Со дочекот на Нова година на лето Господово 2024 година почнаа јануарските празнувања и прослави на црковните и на другите празници, а ќе завршат на 31 месецов, кога ќе се прослави Свети Атанасиј Александриски, последен од таканаречените зимски празници. Народот за празникот со векови ја пренесува изреката „Дојде Танас, падна лето на нас“, што значи дека зимските празнувања и одмор завршија и почнуваат работите во полето.
Осветувањето на водите на празникот Богојавление, како последен од големите празници што ги прославивме, всушност значи дека секој треба на свој начин да го доживее личното осветување и просветување. Господ ја осветува водата за нас, кои сме облечени во тело, преку оросување со Светиот Дух, осветувањето треба длабоко да навлезе во внатрешното битие на човекот и да го направи обновената личност, жител на рајот и сведок на тајните божествени.
Општа карактеристика на годинашните празнувања на црковните празници беше масовното присуство на божествените литургии во црквите и манастирите, во изведување на обичаите и обредите. Напуштените планински села на Бистра, Шар Планина, Сува Гора, Кораб, кои со години преку зима се без жители или во нив живеат неколкумина повозрасни лица, за црковните празници во јануари воскреснаа, се отворија вратите на куќите, оџаците чурат, низ сокаците се движеше многу народ од сите возрасти, а најмногубројни беа децата и младите.
Ваквата слика може само да радува и наедно е најава дека во следните црковни празници во текот на целата година ќе бидат масовно посетувани. За оваа цел последниве две-три години беа изградени нови ајатги – простории што овозможуваат заедничко собирање и празнување.
Во горнополошките, мавровските, мијачките, горно и долнореканските села, секаде беше весело, живописно, долгите црковни литии од црквите до реките, потоците и базените, каде што се положуваше светиот крст за Водици, се фрлаа стотици верници, глетката беше несекојдневна, привлечна и на овој начин беа демонстрирани единството и заедништвото. Тие што го фатија и го извадија крстот беа особено среќни и веруваат дека Господ ќе им ги исполни желбите.
Во долнореканското село Битуше, кое се наоѓа под горостасниот Крчин, со векови, од искона до денес, автентично ги негуваат обичаите и живеат за овој празник. Жените, момите, девојчињата се облечени во оригинална битушка носија, пренесувана од генерација на генерација, која грижливо се чува. Подготовките за прославата започнуваат на 31 јануари (Св. Атанасиј) кога кумовите во црквата на свештеникот му потврдуваат дека ќе бидат кумови. Следната година, една недела пред Водици, кумостарките ги сучат врвките, со што започнуваат да се извршуваат обредите и за секој од нив се пеат а капела обредни песни.
Во мијачкото село Гари, кое се наоѓа во пазувите на планината Стогово, за првпат по многу децении епископот Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, со монаси одржа свечена литургија на Водици, а потоа во бистрите и студени води на Гарска Река го положи светиот крст.
Во Гостивар, по пауза од 70 години, во 2015 година беше возобновена традицијата за празнување на Водици, со градски крст и положување во водите на реката Вардар. И годинава со сите обреди и обичаи беше прославен со масовно присуство на жителите на Гостивар.
Празниците, Бадник, Божиќ, Василица, Водици и другите ги воскреснаа прославите, ги продолжуваат црковните прослави, обичаи, традиции. Од сите краеви на балканските и западноевропските држави иселените жители на овие села и градови доаѓаат да бидат дел од прославите, да се видат со блиската рода, со другарите, пријателите со кои со години не се виделе. Празнувањата им остануваат за навек и им ги пренесуваат на наследниците и ги запознаваат со убавините во крајот од каде што потекнуваат и им оставаат во аманет тие да ги продолжат и да не ги заборават традициите и роднините.
Токму затоа сликата што беше присутна деновиве може само да радува, бидејќи е најсилен доказ дека традицијата ќе продолжи да живее, но и дека ќе биде силен поттик за натамошно заживување на испустените огништа, за изнаоѓање начин да се привлечат инвеститори што би сакале да инвестираат во оваа исклучително чиста и еколошка средина, која нуди безброј можности за економски развој.