но скорашната европска историја бележи дека разделбите се поинакви кога демократите преговараат, а можеби и ветувањето за итна европска интеграција ќе одржеше во живот некоја форма на југословенски сојуз на држави, царинска унија, единствен пазар или нешто слично.
Останува фактот дека поминува уште еден 9 март, цели 33 години по белградските драматични настани, а без да се решат дилемите зошто Македонија го спаси Слободан Милошевиќ на тој кобен ден. Одговорот на тоа прашање веројатно би разбудил некои стари и заспани духови во Скопје, но е клучен и критичен за разбирање на тековите на современата македонска политика и за проблемите со кои се соочуваше Македонија во нејзиното проодување на глобалната сцена како независна држава. Еднаш може да се погреши, но двапати веќе е некаков урнек, а Македонија двапати го спасуваше Милошевиќ во моментите кога неговиот подем уште можеше да биде спречен. Последиците ни се добро познати…
Ивица Боцевски