Ретроспектива на еден од најголемите режисери на денешницата до 29 февруари се одржува во Кинотеката на Македонија. Јан Кадар е чехословачки филмски режисер, кој можеби не е толку звучно име како Милош Форман или Јиржи Менцел, но е сестран филмски великан со импозантна и разновидна филмографија и живот, во кој (како и во неговите филмови) се вкрстуваат различни култури: чешка, словачка, унгарска, еврејска и американска. Тој е особено битен за чехословачкиот филм, поточно за новиот бран од почетокот на 1960-тите години, не само како филмски автор туку пред сè како филмски педагог. Јан Кадар беше професор на ФАМУ во Прага, каде што им предаваше на повеќето режисери, зачетници на чехословачкиот нов бран во 1960-тите години.
Својата кариера ја започнува по Втората светска војна со неколку документарни кратки филмови. Во 1950 година го снима својот дебитантски филм, комедијата „Катка“ (1950). Потоа следува извонредно плодната соработка со Елмар Клос, со кого ги прави своите најдобри филмови. Јан Кадар емигрира во САД во 1968 година каде што станува професор по филмска режија (а подоцна и декан) на Американскиот филмски институт во Беверли Хилс.
– Ќе имаме можност да видиме избор од пет филма, кои опфаќаат различни фази од творештво на режисерот. Тука се филмовите од извонредно плодната соработка со Елмар Клос. И покрај цензурата на комунистичка Чехословачка, тие успеваат да направат бескомпромисни филмови, кои храбро се справуваат со моралните дилеми на едно длабоко корумпирано општество, како во минатото така и во нивното современие. Ќе имаме можност да го видиме можеби нивниот најуспешен филм „Продавница на главната улица“, добитник за „оскар“ за најдобар странски филм во 1965 година. Филмот ја третира контроверзната тема на аријанизацијата за време на Втората светска војна во фашистичка Словачка, кога нацистите ги национализираат сите бизниси во сопственост на Евреи – велат од Кинотеката.
Денеска на програмата од 20 часот е филмот „Смртта се вика Енгелчен“ (1963, 129 мин., црно-бел) во режија на Јан Кадар и Елмар Клос, а по сценарио на Милош Фибер. Игра Јан Качер. Оваа соработка на Јан Кадар и Елмар Кос е адаптација на истоимениот автобиографски роман од 1959 година на словачкиот писател Ладислав Муначко. Филмот претставува психолошка драма во која се прикажани активностите на словачките партизани за време на Втората светска војна, без идеaлизирање, на еден десакралистичен начин со поставување сложени морални прашања.
Во рамките на ретроспективата ќе биде прикажан и „Обвинет“, кој за разлика од повеќето филмови на Кадар и Клос што се случуваат во минатото, во овој филм тие се интересираат за нивното современие – животот во комунистичка Чехословачка во 1960-тите години. Филмот е адаптација на романот на Ленка Хашкова. Тоа е судска драма, која речиси целосно се одвива во судница, а нарацијата во голема мера се состои од изјави на сведоци. Двајцата режисери ја трансформираат социјалистичко-конструктивистичката димензија на оригиналниот роман на Ленка Хашкова во вознемирувачко сведоштво за реалноста на социјализмот. Тоа е приказна за вината, за казната, за личната одговорност.
Публиката ќе може да го види и филмот „Желбата наречена Анада“, последниот заеднички филм на Јан Кадар и Елмар Клос. Филмот е во чешко-американска копродукција и го навестува емигрирањето на Јан Кадар, кој по овој филм ја напушта Чехословачка и емигрира во САД. Филмот е бајковита романса, инспирирана од новелата на унгарскиот писател Имре Ѓонѓеши, сместена во 1920-тите години на словачко-унгарската граница. Филмот се одвива во живописен, но во исто време и интимен амбиент – брегот на Дунав. Еден ден, водите на Дунав ќе донесат на брегот една онесвестена девојка, која ја пронаоѓа сиромашниот рибар Јанош. Тој, заедно со својата сопруга Зузка, се грижи за неа. Меѓутоа, Јанош се вљубува во мистериозната убавица. Главните улоги во филмот ги играат великаните на југословенското глумиште Раде Марковиќ (Јанош) и Милена Дравиќ (Зузка).
Уште еден филм е на репертоарот на Кинотеката – „За храбриот ковач“, чешки филм од 1983 во режија на Петр Шведа. Тоа е романтична бајка, инспирирана од романот „Бестрашниот Микец“ на Божена Немцова. Во него се раскажува за храбриот млад ковач со добро срце, Микеш, кој исто како и неговиот татко сака да го види светот и да стекне искуство за животот. В.Д.