Очигледно преодниот премиер е свесен дека излегува надвор од своите законски ингеренции, но, од друга страна, тој ги користи секој момент и позицијата на која се наоѓа исклучиво за личен политички маркетинг, но и за кампања на партијата од која потекнува. Ако владеењето на правото и правната држава се доведува во прашање од носителите на највисоката државна власт, во овој случај (еден во низа) од страна на преодниот премиер Џафери, кој перманентно демонстрира законска недисциплина, самоволие и институционална деструкција, тогаш, се прашува јавноста, што останува за преостанатите граѓани?! Соговорниците тврдат дека пораката на Џафери е свесно испратена и е примена за да служи како пример за одредена група граѓани!
Партиска кампања и популизам на Талат Џафери во својство на премиер, и покрај правните регулативи и процедурите
Основната функција на преодната или техничката влада, како и на техничкиот премиер што ја предводи, е исклучиво да се држи до создавањето амбиент за одржување фер и демократски избори во земјата и ништо повеќе.
Впрочем, во Законот за влада е многу прецизно наведено дека улогата на преодната влада е да ги подготви изборите и затоа не случајно ѝ се оставени 100 дена бидејќи се смета дека тоа е доволен период да се воспостави потребната изборна логистика, која подоцна никому нема да му даде алиби да ги оспорува изборниот процес и резултат.
Сепак, шансата што му се укажа на поранешниот претседател на Собранието, Талат Џафери, да седне во премиерското столче, макар и со технички мандат, тој нема намера да ја пропушти толку лесно и уште од првиот ден од стапувањето на функција промовира политички маркетинг наместо да се придржува до легислативата.
Прекршувањето на законите не е туѓо за Џафери
Тој и претходно како собраниски спикер покажа дека кога е во прашање почитувањето на законите не е пример на кој идните функционери би требало да се угледаат, почнувајќи од непочитувањето на институцијата референдум, злоупотребата на официјалниот македонски јазик на меѓународни настапи, земањето слобода самиот да го толкува Уставот и врз сопствените заклучоци да наметнува одлуки, но и импровизациите што ги правеше при спроведувањето на собранискиот Деловник.
Сето ова создава една комплетна слика за Џафери како политичар за кого законите се предмет на слободно толкување и постапување врз принципот на она како што нему му одговара, а не според она што го налага словото на законот.
Тука треба да се бараат причините за неговото однесување како технички премиер, кога најпрво наместо да почне да бара од надлежните министри да работат на проверка на институционалните капацитети за подготовка на изборите, тој тргна на турнеја во општините со мнозинско албанско население и таму да удира камен-темелници на обиколници, градинки, да ги посетува универзитетските кампуси и слично. На забелешката дека не посетил ниту една македонска општина во овој неполн месец од мандатот се правдаше дека не бил поканет и дека ако го поканеле ќе пошол и таму.
Сепак, последниот пример со ненајавената посета на СВР-Тетово покажа дека всушност не му треба покана за никаде кога сака да спроведува политички маркетинг и да работи во интерес на предизборната кампања на партијата од која потекнува.
Имено, викендов Џафери се појави самоиницијативно во СВР-Тетово, придружуван од камерман што го снимаше неговиот настап, при што како „командант“ делеше лекции меѓу вработените кој што треба да прави, каде да биде и слично. Од посетата беше објавено и видео на кое може да се види како премиерот ги прашува колку луѓе работат во канцеларија, а потоа им вели на тие што не работат во неа да ја напуштат. Тој ги прекорува, им бара документи, ги испрашува со построг глас… Повеќе од очигледно е дека присуството на камера е добро осмислен маркетиншки потег со цел да се покаже „цврстиот карактер“ на техничкиот премиер, неговата способност да диктира, да воведува „ред во хаосот“, а со тоа пред потенцијалните гласачи да покаже дека тој е оној што може да ги среди институциите.
„Командантот“ наредува за да покаже кој е кој!
Со ваквиот настап техничкиот премиер повторно излезе надвор од законските рамки, на што реагираше и полицискиот синдикат. Од таму побараа политиката и политичките кампањи да се реализираат надвор од институциите, а работниците да не се злоупотребуваат за политички цели. Синдикатот уште и реагира дека техничкиот премиер неовластено упаднал и неовластено снимал вработени што ги извршуваа своите работни задачи, со што го прекршил законот. Од синдикатот уште бараат министерот и дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи да застанат во одбрана на работниците.
– Да реагираат и да ги спречат притисоците врз нив, со што би ги покажале на дело декларативните заложби на кои укажаа уште првиот ден од техничката влада – рече претседателот на синдикатот, Гоце Делчев.
Реагираше и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој смета дека техничкиот премиер се однесува недозволиво кон вработените и дека треба да се извини за своето однесување.
– Таквото однесување на премиерот спрема вработените, особено спрема една колешка сметам дека е недозволиво, несоодветно и не доликува на човек што извршува таква функција… Во таа насока сметам дека најмалку што може техничкиот премиер Талат Џафери да направи во овој момент е да се извини за ваквото однесување и во иднина да се воздржи од вакви постапки, кои сигурно нема да придонесат за подобрување на работата на институциите – се вели во реакцијата на министерот Тошковски.
Од своја страна Џафери признава дека не е во негова надлежност да бара одговорност од вработените, но дека ќе побара одговор од надлежните министри и заменик-министри.
Прашањето што се наметнува е зошто истиот тој технички премиер го прекрши Законот за влада и не му дозволува на министерот за внатрешни работи да назначи началници во СВР-Тетово и во СВР-Гостивар, туку самиот се однесува како полициски началник и воведува ред во работењето во овие институции.
Класична демонстрација на моќ
Очигледно тој е свесен дека излегува надвор од своите законски ингеренции, но, од друга страна, воопшто не се оптоварува со тој факт и го користи секој момент и позицијата на која се наоѓа исклучиво за личен политички маркетинг, но и за кампања на партијата од која потекнува.
Мошне брутална во својата оцена за однесувањето на техничкиот премиер е универзитетската професорка Мирјана Најчевска, која смета дека во сериозна држава однесувањето на Џафери не би се толерирало.
– Тој сакал инспектор да биде, а го ставиле премиер… нема поим што треба да прави и оди наоколу и манифестира моќ на најпримитивен начин. Ова не смее да се дозволи ни во најнесериозна држава – пишува Најчевска на социјалните мрежи.
Дел од аналитичарите сметаат дека техничкиот премиер ќе ги користи овие сто дена најмногу за политичка кампања на својата партија, а не за да подготви терен за фер избори.
– Џафери во целиот свој мандат во политиката покажа дека за него законите не важат. Советот на Европа испраќа допис во кој се бара продолжување на хашките случаи, тој повторно се поставува над меѓународните закони и кажува дека воените злосторства врз цивили всушност застарувале, повикувајќи се на некакви автентични толкувања. Како официјален претставник на земјава на меѓународни конференции говореше на албански јазик, прекршувајќи го Законот за употреба на јазиците. Оној инцидент во македонското собрание, кога со висок тон им се обраќаше на вработените, говори за неговиот карактер, дека сака да се однесува како командант, наредбодавец, а сите други да му се потчинуваат. Не случајно при неодамнешната ненајавена посета на СВР кажуваше дека бил во војска и дека знае како се воведува ред. Морам да признаам дека и како гледач се чувствував непријатно од неговиот однос кон тие луѓе таму. Пораката е јасна, јас сум командантот, а сите ќе слушате што ви кажувам. Дали е нешто законски или не, јас за тоа одлучувам. Ова е начинот на размислување на нашиот технички премиер – велат соговорниците.
Министрите се надлежни за институциите
Според аналитичарите, ако веќе сакал да се воведе ред во институциите, техничкиот премиер можел да ги задолжи министрите и од нив да побара отчетност во врска со состојбите.
– Се работи исклучиво за политички пиар, но на еден дрзок и примитивен начин. Техничкиот премиер можеше да го задолжи секој министер да ги провери состојбите во институциите за кои се надлежни, впрочем тоа е и нивна должност, и подоцна тие да му реферираат околу тоа. Ако веќе сакал да направи увид, требало да го направи тоа заедно со надлежниот министер, кој требало да ја организира и да ја води посетата. Вака, Џафери покрај тоа што го крши законот со тоа што не му дозволува на министерот да назначи уште двајца началници на СВР-Тетово и СВР-Гостивар туку и самиот се однесува како началник – нагласуваат познавачите на политичките состојби во земјава.
Тие сметаат дека ова е добро подготвено сценарио на техничкиот премиер и дека тој воопшто не се потресува дали направил неовластен упад и снимање во институција, како ни дали ги повредил работничките права.
– Тој, или неговиот тим, гледа само каков ефект ќе има тоа кај нивните гласачи. Талат Џафери и сите функционери од редовите на ДУИ докажаа дека се над законите и дека ниту еден закон за нив не важи, така што ниту техничкиот премиер не смета дека треба да се однесува во согласност со законите. Едноставно кажано, прават што ќе им се посака – заклучуваат соговорниците.