Првите години на народноослободителната и антифашистичка борба биле особено тешки, бидејќи бугарската армија и полициски сили биле повеќебројни и подобро вооружени од првите македонски партизански одреди и чети. Меѓутоа македонските партизански единици, особено во 1942 година, покажале дека слободата и македонската државност можат да се извојуваат само преку масовна оружена и добро организирана борба против непријателот. Совршен пример е партизанскиот одред „Ѓорче Петров“

Да не се заборави 20 декември, денот кога партизанскиот одред „Ѓорче Петров“ се судри со бугарскиот окупатор

Македонската народноослободителна и антифашистичка борба во Втората светска војна се карактеризира со храброст и желбата за слобода, како и за сопствена македонска држава. Оттука, и покрај бројноста на бугарските армиски и полициски сили, македонските партизани честопати отворено влегувале во директни судири покажувајќи неизмерна храброст и упорност, чин што предизвикувал збунетост и изненадување за бугарските окупаторски сили. Храброста на македонските партизани, односно нивната борбена подготвеност придонела за развој на народноослободителната борба и за создавање многу легенди за македонското партизанско движење и македонските херои, а сето тоа морално влијаело врз македонскиот народ. Постојат голем број примери за македонското херојство во Втората светска војна, а меѓу нив е борбата на 20 декември 1942 година во Прилепец, кога партизанскиот одред „Ѓорче Петров“ се судри со бугарската окупаторска војска, која ѝ беше сојузник на фашистичка Германија.
Првите години на народноослободителната и антифашистичка борба биле особено тешки бидејќи бугарската армија и полициски сили биле побројни и подобро вооружени од првите македонски партизански одреди и чети. Меѓутоа македонските партизански единици, особено во 1942 година, покажале дека слободата и македонската државност можат да се извојуваат само преку масовна оружена и добро организирана борба против непријателот. Совршен пример е партизанскиот одред „Ѓорче Петров“, кој е формиран на 21 септември 1942 година, како прва чета во велешко-прилепскиот партизански одред „Димитар Влахов“. Дејствувал во селата Дабница, Десово, Ораов Дол, Беловодица, Плетвар, Старо Лагово, Забрчани, Дупјани и Мажучиште.

Од оваа активност произлегла и борбата од 20 декември 1942 година. Имено, на пат за Чебрен, каде што од Првата чета на прилепскиот партизански одред и од делови на битолскиот и кавадаречкиот партизански одред, требало да формираат поголема партизанска единица, во близината на селото Прилепец, поточно над манастирот над селото, партизанските единици биле откриени и нападнати од бугарските вооружени сили. При првиот напад загинуваат: Стеван Димески-Ништакот, Димче Мирчески-Бањарот, Бошко Јосифоски-Корчагин и Трајче Најденоски-Соколе, додека при вториот напад загинуваат: Стеван Базеркоски, Гога Секулоски, Менде Бошкоски и Борка Спасески. Ранет и заробен, а подоцна и убиен во касарната во Прилеп е Киро Нацевски-Фетак. Успеале да се спасат само Петар Пепељугоски-Црвениот, Благоја Бошкоски-Дабичот и Петко Велкоски.
Петар Пепељуговски (член на Третиот областен комитет, а во 1943 г. заменик-комесар на Третата оперативна зона на Македонија, политички комесар на чета и на 15-та Македонска НО-бригада) вели дека 1942 година била драматична година на надеж и партизански потфати, како и година на многу индивидуални потфати и големи жртви.

Пепељуговски конкретно за борбата од 20 декември 1942 година вели: ,,Борбата продолжуваше, обрачот сѐ повеќе се стегаше. За наша несреќа, нашиот пушкомитралез заглави и не можевме да го употребиме. Од сите страни фрчеа рачни бомби и оган од автоматско оружје. Во тој пекол загинаа другарите. Во тој момент командирот Борка ми нареди да се префрлам до нив, бидејќи останав сам. Некако успеав под дожд од куршуми да се приклучам до нив, така што нашиот распоред беше во вид на триаголник“.
Според Пепељуговски, на повикот на бугарските војници: ,,Комунисти, предајте се“, Фетак им одговори: ,,Елајте фашисти, мајката ваша фашистичка, да видите како се предава комунист Македонец пукајќи“. Д.Ст.


Киро Нацев

Киро Нацев-Фетак

Киро Нацев е роден во работничко семејство во Куманово. Гимназија не можел да заврши, поради немањето доволно пари за школување, па татко му го пратил да учи занает. Член на СКОЈ е од 1934 година, а на КПЈ од 1936 година. Како шивач, активно работел во УРС-синдикатите и во работничкото друштво „Абрашевиќ“. Во 1936 година, кога бил примен во партијата, бил уапсен и минал повеќе месеци под полициска истрага, но полицијата не можела ништо да дознае од него. Поради немање работа заминал за Ниш. Во 1939 година добил покана за војска и заминал на отслужување. Капитулацијата на Југославија го дочекала додека бил војник.
Активно работел на формирање на првите партизански единици, а му била доверена и должноста политички комесар при Козјачкиот партизански одред, во кој меѓу другите борци бил и Карпош. Кога одредот претрпел пораз, Киро Нацев со група другари успеал да се пробие до Куманово, а оттаму заминал во Скопје како партиски инструктор. Како инструктор на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија ги обиколил партизанските организации и подготвувал терен за формирање нови партизански единици. Од февруари 1942 година работел како инструктор на ПК КПЈ за Македонија во Прилепско и на теренот на Крушево.
Кај манастирот „Прилепец“, по повеќечасовна борба на партизанскиот одред „Ѓорче Петров“, Киро бил тешко ранет и заробен од бугарските полицајци, а потоа и ѕверски мачен. Убиен е во касарната во Прилеп во есента 1942 година. За народен херој бил прогласен на 20 декември 1951 година.