ФУДБАЛ – КЛУПСКО СП 2023
Европскиот првак Манчестер сити од Англија е 31-от клуб што стана светски првак, откако го победи бразилскиот Флуминенсе со 4-0 во финалето на клупското Светско првенство (СП) во Саудиска Арабија. Манчестер сити е 15-от клуб со барем една титула. Мечевите за светската клупска титула се играат од1960 година. Најуспешен е Реал Мадрид (Шпанија) со осум трофеи, а потоа се Милан (Италија) и Баерн (Германија) со по четири…
Матео Ковачиќ стана првиот фудбалер што го освои трофејот со три екипи. Откако славеше со Реал Мадрид во 2016 и во 2017 година и со Челси (Англија) во 2021 година, тој сега ја освои титулата и со Манчестер сити. Осум играчи победија со по два клуба.
Тренерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола, пак, стана првиот тренер што освоил четири светски клупски првенства. Тој претходно славеше двапати со Барселона и еднаш со Баерн и досега беше израмнет со Карло Анчелоти, кој планетарните клупски трофеи ги освои со Реал Мадрид (двапати) и со Милан (еднаш).
Хулијан Алварез (стрелец на два гола во финалето на клупското СП 2023) со светската клупска титула додаде нов голем трофеј. Пред тоа тој со Манчестер сити победи во Лигата на шампионите и во Суперкупот на Европа, а ги освои и трофеите во Англија, во Премиер-лигата, ФА-купот и во Суперкупот. Со Аргентина, пак, Алварез е светски првак и победник на Копа Америка, како и победник на новото натпреварување, т.н. Финалисима (меч помеѓу европскиот и јужноамериканскиот шампион). Тој беше континентален првак и со аргентинска Ривер плата, со триумфот во Копа либертадорес, а го освои и суперкупот на Јужна Америка.
Следниот клупски мундијал е предвидено да се игра во 2025 година, во САД, со учество на 32 тима (досега се играше годишно, а настапуваа по седум екипи). Н.М.