Зошто Западен Балкан е заледен во сандак за најдлабоко замрзнување? Старите Римјани добро забележале дека додека зборува оружјето, молчат законите, а и културата. За среќа, Балканот засега го одминуваат ветриштата на двете сурови војни во неговата непосредна близина, како руската инвазија врз Украина, така и израелската интервенција во Појасот Газа. Во вториот случај се чини дека сите вмешани актери се трудат од петни жили да се локализира израелско-палестинскиот конфликт и да не дојде до ескалација од пошироки размери, која би го проголтала не само поширокиот Блиски Исток, туку и би ги вклучила денешните клучни светски сили. Можно е да се замислат сценарија каде што мирот и безбедноста на Балканот би биле загрозени доколку судирот во Појасот Газа излезе од контрола, но засега тоа е помалку веројатно.
Надворешнополитичките и безбедносните равенки со украинскиот случај се многу посложени. Западен Балкан се наоѓа цврсто во американската зона на влијание и во секој поглед, како и по секој параметар, САД се доминантна сила во регионот. Да, Европската Унија има клучно економско влијание во Западен Балкан, тукашните земји се преобразуваат по европски терк и имаат стратегиска цел да влезат во ЕУ како полноправни членки. Сепак, европската димензија на надворешната и безбедносната политика на земјите од Западен Балкан не е спротивставена на американската доминација со регионот. Низ призма на Вашингтон, европската интеграција е целосно во согласност со американските интереси и додава само уште еден слој на односите на една земја со САД. Зошто тогаш нема придвижување на Западен Балкан кон Брисел повеќе од една деценија?
Наједноставниот одговор би бил дека Вашингтон и Брисел го изгубија интересот за регионот, по крајот на балканските војни, по серијата договори што ги замрзнаа тукашните жаришни точки, како и по маргинализацијата на сите политички движења што целеа кон различни стратегиски ориентации за тукашните земји. Америка беше вовлечена во југословенската криза уште од самиот почеток, но потоа имаше една пауза по изборот на Бил Клинтон. Сепак, потоа неговата администрација одлучи да се вмеша во регионот, па сите натамошни точки имаат американски печат, започнувајќи со Вашингтонскиот договор меѓу Бошњаците и Хрватите од 1994 година, преку хрватските воени интервенции во 1995 година, Дејтонскиот договор, Рамбуе, Кумановскиот договор од 1999 година, падот на ХДЗ по смртта на Туѓман, рушењето на Слободан Милошевиќ, Охридскиот рамковен договор од 2001 година, црногорската независност, Мајскиот договор од 2008 година, косовската независност, Бриселскиот договор од 2013 година, Преспанскиот договор од 2018 година, договорот Петков – Ковачевски од 2022 година, Охридскиот договор од 2023 година, а веројатно следуваат и некои други точки. Притоа, американската политика кон Балканот не е издлабена во мермер, туку постојано се приспособува на американските национални интереси, геополитичкиот миг и она што е можно на теренот.
Западен Балкан памети и моменти кога нештата се замрзнуваа, но и моменти кога работите коренито се менуваа. За жал, 24 февруари 2022 година го стави Балканот во најдлабоката комора на сандакот за замрзнување на американската надворешна политика. САД се несомнено светска сила број еден иако веќе се намножуваат предизвиците кон нивното водство од неколку ревизионистички сили. „Новата голема игра“ голта многу ресурси на американската надворешна и безбедносна политика, како дипломатски, така и воени и разузнавачки (претседателот Обама го најави и „американското свртување кон Азија“). Меѓутоа, војната во Украина коренито ја измени играта. Американскиот фокус кон Украина, сега и кон Појасот Газа, е критичен, па сѐ друго е ставено во втор план. Додека трае војната во Украина, американски интерес е на Балканот да се одржи статус кво. Секако дека ќе се следува секој можен отвор за пробив по американски терк во регионот, но многу повеќе американската дипломатија ќе внимава да не се влошат состојбите насекаде во регионот. Особено ќе бидат чувствителни за сите сигнали, па дури и најситни шумови, за дестабилизација на земјите од регионот. Како и секоја светска сила, во кој било момент на глобалната историја, и Америка настојува да нема никакви проблеми во својот сојуз додека трае жесток воен конфликт, макар и војна водена преку посредник. Исто така, тие немаат веќе праг на толеранција дури и за идеи што може да придонесат кон натамошниот демократски развој на земјите од регионот. На пример, црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ одлучи да помогне партиите на српската заедница да бидат вовлечени во владиниот систем. Нивната реторика им ја крева косата на главата на сите западни дипломати, но јасен е потегот на Милатовиќ. Не може да се остави толку голем дел од црногорското население без удел во политичкиот систем. Веројатно е дека во нормални политички околности САД би го следеле, олесниле и овозможиле овој процес. Но, сега нивната реакција беше скептична, па дури и негативна. Пред голем испит се наоѓаат и Милатовиќ и лидерите на српската заедница од Црна Гора. Во многу слична ситуација ќе се најде и следната македонска влада. На САД сега најмалку им се потребни искричења на релација помеѓу Скопје и Софија. Ќе биде потребна голема политичка храброст, дипломатска креативност и умешност од следната македонска влада за да се излезе од дупката каде што земјата беше внесена со договорот Ковачевски – Петков. Тоа ќе биде најсериозен испит за македонската дипломатија во идниот период, за жал, токму во моментите кога ни Вашингтон, а ни Брисел немаат ни време, ни ресурси, а ни волја да се нурнат во уште еден балкански проблем. Среќен факт е околноста што тие немаат ни толеранција за налудничави игранки, како епизодите со клубовите и со Пендиков, па веројатно тоа ќе ја олесни малку тензијата помеѓу двете земји.
Реакцијата на САД ќе биде многу поостра кон секој лидер, политичко движење или моќник на Западен Балкан што ќе се дрзне да бара ревизија или да ги поништи постулатите на договорите со кои се запреа конфликтите во и помеѓу земјите од регионот, особено онаму каде што повторно тлеат жарчиња. Внатрешната политика на Албанија е една од точките, секој обид за некаква природна Албанија или велика Србија е друга таква точка, редефинирањето на Дејтонскиот мировен договор е трета точка, активности за поништување или релативизација на Охридскиот рамковен договор ќе добијат жесток одговор од Вашингтон и така натаму. Затоа велам дека Западен Балкан е заледен во сандак за длабоко замрзнување.
Проблемот со замрзнувањето е тоа што ваквата состојба го кочи натамошниот демократски развој. Општествата постојано се менуваат и не може да бидат поврзани со компромисите од некое друго време, испреговарани од некои други генерации и за сосема поинакви проблеми во општествата. Но, сега фокусот на Вашингтон и на Брисел е на војната во Украина, па нема место за каков било креативен пробив.
Во такви услови Македонија го дочекува декемврискиот Совет на Европската Унија, кога една од главните точки на дневниот ред е политиката на проширување. Од интерес на Вашингтон е ЕУ навистина да ја потврди изнесената политика за проширување од есенскиот пакт на Европската комисија. Сепак, внатрешните состојби во Унијата, политичкиот момент во повеќето земји членки (особено кај стожерните и клучните држави на ЕУ), не дава премногу надеж за суштинска промена. Се чини дека се можни некои симболични потези на декемврискиот самит на ЕУ, но не и далекосежни одлуки со кои земјите од Западен Балкан ќе се вкотват во единствениот пазар.
Фокусот на војната во Украина, како и на судирот во Појасот Газа, ги запира развојните политики, особено демократскиот развој страда додека зборува оружјето. Македонија ќе мора да се фокусира на можното. Оттука е и насловот на мојата денешна колумна. „Inter arma enim silent integratio“, односно „додека говори оружјето, молчи интеграцијата“.
Автор: Ивица Боцевски