На свеченоста одржана во Прилеп, Миоки е прогласен за најуспешен македонски клуб, а Катерина Ацевска и Еди Шерифовски доминираа во сениорска конкуренција

ЏУДО – ПРОГЛАСЕНИ НАЈДОБРИТЕ ЗА 2023 ГОДИНА

Во Прилеп, во организација на Џудо-федерација на Македонија (ЏФМ), се одржа свечена церемонија на која беа доделени признанија за најуспешните клубови и поединци во повеќе возрасни категории. Најуспешните џудисти и џудистки претходно ги поминаа филтрите од стручни комисии, при што се сумираа сите резултати и така се дојде до конечен избор на најдобрите. На прогласувањето на најуспешните присуствуваше и претседателот на ЏФМ, Владимир Трпаноски, кој им додели награди и на поединци за посебен придонес и развој на џудо-спортот во Македонија во 2023 година.
Признанието за најуспешен клуб годинава го освои Миоки од Скопје, кој предводен од тренерот Игор Паскоски има и четири поединечни признанија.
– Ова беше доста успешна година за клубот Миоки и за мене како тренер. Бевме најуспешни на поединечните државни првенства, го освоивме првото место на Екипното државно првенство, со што ја зацврстивме водечката позиција пред клубовите Сеишин и Дрим на бодовната листа на ЏФМ. Годинава ги добивме титулата и пехарот за вкупен победник од државните првенства за 2023 година. Освоивме три значајни медали од балканските првенства, од кои еден сребрен и два бронзени, деветто место на Европското првенство и петто место на Европскиот куп, што несомнено нѐ издвои како најуспешен клуб од Македонија на меѓународен план. Се надевам дека во 2024 година ќе успееме да освоиме медал од Европскиот куп, кој последен пат за нашата федерација беше освоен во 2018 година, од Хамза Јашари од клубот Миоки – вели Паскоски, кој е и селектор на кадетската репрезентација на Македонија.
Второто место со два поединечни најуспешни џудисти за годинава му припадна на клубот Сеишин од Прилеп, предводен од тренерот Дејан Мицкоски, кој неодамна е именуван за спортски директор во ЏФМ.


– Изминатава 2023 година од натпреварувачки аспект на ниво на ЏФМ ја оценувам позитивно, поаѓајќи од фактот што се освоени неколку медали на балканските првенства. Малку недостигаше да имаме и европски медал, но не успеавме. Од големо значење е организацијата на две балкански првенства, кадетско и за ветерани, како и Европскиот куп за јуниори, кои од меѓународните организации беа оценети со највисоки оценки. Посебен впечаток ми остави организацијата и настапот на Европскиот куп во Скопје, која ни беше доверена првпат, а каде што докажавме дека и ние можеме да се носиме рамо до рамо со европските држави и федерации. На клупски план, пак, Сеишин за малку не успеа да ја одбрани неколкугодишната шампионска титула, каде што пресудно беше завршното Екипно првенство за сениори, на кое Сеишин настапи со помлад состав, оти неколку џудисти се рехабилитираа од повреди, па завршивме втори, што не е мал успех. Клупските активности привршуваат денеска, со полагање за ученички појаси и со прогласување најуспешни на клупско ниво. Но, по кратката пауза за време на новогодишните празници продолжува со базични подготовки и активни подготовки за новата сезона. За 2024 година очекувам да тргнеме со нов елан, со навремени подготовки, првично по клубовите, а потоа и на репрезентативно ниво, со што ќе целиме кон освојување нови балкански, па и европски медали. Таа цел ќе ја оствариме преку почнување со тренинзи и подготовки во новите џудо-центри, кои ги приспособуваме на ниво на Федерацијата – вели Мицкоски.
Третото место му припадна на струшкиот клуб Дрим, кој има и едно поединечно признание. Скопскиот клуб Ипон освои две поединечни признанија, а по едно поединечно признание добија и Пролетер од Прилеп и Преспа. Г.И.


НАЈУСПЕШНИ КЛУБОВИ

Миоки (Скопје)
Сеишин (Прилеп)
Дрим (Струга)

НАЈУСПЕШНИ ПОЕДИНЦИ
помлади пионерки Емилија Паскоска (Миоки)
помлади пионери Марко Димитријоски (Пролетер)
пионерки Хамида Друштинац (Миоки)
пионери Амар Бајрамовски (Дрим)
кадетки Георгина Блажеска (Миоки)
кадетки Ива Богдановска (Миоки)
кадети Никола Магдески (Сеишин)
јуниорки Лилјана Недановска (Преспа)
јуниори Георгиј Магдески (Сеишин)
сениорки Катерина Ацевска (Ипон)
сениори Еди Шерифовски (Ипон)