Сега, кога ЕУ е на мака, таа воопшто нема да се труди да ја разбере Македонија. Дури Брисел мисли и дека е во право, иако е неправеден. А неправдите не се лекуваат со прифаќање уцени и со жртвување на националниот интерес за лажна космополитска идеја
Многу денови Д се случија во македонската современа историја, во настојувањата за постигнување на стратегиските определби за членство во ЕУ, па и во НАТО. Секој самит на ЕУ во изминативе 15-18 години ја имаше димензијата на некаков одлучувачки ден Д, од кој, ако „добиеме датум“ за почеток на преговорите, ќе започне блескавата иднина на Македонија. Од таквиот притисок на митот за „пресвртниот ден“ неколкупати бевме „израдувани“ со лажни вести од нашите политичари, дека сме ги започнале преговорите за членство во Унијата. Веројатно „најисториска“ е онаа лажна вест од јуни 2018 година, илустрирана со насмеано селфи на премиерот и министрите во владиниот авион, на враќање од Брисел, откако добиле усни пофалби за тогаш тазе потпишаниот Преспански договор.
Сега повторно сме пред нов ден Д, иако формално е започнат преговарачкиот процес на Македонија со ЕУ, по одржувањето на првата меѓувладина конференција во јули 2022 година. Но дали процесот ќе продолжи со отворање на поглавјата, односно со втора меѓувладина конференција, Советот на ЕУ повторно ќе треба да одлучува на претстојниот самит на 14 и 15 декември. За позитивна одлука за продолжување на преговорите е потребно пред сѐ Македонија да прифати и да спроведе уште еден непринципиелен услов наведен во преговарачката предлог-рамка, скратено наречен – уставни измени за воведување бугарско малцинство. Тој услов, со тежина на уцена, се претставува како пресуден пред новиот ден Д за Македонија, без оглед на оценките од скрининг-процесот, кој е сепак стандардна процедура во процесот на пристапување на нови членки во ЕУ. Во пресрет на тој нов „пресуден ден“, во Македонија често дефилираат емисари од висок меѓународнополитички профил, обично пред крајот на своите мандати, да убедуваат (сепак, со не многу голем ентузијазам) за спроведување на таа за нив „процедурална уставна интервенција“. Со оглед на дезориентираноста на ЕУ во однос на приоритетите за своето самореформирање и геополитичките предизвици со кои се соочува, таа сѐ повеќе се однесува како да „нема време“ за сопствените базични вредности, кои ги прекршува токму во случајот со Македонија, третирајќи ја загриженоста на македонските граѓани за сопствениот национален идентитет како тривијално процедурално прашање.
Имено, Брисел се обидува да подготви нова стратегија за подобрување на конкурентноста на Европската Унија, поради стравувањата дека ќе заостане зад економските позиции на САД и Кина. На пример, сега вредноста на економијата на ЕУ е 65 отсто од големината на американската економија, односно за 91 отсто е помала во споредба со 2013 година. Разликите во економската развиеност се гледаат и низ бруто-домашниот производ на САД, кој по жител е речиси двапати поголем од оној просечниот на ЕУ. Но јазот и натаму се зголемува. Состојбата не е подобра ни доколку се погледне општата конкурентност во споредба со САД и со Кина. ЕУ послабо е рангирана на листата на глобалните топ 20 технолошки компании, на врвните светски универзитети или според капацитетите за производство на полупроводници. Долгогодишните структурни прашања што ја поткопуваат ефективноста на единствениот пазар на ЕУ беа обременети со годините на криза и неуспехот во намерите од 27 поединечни пазари да се направи единствен европски пазар, со пандемијата на ковид-19, со настаните во Украина, со зголемените цени и со трошоците на енергијата за европските компании. Демографските притисоци и образовните тесни грла создадоа недостиг од квалификувана работна сила. Дополнителен товар доаѓа од бирократијата, за која сопствениците на мали и средни бизниси и дипломатите на ЕУ велат дека го уништува потенцијалот за раст…
Дополнителен предизвик во кој не се снаоѓа најдобро самата Европска Унија се геополитичките кризи и приоритети, како војната во Украина и на Блискиот Исток, односно новоразгорениот антагонизам меѓу Израелците и Палестинците.
По петдневната посета на земјите од Блискиот Исток на шефот за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Жозеп Борел, тој призна дека слушал за вознемиреноста на арапските лидери и палестинските граѓански активисти дека 27-члената ЕУ не ги применува истите стандарди за војната на Израел во Газа, како и за руската војна во Украина. „Сите тие навистина ја критикуваа позицијата на Европската Унија како еднострана“, призна Борел, стравувајќи дека таквата огорченост може да ги поткопа дипломатската поддршка за Украина на Глобалниот Југ и способноста на ЕУ да врши притисок за договори за почитување на човековите права. Шефот на европската дипломатија искажа и загриженост дека веќе добил пораки од некои министри што сигнализираат дека нема да ја поддржат Украина следниот пат кога ќе има гласање во ОН, но и „ако работите продолжат вака неколку недели, непријателството против Европејците ќе расте“.
Кога ЕУ е толку дезориентирана, пред крајот на мандатот на актуелната Европска комисија, и така опаднатиот ентузијазам за проширување со земјите од Западен Балкан, во кој е сместена и Македонија, се сведува на протоколарна незаинтересирана реторика, која одредени земји членки ја сфаќаат како „дозвола за уценување на кандидатите“. Таквата состојба на ЕУ секако не е соодветна аргументација за Македонија да ги жртвува уште еднаш своите национални интереси, притоа давајќи им легитимитет на прекршувањето на основните принципи од повелбата на Обединетите нации и на основачките документи на ЕУ, за национално самоопределување и самоименување, дозволувајќи спроведување нереципрочни уставни измени, со нескриени асимилаторски аспирации. Јасното искажување на позициите и загриженоста на најголемиот дел од македонските граѓани од условите што се поставени во преговарачката рамка на ЕУ, т.н. француски предлог, треба да биде шанса за нов чесен почеток на односите меѓу Македонија и Унијата. Притисоците со нови денови Д за исполнување услови што водат до откочување на цела спирала нови уцени за Македонија во преговарачкиот процес не е во интерес ниту на самата ЕУ. Потребно е гласно да се кажат неправдите болни за народите, како што тоа го направиле претставниците на арапските земји на средбите со Борел. Колку и да е голем и важен геополитичкиот интерес, премолчената и прифатена неправда не е продуктивна позиција и не да води кон решение и напредок. Кога ЕУ е на мака, не се труди да ја разбере Македонија. Дури мисли и дека е во право кога е неправедна. А неправдите не се лекуваат со прифаќање уцени и со жртвување на националниот интерес за лажна космополитска идеја.