Не знам за вас. Но, за мене, во Mакедонија стана тешко да се живее, а уште потешко да останеш ментално здрав. Острите контури на нашиот политички пејзаж се такви што секојдневно, дури и на час, се наоѓаме себеси како минливи коментари, твитови или вести испратени спирално надолу во долината на презирот кон оние што недоверливо избираат да живеат на другата страна на политичкиот јаз. Политичките сили што ги водат овие поделби се добро познати, а нивниот отров се прошири дури и во најобичните аспекти од нашите животи – од каде што повеќе нема да купуваме и да јадеме надвор, до оние со кои одбиваме да се возиме во лифт. Ваквите загадени хиперполитички времиња нѐ разболуваат. Ни збоктиса ваквиот токсичен политички амбиент.
Начинот на кој ја третираме политиката, а богами и политиката нѐ третира нас е грд, а политичарите успеаја да ја користат како средство за непријатно, малтретирачко и омаловажувачко самоизразување. Што друго можеш да очекуваш од ваква плејада ликови што својата идеолошка и интелектуална празнина ја пополнуваат со мрачна забава на одмазда и политички отстрел на неистомисленици, онака како што го искусивме од оваа власт во последниве седум години. Можеби ваков стандарден менталитет на гнев и омраза ги потсетува дека сѐ уште живи во политиката. За уште малку.
Понекогаш кога го гледам политичкиот амбиент пред избориве се прашувам: Дали сме сведоци на нов, многу потоксичен период на политика и политичка кампања од порано? Ако е така, дали имаме алтернатива? Дали треба да жалиме за наводно изгубената пристојност или појавата на поискрени и лути несогласувања всушност е добра работа? Која е границата помеѓу страсно несогласување и токсична политичка кавга? Кој може да одлучи кои се прифатливи и неприфатливи форми на политички дискурс? На крајот на краиштата, се прашувам: како сѐ уште успеваме да живееме заедно кога длабоко не се согласуваме за главните прашања? Можеби дел од перцепцијата за токсичноста во политиката доаѓа од зголемената улога што ја играат социјалните медиуми.
Седејќи на безбедна далечина еден од друг, се чувствуваме слободни да кажеме работи на интернет што никогаш не би ги кажале лично. Во ера на наводно кратко времетраење на вниманието, медиумските компании исто така чувствуваат притисок да креираат конфликт и поделеност. Многумина тврдат дека радиодифузерите честопати ги прикажуваат проблемите на бинарен начин што вештачки создава лути несогласувања и прикажува екстремни политички позиции како да се мејнстрим. Од друга страна, можеби оваа наводно токсична и раздорна политика е едноставно враќање на агендата на големите политички прашања во Македонија, како што се името на државата, идентитетот, нејзината историја и опстанок. Сѐ повеќе ми изгледа дека денешните политичари стануваат лесно иритантни и вознемирени од обичните луѓе што го предизвикуваат нивниот авторитет и дека сè повеќе персонализираните форми на идентитетска политика што се појавија може да направат политичките несогласувања да се чувствуваат како лични напади, поттикнувајќи ја перцепцијата за омраза и токсичност.
Многумина мислат дека токсичната политика, која во континуитет ја промовираше оваа власт, е персонификација на чисто зло и треба да биде морално истребена. Ваква апокалиптична и токсична политика барем досега не понуди доверба во иднината што треба да ја градиме заедно и во која треба да веруваме како важна компонента на една здрава нација. Како да верувам во иднина во оваа држава кога не верувам во политиката што се води во моментов. Особено кога гледам политичари што губењето на политичката моќ неизбежно го доживуваат како губење на „сè“.
А може ли да биде поинаку кога политичката моќ стана единственото заводливо средство за одржување на власта, а македонската борба за задржување на политичката моќ наликува на битката кај Армагедон – последната апокалиптична војна за оние што победуваат да останат победници, а оние што губат да останат засекогаш губитници. Всушност ваква ќе биде сликата на претстојните избори. Илузорно е да барам или се надевам дека во ваков токсичен политички амбиент што го изгради власта ќе се води позитивна кампања и ќе се понудат кандидати што конструктивно ќе дебатираат за вистинските прашања со кои се соочува оваа земја.
Како овие избори да понудат решение за вистинските проблеми во државава кога имате политичари што седум години сурфаат на бранот на омраза и колосална неспособност? Што може ново да понудат, освен старата реторика на насилство и конфронтација низ политичкиот спектар. Едно знам: нивната токсична политика ме исцрпи. Верувам и вас. Можеби тоа им беше и целта, кој ќе ги знае. А мислам и тие самите не знаат.
Проф. Звонимир Јанкулоски