Од 7 октомври, светот ја следи жестоката војна меѓу Израел и Хамас, која однесе повеќе од 15.000 животи за два месеца. Кој е коренот на оваа жестокост, дури и отворена омраза? Која е нејзината причина и што би можел да значи овој конфликт за идните односи во областа? Историчарот и новинар на ХРТ, Дарио Шпелиќ, за хрватскиот портал „Индекс“ детално ја објасни историјата на израелско-арапскиот конфликт, а се осврна и на религиозните прашања. Разговаравме и за актуелниот конфликт и неговите импликации за целиот свет

Фељтон: Зошто Израелците и Палестинците се мразат толку многу? (3)

Шалит беше разменет за голем број палестински затвореници од израелските затвори, а меѓу оние што беа разменети за Шалит беше и актуелниот лидер на Хамас во Газа, Јахја Синвар, кој издржуваше доживотна казна во израелски затвор. Оттогаш до 2023 година, кога би можел само да ги набројам имињата на операциите на израелските одбранбени сили, би добиле еден мал пасус во вашата статија. Постојат: летни дождови, жешка зима, леано олово, столбови на одбраната…
По правило, Хамас вршеше напади врз Израел, главно со ракети од типот „касам“, понекогаш се обидуваше да испрати свои членови преку граница во терористички напади. Израел навлегуваше во Газа по големите напади, колоквијално таа стратегија беше наречена „косење трева“.
Тоа значеше дека Израелските одбранбени сили (ИДФ) ќе влезат во Газа, ќе уништат дел од инфраструктурата на Хамас и по некое време, обично неколку недели, ќе излезат од Газа. Таквите операции траеја додека не се склучеше примирје, кое вообичаено беше договарано од Египет или од Катар, а тоа траеше до следниот голем ракетен напад од Израел или до следниот конфликт. Таа стратегија на косење трева имаше мана, секој што косел трева знае што значи тоа. По косењето, таа расте уште повеќе, наведува Шпелиќ.

Нападот на 7 октомври менува сѐ

Покрај уништувањето на дел од инфраструктурата на Хамас, како што вели тој, ќе бидат убиени и цивили, што ќе создаде уште поголем отпор кај палестинското население.
– Она што се случи на 7 октомври, уште еден во серијата напади извршени од Хамас против Израел, беше толку насилно, жестоко, касапско. Тоа ја влоши ситуацијата толку многу што веќе не е можно да се даде одговор врз основа на минатите конфликти меѓу Израел и Хамас. Да беше тоа нормален напад, ако Хамас само пукаше со ракети „касам“, ако се обидеше да се пробие, би рекол дека ќе се случеше нешто слично на она што веќе се случува од 2006 година.
Но, овој, овој напад… Беше толку жесток што не може да се предвиди каде можат да одат работите. Три дивизии на ИДФ веќе влегоа во Газа, а можеби и четвртата е на пат. Тоа е повеќе од сѐ што Израел испрати во Газа од 2005 година досега.
Дали е целта да се уништи Хамас? За тоа треба да ја пребарате цела Газа, да превртите сè наопаку, да влезете во сите тунели и да ги најдете ракетите што се скриени таму. Ако целта на оваа операција е уништување на Хамас, тогаш е неопходна нова окупација на Газа, привремена или трајна.
Нападот на 7 октомври беше толку жесток што е тешко да се предвиди нешто. Којзнае каде е крајот на израелската реакција… Последиците се гледаат во екстремен случај во размерите на израелскиот напад. Израел веќе влезе во област во која не беше од 2005 година, бројот на цивилни жртви можеби ќе биде поголем од сите претходни операции во Газа. Сега можеби имаме примирје, но тоа не е крајот на војната. Тоа е само пауза во борбата – додава Шпелиќ.

Ова е повеќе од конфликт меѓу Израел и Хамас

Историчарот истакнува неколку други важни аспекти.
– Тој конфликт е повеќе од конфликт меѓу Израел и Хамас, тоа е поширока приказна за Блискиот Исток како една од клучните области, ако ништо друго, тогаш поради нафтата и гасот. Тоа е конфликт што се надоврзува на пошироки конфликти. Пред сè, мислам што ќе правиме со Иран, нуклеарен Иран.
Има и приказна дека Кралството Саудиска Арабија соработувало со Израел на меѓусебно признавање. Според моето длабоко убедување, една од причините за нападот е желбата на Хамас да го спречи тоа, така што Саудиска Арабија, како чувар на светите места на исламот Мека и Медина, нема да ја признае државата Израел.
Тоа признавање би го променило Блискиот Исток бидејќи Израел и Саудиска Арабија го делат истиот непријател – Иран. Второ, повеќето од земјите во областа, Саудиска Арабија, земјите од Арапскиот Залив, Кувајт, Бахреин, а потоа и Јордан, имаат голема толеранција кон Хамас. Повторувам, зборуваме за адвокатот на Муслиманското братство, кое сака не само исламска обнова туку и револуција.
Проблемот не е само што владетелите не се однесуваат и владеат според исламот туку и тие се корумпирани и треба да бидат отстранети од власта. Оваа политика, слична на онаа што ја иницира исламската револуција во Иран во 1979 година, не одговара на ниту еден режим, од Египет до Кралството Саудиска Арабија – рече Шпелиќ.

(Продолжува)