Зошто не смее да му се дозволи на ДУИ повторно да ја киднапира изборната кампања и да ја однесе во соголен и отровен етнички шовинизам? Во текот на изминатава седмица сите политички партии ги промовираа своите адути за престојните претседателски избори. Поточно, сите политички партии со исклучок на ДУИ. Али Ахмети лукаво одлучи да избега од изборно соочување со Арбен Таравари, но тој не одлучи да промовира претседателски кандидат на својата партија туку повторно да снесе кукавичини јајца на македонската политичка сцена и да го сврти текот на предизборието во правец што нему најмногу му одговара.
Како и секоја националистичка партија, така и ДУИ се соочува со суштинската фалинка на својот политички проект. Имено, набојот поврзан со етничките теми е „адреналински момент“ во секоја политика. Тој се активира кога етникумот е загрозен, дискриминиран, омаловажен, „етничкото“ е значајно кога се прославуваат јубилеи поврзани со етничката култура или кога се одбележува празник што оставил трага на колективната меморија на етничката заедница. Но, „етничкото“ не може постојано да биде тема во политиката затоа што животот си носи свои предизвици, кои најчесто немаат никаква врска со нашата народност. Прашањата што ни се случува на работното место, дали нашето семејство се соочува со проблеми, како да си ја обезбедиме егзистенцијата, дали да купиме автомобил или гаражно место, каде ќе се видиме со пријателите, дали вечерва ќе излеземе во кафеана, на прошетка или ќе гледаме некој филм и така натаму воопшто не зависат од етничкото. Исто така, квалитетот на нашите јавни услуги, односно состојбата со градинките, основните училишта, средните училишта, универзитетите, болниците, шалтерите, вадењето документи, нема никаква врска со етничкото, туку исклучиво со организацијата на државната служба.
За ДУИ сум пишувал прешироко, а мојата критика кон оваа политичка структура доаѓа исклучиво од граѓанскиот агол на гледање на работите. ДУИ е најтолерирана националистичка партија на просторите на поранешна Југославија, како од домашната јавност и интелектуалци во Македонија, така и од меѓународната заедница. Се сеќаваме како претставниците на западните земји, а особено на САД и на Европската Унија, умееле да бараат „влакна во јајцето“ кога станува збор за сите други политички сили во Македонија, но ДУИ редовно добивал третман со кадифена ракавица, дури и кога најмалку го заслужувал тоа.
Досега политичката формула на ДУИ била едноставна. Секогаш кога граѓаните, а особено Албанците се исцрпени од лошото практикување власт од оваа партија, тие го вадат националистичкиот тапан, заедно со целата иконографија („крвавата кошула на УЧК од 2001 година“, „чизмите од таванот“, знамињата, слоганите, маиците, скандирањата, комеморативните плочи, спомениците и така натаму). Потоа пронаоѓаат некоја осетлива тема, која знаат дека ќе ги надразни и онака возбудените нерви на Македонците, но и на сите други, кога станува збор за ДУИ. Следно во рецептот е да се крева температурата на оваа експлозивна и отровна смеса сè додека не се предизвика реакција, особено кај ВМРО-ДПМНЕ или кај поизвиканите интелектуалци, општественици и јавни личности кај Македонците. Е, штом веќе „пленот“ влегол во замката, тогаш се активираат две книги со урнек за дејствување. Кај Албанците се пишти на цел глас дека Македонците повторно имаат „чудовишни“ намери, па само гласот за ДУИ ќе ги спречи во остварувањето на нивните „изопачени“ цели, додека, пак, пред претставниците на меѓународната заедница се глуми жртва, се плаче, се преколнува и се оцрнува. Ете, на таа едноставна стратегија ДУИ победува сите овие години, како и на митот околу Али Ахмети дека тој, како лидер на паравоената ОНА, во 2001 година војнички ги победил Македонците, а дека сиве овие години потоа успева да ги добие и на „зелена маса“.
Во меѓувреме реалноста изгледа многу поинаку. ДУИ изгради вистинска мини-парадржава внатре во рамките на државниот систем на Македонија, најпривилегиран слој на македонското општество се припадниците на највисокото раководство на ДУИ, кои се амнестирани од каква било одговорност (политичка, кривична, морална, филозофска и така натаму), но истовремено имаат и апсолутен имунитет пред македонскиот правосуден систем. Албанците, пак, што не се членови и симпатизери на ДУИ се помеѓу најдискриминираните слоеви во македонското општество затоа што се лишени од контакти со институциите, не гледаат никаква промена во нивниот економски или социјален статус, па масовно се иселуваат од земјата затоа што не гледаат никаква перспектива тука. Всушност, сиве овие години власт на ДУИ единствена тврда политичка закономерност беше тоа дека привилегиите на врхушката на ДУИ растеа експоненцијално, но притоа обратнопропорционално паѓаше стандардот на Албанците во Македонија, како и квалитетот на јавните услуги, испорачани на нивниот мајчин албански јазик.
Во изминатите четири години опозицијата конечно ја пронајде „Ахиловата петица“ на ДУИ. Кога критиката доаѓа од граѓански агол без да се тоне во шовинистичкиот жив песок на Мала Речица, тогаш тие немаат одговор. Али Ахмети и компанија не знаат и не умеат да се снајдат кога им се прикажува грдото лице на нивната власт – корупцијата, злоупотребите, непотизмот, корупцијата, заробувањето на институциите, неспособноста на наметнатите кадри и сите оние општествени зла што природно си доаѓаат со практикувањето власт во една несовршена демократија над две децении. Слабоста на СДСМ и неговото откажување од каква било одговорност во практикувањето на власта му овозможи на ДУИ апсолутна и со ништо неограничена моќ. Македонија дојде во ситуација кога партија што има само 11 пратеници во Собранието владее како да има 111 пратеници во законодавниот дом.
Али Ахмети симболично го означи зачекорувањето на ДУИ во нов круг етнички шовинизам. Тој е свесен дека политиката на етнички национализам на ДУИ оневозможува оваа партија да дојде до врвните политички функции за кои е неопходен јасен демократски мандат од мнозинството граѓани. Исто така, Али Ахмети ги цеди последните сокови од митот за 2001 година, како и од другите аспекти на етничкиот триумфализам на ДУИ. Сега тој решил да малтретира на тема промена на Уставот и некаква либанска поделба на трите врвни функции во државата. Нормално, едвај чека јавноста да му се фати на јадицата.
Оттука, за престојните избори е клучно општеството да ја избегне новата стапица на ДУИ. Корупцијата, злоупотребите, непотизмот, партизацијата и неспособноста на наметнатите кадри се „Ахиловата петица“ на Али Ахмети и на неговата дружина. Етничките националисти немаат одговор кон граѓанската критика, па игнорирањето на нивниот шовинизам на крајот ќе ја покаже сета беда на нивната безидејност. По триесет години лутање, Македонија има рецепт против етничкиот шовинизам на која било политичка партија, а особено против етничкиот триумфализам на ДУИ – игнорирајте ги нивните провокации. Само така Али Ахмети и ДУИ ќе мора да одговорат на прашањето за нивната одговорност за катастрофалното владеење со Македонија, за влошувањето на меѓуетничките односи и за трагедијата со македонската европска интеграција. „Кој си“ треба да го победи „чиј си“ во Македонија, па одењето на ДУИ во опозиција нека биде првиот нов исчекор во тој правец.