Поразот на спортско натрпеварување може да се надомести со победа на некој следен натпревар. Но губењето на македонското име е неповратно и ќе остави трајни последици по опстојувањето на македонската нација.
На годинашното Европско првенство во ракомет во Германија, покрај не баш поволните резултати против моќните ракометни репрезентации на Франција и Германија, голема горчина кај македонските граѓани предизвика и начинот на кој германските новинари ги „преименуваа“ играчите од нашата репрезентација, поради пречестата употреба на придавката „северномакедонски“
Европското ракометно првенство во Германија, како и сите други меѓународни спортски натпреварувања, претставува можност за секоја репрезентација да ја промовира својата земја и народ, од спортски, културен и идентитетски аспект. Со континуираното учество на најзначајните натпреварувања, ракометот на Македонија стана национален спорт и најдобриот амбасадор, преку кој се брани и македонската посебност. Со секој телевизиски пренос милионскиот аудиториум во светот, преку коментарите на спортските водители, можат да слушнат за македонската репрезентација и навивачи, кои во еден глас го скандираат името на својата држава Македонија или ја пеат државната химна на својот мајчин јазик. Но на годинашното Европско првенство во ракомет во Германија, покрај не баш поволните резултати против моќните ракометни репрезентации на Франција и Германија, голема горчина кај македонските граѓани предизвика и начинот на кој германските новинари ги „преименуваа“ играчите од нашата репрезентација поради пречестата употреба на придавката „северномакедонски“. Тоа беше повод за македонската заедница во Германија да испрати едукативна реакција до германските медиуми, во која им се порачува дека: „Не сме северномакедонци, ние сме Македонци“! Овој своевиден едукативен и дипломатски демарш до германските медиуми, вклучувајќи ја и телeвизијата РТЛ, која го пренесува Европското првенство, беше испратен од почесниот конзул во Диселдорф, Холгер Арндт, и од Гоце Перовски, претседателот на Советот за интеграција во овој град. Истовремено тие апелираа до нашите Македонци во Германија ова писмо да го испратат во што е можно повеќе институции во земјата, со цел никогаш повеќе да не се користат термините „северномакедонски“ и „северномакедонци“.
Користењето на новата додавка на државното име како придавка се одомаќинува во меѓународната заедница по потпишувањето на Преспанскиот договор, кој беше постигнат по силните меѓународни притисоци и условувања од страна на Грција. И додека македонските граѓани вистински и искрено се залагаат за заштита на македонскиот идентитет, кај државните функционери и надлежни институции речиси нема сериозни реакции со кои би се спречило ова медиумско и лингвистичко негирање на македонскиот национален идентитет. Во изминатите пет години политичарите од повеќе европски земји сѐ повеќе го користат терминот „северномакедонски власти“ кога сакаат да испратат пораки што се однесуваат на нашата земја. Новата додавка на државното име, во слеан говорен израз, можевме да ја слушнеме од носители на јавни функции од Франција, Бугарија, Грција и Германија, но и од други земји, а по заострувањето на односите со Русија, поради војната во Украина. Неодминлив е впечатокот дека именувањето како „северна“ Македонија е секојдневно присутно и во програмите на медиумите од соседството, а со особена нагласка тоа се потенцира од страна на бугарските политичари. На вака искажаните провокации кон Македонија изостануваа реакциите од Министерството за надворешни работи или тие реагираа задоцнето, под притисок на домашните медиуми, кои посочуваа на отворените негации од нашите соседи или странски државници.
Повеќето експерти и познавачи на меѓународното право пред потпишувањето на Преспанскиот договор предупредуваа дека неговата примена ќе предизвика сериозни проблеми при користењето на новата „идентитетска терминологија“ од страна на меѓународните дипломати, но и медиуми. По потпишувањето на договорот имавме можност да прочитаме и реакции од реномирани писателски имиња, кои предупредуваа на тоа што се случува во медиумите во Скандинавија, кои за настани поврзани со Македонија често известуваат со користење токму на придавката „северномакедонски“ – политичари, уметници или спортисти, или пак кога се повикуваат на „северномакедонски медиуми“. Тоа било практика и за пренесувањето на „Евровизија“, кога шведскиот телевизиски водител презентирал информација колку „пласманот што го постигнале северномакедонците“ на овој музички натпревар.
Главниот аспект на ова медиумско губење на македонскиот идентитет е што отсуствува добро организирана меѓународна стратегија за да се оневозможи новото ширење на „идентитетската придавка“.
Во оваа борба за да не ни биде деноминиран идентитетот, треба да црпиме искуство дури и од Грција. Нивните дипломатски претставници реагираат во секоја пригода кога се користи токму нашето вековно име Македонија! Не случајно беа и реакциите од минатото Европско првенство во фудбал, кога беше барано од Фудбалската федерација на Македонија да го преименува својот назив. Здруженијата на македонската заедница во Германија и во другите земји знаат како се
прави тоа. На ред е Министерството за надворешни работи…
Прво што треба да се направи од страна на Министерството за надворешни работи на Македонија е да се изработи прирачник за начинот на кој ќе се користат термините што се однесуваат за именување на македонските граѓани по промената на официјалното име на Македонија, како што тоа го направи за македонските медиуми. Во прирачникот за домашна употреба јасно се посочува дека придавката македонски се употребува во однос на етничкиот и културниот идентитет, јазикот, историјата, културата, наследството, територијата и другите атрибути. Во овој случај и при именувањето на македонските ракометари и спортисти на Европското првенство во ракомет. Наедно треба да им се дадат и јасни насоки на македонските дипломатски претставници да реагираат на секое неточно применување на придавките како што се „северно македонски“, „с. македонски“ и „северномакедонски“.
Постигнувањето победа или пораз на некој спортски натпревар е безначајно ако се има предвид поразот или победата на меѓународен дипломатски терен во трајното зачувување на македонскиот идентитет. Поразот на спортско натрпеварување може да се надомести со победа на некој следен натпревар. Но губењето на македонското име е неповратно и ќе остави трајни последици на опстојувањето на македонската нација. Во овој идентитетски натпревар треба да црпиме искуство од Грција, чии дипломатски претставници реагираат во секоја пригода кога се користи нашето вековно име. Не случајно беа и реакциите од минатото Европско првенство во фудбал кога беше барано од Фудбалската федерација на Македонија да го преименува својот назив. Сето тоа бара од македонската дипломатска мрежа добра организација и навремена реакција кога ќе треба да се известува при спортски преноси или пред други официјални настани на кои учествуваат странски државници во однос на именувањето на нашата држава, јазик и национална припадност. Здруженијата на македонската заедница во Германија и во другите земји знаат како се прави тоа. На ред е Министерството за надворешни работи…