Елките се сметаат за одлични прочистувачи на воздухот, а наедно и ја намалуваат бучавата. Ги нарекуваат и „филтер во природата“. За елките се советува дека не треба да стојат покрај радијатор, треба да се наводнуваат умерено (двапати неделно по малку) и да се чуваат во затворено најмногу 10 дена. По празниците се препорачува да се засадат надвор
Новогодишните празници да бидат мотив за будење на еколошката свест
Фактот дека тешко се гради еколошката свест во земјава треба да биде мотив за надлежните институции, кои можат на некаков начин да влијаат на зголемување на еколошката свест на граѓаните, да бидат иницијатори на разни проекти и иницијативи со чија помош би се влијаело на зголемување на еколошките навики на граѓаните. А има ли подобра можност за тоа од новогодишните празници, кога речиси секој дом украсува елка?
Наместо таа да биде вештачка изработена од пластика, која кога-тогаш ќе заврши во ѓубре и ќе биде пластичен отпад штетен за животната средина, убаво би било да се украсуваат природни елки, кои по нивната новогодишна намена ќе имаат улога на садници на локации каде што недостига зеленило.
ДА СЕ ПРОДАВААТ ПРИРОДНИ ЕЛКИ ПО ПРИСТАПНИ ЦЕНИ
Недостигот од природни елки во продажната мрежа, како и нивната висока цена онаму каде што може да се набават наведува на едно размислување. Зошто надлежните претпријатија како „Паркови и зеленило“, па и „Македонски шуми“, не размислат за драстично намалување на цените на природните елки, така што тие би биле подостапни за граѓаните. Но истовремено да се поведе и иницијатива, односно да стане практика за секое семејство, секако со поддршка од институциите, откако ќе завршат празниците, елките повторно да се засадуваат на соодветни локации.
Се разбира, локацијата би можела да ја одреди секоја општина или, пак, градот и на тој начин би ги воспитувале најмладите граѓани во еколошки дух, затоа што би можеле заедно со своите родители или, пак, со наставниците да го засадат новогодишното дрвце, а потоа да се грижат за него, да го гледаат како расте.
На тој начин и градот би имал добивка, со тоа што голи површини би се облагородувале со зимзелени дрвја. Ваквото одговорно однесување кон природата би можело да стане своевидна традиција, па луѓето да се грижат да не ја оштетуваат елката кога ќе ја купат, туку да внимаваат да ја засадат според соодветна процедура.
Сето тоа би имало долгорочен импакт кон екологијата во земјава. Децата би се учеле на одговорност кон животната средина, бидејќи токму кај нив, како последица на неедукацијата, еколошката свест е еднаква на нула, а треба да дојде од возрасните.
На тој начин би се научиле да ја чуваат животната средина, а новогодишните празници ќе поттикнат долгорочни еколошки активности.
ЕКОЛОЗИТЕ СО ПОДДРШКА НА ИДЕЈАТА
Еколозите велат дека оваа идеја е одлична, особено за Скопје, град што во зимскиот период мака мачи со загаден воздух.
– Идејата како идеја е одлична, но се сомневам дека такво нешто би успеале да реализираме во земјава, со оглед на тоа колку е мала заинтересираноста на институциите во поглед на аерозагадувањето. Кај нас се чека воздухот да стане штетен за дишење за да почнат да се спроведуваат какви-такви мерки. Она што е добро во таа идеја, а верувам дека ботаничарите и еколошките друштва би се нафатиле да соработуваат со институциите за ваква идеја да заживее, е да се утврдат локациите какви елки би се понудиле на продажба, за сите да имаат бенефиција од тоа. На пример, не секоја елка би виреела на Водно, но секако дека има многу видови елки што можат да се украсат за Нова година, а би ѝ го продолжиле животниот век на некоја локација во Скопје – велат еколозите.
И наставниците од основните училишта велат дека идејата е одлична и дека со задоволство би се вклучиле во една ваква иницијатива.
– Добро би било ова да биде проект на училиштата, па еден ден, наместо настава во училница, да имаме настава во природа и да го садиме дрвцето – вели наставничката Дајана П.
ЕЛКИ, ЗА ЖАЛ, ГОДИНАВА НЕМА
Откако направивме анализа за понудата на природни елка во продажната мрежа и констатиравме дека природни елки во јавните или државни претпријатија нема, а во приватните расадници нивните цени се мошне солени и не одговараат на сечиј џеб, екипата на „Нова Македонија“ одлучи да истражи дали воопшто државните претпријатија продаваат елки и која е нивната цена.
Јавните, односно државните претпријатија не продаваат елки што би можеле да се користат за новогодишно украсување. До минатата година, природна елка можеше да се купи во ЈП „Паркови и зеленило“, но оваа година, како што телефонски нѐ информираа, во понудата немаат природни елки што граѓаните би ги купиле и би ги украсувале во пресрет на новогодишните празници. Дополнително, оттаму нѐ упатија доколку имаме повеќе прашања да ги испратиме писмено и да почекаме одговор, кој ќе биде одобрен од кабинетот на градоначалничката.
Од јавното претпријатие „Македонски шуми“, пак, првично не ни знаеја да ни одговорат дали продаваат елки во овој период од годината. Велат дека е можно да има во расадникот во Кавадарци, меѓутоа елки за новогодишно украсување во понудата немаат.
Од она што успеавме да го истражиме е дека минатата година ЈП „Национални шуми“ продавало природни елки за кои интересот бил огромен.
За жал, граѓаните годинава останаа без можност да купат природна елка по пониски цени, бидејќи понудата на елки во „Паркови и зеленило“ секогаш во минатите години беше со пристапни цени, кои можеа да си ги дозволат граѓаните.
ЕЛКИТЕ СЕ ФИЛТЕР НА ПРИРОДАТА
Елките се сметаат за одлични прочистувачи на воздухот, а наедно и ја намалуваат бучавата. Ги нарекуваат и „филтер во природата“. За елките се советува дека не треба да стојат покрај радијатор, треба да се наводнуваат умерено (двапати неделно по малку) и да се чуваат во затворено најмногу 10 дена. По празниците се препорачува да се засадат надвор.
– Ако елката десет дена била во една просторија, која е потопла, сите имаме простории во домот каде што е постудено и добро е таму да остане уште десетина дена, да се направи една аклиматизација, по што ќе се засади. Во однос на почвата, важно е да не биде глинеста. Ако ја споредиме со другите дрвја, елката врши помала фотосинтеза, но таа е континуирана и овој вид дрво е корисно за апсорпција на звуци и прав – објаснуваат биолозите.
Природните елки често ги користат за украсување и кај северниот сосед. Податок објавен претходните години покажува дека за време на празниците во соседна Србија се продаваат од 3.000 до 4.000 елки, кои наменски се произведуваат.