За да имаат квалитетен тренажен процес, тренерите треба да се потпрат и на сознанијата од медицината
Д-р Нада Темелкоска
Веќе не е тајна и нешто непознато кога ќе кажеме оти нема квалитетен спорт без учество на докторите по спортска медицина во него. Поминаа времињата кога тренерите беа единствени и самостојни во планирањето и креирањето на тренинзите. За разлика од многу години порано, денес во целокупниот тренажен процес значајно место имаат и специјалистите по спортска медицина. Во некои спортови тие имаат дури и клучна улога, речиси како и тренерите, особено кога станува збор, на пример, за боречките спортови (борење, џудо, карате, таеквондо, бокс) во кои спортистите треба да имаат одредена килажа за настап во својата категорија.
Значи, кај овие спортисти, покрај редовната контрола на здравствената состојба, се води сметка и за регулирање на килограмите, зашто од нив зависи дали ќе може да настапат во својата или поради вишок килограми ќе одат во погорна тежинска категорија. За тоа колку е значајна улогата на спортскиот лекар, конкретно во вакви случаи, најубаво сведочи изјавата на спортистот на векот кај нас, олимпискиот шампион борачот Шабан Трстена: „Да не беше, за жал покојниот доктор Милош Вучидолов, можеби и јас немаше да ги постигнам врвните резултати и да освојам златен и сребрен олимписки медал. Тој, заедно со тренерскиот тим, предводен од Насев, многу придонесе во решавачките моменти, пред големите борби на олимпијадите, светските и европските првенства да бидам во топ форма и да ја регулирам потребната килажа, која често нам, на борачите, ни создава големи проблеми. Јас во моментите кога имав и неколку килограми повеќе од дозволените сѐ му препуштав на доктор Вучидолов. Тој беше главниот „командант“ во подготвителниот период, во кој на нему својствен начин, без тоа негативно да се одрази врз моето здравје и форма, некогаш намалував и по 10 килограми за неколку дена за да дојдам до потребната тежина за настап во мојата категорија“.
Овој пример најубаво го потврдува оној факт кога велиме оти улогата на спортскиот лекар е еднакво значајна како и улогата на тренерот. Инаку, спортската медицина кај нас со позабрзано темпо почна да оди нагоре кон средината на 60-тите години од минатиот век. Врз база на светските искуства, тренерите дефинитивно сфатија оти нејзината улога може да биде од големо значење за кревање на квалитетот на тренингот, па почнаа позачестени комуникации со специјалистите по спортска медицина. За разлика од кај нас, пак, во спортски поразвиените земји, таа од многу порано се практикуваше и веќе имаше изборено свое место „под сонцето“.
Неуморната докторка Темелкоска
Во оваа пригода ќе искористам некои детали од биографијата на д-р Нада Темелкоска, која сиот свој работен век го помина како спортска лекарка. Таа дипломира на Медицинскиот факултет во Скопје во 1981 година, а осум години подоцна ја заврши и специјализацијата по спортска медицина. Во желбата да навлезе што подлабоко во оваа гранка на медицината, следејќи ги новите трендови во медицината, таа се надградуваше и, врз база на веќе акумулираното искуство, во 2003 година Темелкоска го доби звањето примариус.
– Ова уште повеќе ја разгоре желбата кај мене со несмален интензитет да продолжам понатаму и сѐ повеќе да навлегувам во спортската медицина. Од оваа временска дистанца, може слободно да кажам дека сум била неуморна. Едноставно, за мене немаше сопирање. Работев во Заводот за спортска медицина во Скопје, но таму не ми беше единственото работно место. По потреба, во летните месеци бев ангажирана на езерото Треска, каде што во тоа време вриеше од капачи. Практично со спасителите и некои мои колеги постојано бевме подготвени, доколку има некаква незгода, да интервенираме. Но, тоа не беше единственото место на кое бев ангажирана. Често одев и на базенот „Младост“ во Карпош и на Олимпискиот базен во Центар. Паралелно со овие активности бев ангажирана и околу организирање денови за крводарителство – вели д-р Темелкоска.
Медицински совети за сите, не само за спортистите
Со оглед на тоа што работниот ангажман пред сѐ ѝ беше во Заводот за спортска медицина, Темелкоска целосно беше посветена на грижата за здравјето на спортистите, а и кон оние што не беа активни спортисти но се занимаваа со спортско-рекреативните активности.
– Мислам дека со моите совети многу им помагав на спортистите и на рекреативците, а сето тоа ме исполнуваше и ме поттикнуваше и понатаму да продолжам со несмалено темпо. Дури и кога не бев зафатена со работа, за да не останат моите истражувања скриени во мене, го користев секој момент нив да ги имплементирам кај тренерите, зашто знаев оти ќе имаат корист од тоа. Во својата кариера како спортски лекар имав соработка со многу федерации, меѓу кои и со Фудбалската и со Македонскиот олимписки комитет, во кој бев членка на здравствената комисија. Долго време се задржав на претседателската позиција на здравствената комисија во Сојузот на спортовите на Македонија и во Градска СОФК-а на Скопје – вели Темелкоска.
Д-р Темелкоска во многу ситуации им помагаше и на лицата со хендикеп, доброволно имаше изработено проекти од чија реализација многу зависеше како полесно да се справат со состојбата во која се наоѓаат. Темелкоска одигра значајна улога како соработничка во списанието „Училиштен спорт“, каде што преку своите написи го афирмираше спортот и практично ги насочуваше учениците да се занимаваат со оној спорт што ги привлекува, за да имаат здрав и исполнет живот. Не изостана и нејзината партиципација во Црвениот крст, а постојано имаше соработка со Лекарската комора и со Македонското лекарско друштво, каде што ги актуализираше и настојуваше да најде решенија за проблемите со кои се среќаваа лекарите специјалисти по спортска медицина.
Здравствената заштита на спортистите – отворена тема
Колку е големо значењето на спортската медицина говорат многу примери. Доволно е да кажеме оти и таму каде што се вртат огромни милиони долари околу трансферите на спортистите, спортскиот преглед е првата инстанца низ која мора да помине спортистот за да дојде до потпишување на договорот. Сите сме сведоци на тоа и често преку медиумите ќе прочитаме оти, на пример, тој и тој фудбалер успешно го помина лекарскиот преглед и претстои само потпишување на договорот. И самото тоа доволно зборува колку му се придава голема важност на фактот организмот на спортистот да биде здрав и подготвен да ги издржи сите напори што ги бара современиот тренинг.
– И кај нас ситуацијата е иста. Оној што сака активно, па и професионално да се занимава со некој спорт, мора да помине низ неопходните лекарски прегледи. Дури потоа, спортскиот лекар, нормално, ако е сѐ во ред со здравјето на спортистот, му дава дозвола тој да се натпреварува. Меѓутоа, тоа не се прави само еднаш, туку здравјето на спортистот се следи преку целата година. Со еден збор, темата за здравјето на спортистите е секогаш отворена, таа нема крај сѐ додека спортистот е активен, а и потоа затоа што некои здравствени проблеми може да се манифестираат и по завршувањето на кариерата – рече д-р Темелкоска.
За да може и теоретски да се запознаат, особено помладите тренери, за тоа каква треба да биде грижата за спортистите, д-р Нада Темелкоска напиша многу трудови.
– За да не останат тие трудови затворени само во домашните фиоки и витрини и за да стигнат до оние на кои им се наменети, учествував на многу конгреси од областа на спортската медицина, каде што ги презентирав. Освен на конгресите организирани од Лекарската комора на Македонија, активно учествував со свои трудови и на конгресите на УЕФА и на ФФМ. Постојано сум присутна на предавањата на Лекарската комора и на МЛД, што ми овозможува да бидам во тек со сите иновации на полето на спортската медицина, па можам да кажам оти и понатаму се едуцирам. Мислам оти секој спортски лекар треба да ги следи новите трендови во струката, за да може во секој момент адекватно да одговори на високите стандарди што ги бара медицината – вели д-р Темелкоска.
Очигледно со својот работен опус, во текот на долгогодишната кариера како спортска лекарка, д-р Нада Темелкоска остави силен печат не само во спортската туку и воопшто во медицината во Македонија.