Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, кој ги охрабрува промовирањето на повеќејазичноста, зачувувањето на загрозените јазици и негувањето на мајчиниот јазик, е наменет да ги разбуди мислите за уникатната убавина на секој јазик, ставајќи акцент на фактот дека јазикот не е само средство за комуникација туку длабок израз на наследството, историјата, идентитетот и човечката врска. Овој ден соодветно се одбележа и кај нас, но и во лекторатите по македонистика на странските универзитети во светот, како што е Шлезискиот универзитет во Полска.
Никола Илиевски, лектор по македонски јазик на Шлезискиот универзитет, вели дека секоја година одвојува дел од часот со студентите или закажува посебен настан за да остави простор за овој важен ден.
– Денот го одбележуваме со студентите преку читање поезија на македонски и на полски јазик. Читаме и преведуваме стихови на македонски и полски и, дополнително, секој студент добива можност да напише неколку збора за јазиците што ги студира. Годинава ја избравме поетската творба „Земјата и ти“ од македонскиот поет Анте Поповски. На Денот на мајчиниот јазик, за мене како славист, важно е да се спомне составот на мајчиниот јазик од лична перспектива, на пример чистоста на јазикот, припадноста и потеклото (на која група јазици истиот тој припаѓа), дијалектот што се ужива – вели Илиевски.
Според него, мајчиниот јазик треба да се негува затоа што во јазикот лежи коренот на еден народ.
– Верувам дека е многу важно да се одреди различноста на регионализмите на дијалектот што се уживаат секојдневно во состав на стандардниот мајчин јазик. За да се зачува традицијата на еден јазик, потребно е тој да се негува при творење на тој јазик, при изучување на истиот јазик, при преведување од странски јазици на мајчин јазик и обратно (во секоја смисла на превод). Потребно е да се искористи секоја можност за ширење на науката на мајчиниот јазик преку споделување и лесна достапност на научни материјали, учебници, прирачници, книжевни дела, есеи, памфлети – подвлекува Илиевски.
По повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ организираше „Македонистички час“ на лекторатите по македонистика на странските универзитети во светот, кои се вкупно единаесет: во Истанбул, Будимпешта, Краков и Сосновјец, Москва, Риека, Анкара, Букурешт, Париз, Пекинг и во Тирана. Во Годината на македонистиката се одржуваат голем број кампањи, школи и активности, со цел афирмација на македонистиката кај нас и во светот.
– Јазикот е наша суштина, наша највисока претставителност, наш идентитет и убавото лице на нашата култура. Јазикот живее и се прераѓа преку нас, а ние растеме и се возвишуваме преку македонскиот јазик. Мисијата на македонистиката е наш завет, кој го развиваме како високообразовна, научна и културна дејност што има меѓународно значење и непроценлива вонвременска вредност – изјави директорката на Меѓународниот семинар, Кристина Николовска.
На Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ исто така се одбележа Денот на мајчиниот јазик.
– Институтот за македонски јазик како голем проучувач, промотор и овластен субјект за заштита на македонскиот јазик, годинава со гордост одбележува 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, прв неформален кодификатор на македонскиот јазик. Истовремено одбележуваме и 80 години од Првото заседание на АСНОМ, на кое е конституирана македонската држава, а македонскиот јазик е заведен како службен јазик во неа. Така, по многувековна борба, Македонците се изборија за признавање на мајчиниот македонски јазик. На Меѓународниот ден на мајчиниот јазик ние ги истакнуваме и почитуваме нашата различност, нашата сличност, нашата припадност и нашата вредност – истакна Елена Јованова-Грујовска.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува од 2000 година.
– Јазиците се огледало на историјата и на културата на луѓето што ги користат. Постоењето на т.н. непреводливи зборови ни покажува дека во секоја култура постојат појави и нешта што се сметале за толку важни што се појавила потреба ним да им се додели единствен, уникатен збор. Општопознато е дека т.н. ескимски јазици познаваат и над 50 збора што означуваат „снег“ и „мраз“. Понатаму, во македонскиот, на пример, имаме три збора за оптичката атмосферска појава во форма на лак што настанува со прекршување на сончевите зраци низ дождовните капки: виножито, божилак и ѕуница. Ајде, овде да ги додадеме: игра, заигра, разигра, одигра, доигра, поигра, наигра, преигра, надигра, изигра, изнаигра, испонаигра, заигрува, разигрува, одигрува, доигрува, изигрува… Секој јазик е непроценливо богатство, па оттаму и познатиот израз „колку јазици знаеш – за толку луѓе вредиш“. Но, да не заборавиме, сѐ почнува од мајчиниот јазик – вели Борче Арсов, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“.