Фото: Пиксабеј

Полската влада во заминување објави дека Брисел ја одобрил првата исплата на средства за закрепнување на Полска, што претходно беше суспендирана поради прекршување на владеењето на правото во земјата.

– ЕК во вторникот даде позитивно мислење за ревидираниот фонд за закрепнување… Полска наскоро ќе добие 20 отсто од оваа сума во форма на аванс, односно повеќе од пет милијарди евра – се наведува во соопштението на полското Министерство за регионална политика.

Одлуката ја објавија популистичките националисти од партијата Право и правда (ПиС), кои долго време не се согласуваа со Брисел за контроверзната реформа на правосудниот систем.

Министерството објави дека првата исплата на ЕУ „нема да зависи од тоа дали Полска исполнува некој“ од условите претходно поставени од Брисел.

Варшава посочи и дека со новиот план за трошење одобрен од Брисел, сумата наменета за Полска во форма на заеми и субвенции се зголемила од 35,4 милијарди евра на 59,8 милијарди евра. Дополнителни средства ќе и бидат ставени на располагање на Полска главно во форма на евтини заеми од 23 милијарди евра, а само 2,76 милијарди евра ќе бидат исплатени во форма на неповратни грантови.

Со доделување на нови средства, ЕК посочи дека дава „поттик на еколошката транзиција на Полска“.

Изменетиот план става силен акцент на „еколошката транзиција“ со насочување на 46,6 отсто од расположливите средства за мерки кои „поддржуваат климатски цели“, посочува ЕК.