Треба ли да потсетиме каков насилнички и лажиран чин беше изборот на Талат Џафери? Нешто што го видовме со свои очи! Какви срамни и противуставни закони се донесоа оттогаш, како криминално го сменија Уставот (и името)? Но тие фини господа и госпоѓи (божем народни претставници, а претставуваат еден сиромашен, понижен, згазен и сè погневен народ, кој нив ги доживува како туѓо тело) се згрозија од куп фрлени хартии со амандмани и два скршени монитора! Или тие не гледаат подалеку од носот (а носот им е затнат пред сета таа реа што се шири во нивниот „дом“) или намерно глумат пуританци, префинети и културни луѓе, да не речам политички светци? За жал, дојдовме во ситуација кога апсурдот станува нормален, па за да забележи некој воопшто како тивко и упорно се урива демократијата, мора да се дејствува „радикално“
Вистинско чудо е сè уште да зборуваме за скандал во Собранието. По години и години негово (само)уништување и деградирање, ова не би требало да биде изненадување, бидејќи е само продолжение на една тенденција. Последниот скандалозен чин е начинот на донесувањето на новиот деловник за работа на највисокото народно, претставничко и законодавно тело, а уште повеќе неговата содржина. Да биде иронијата поголема, тој треба/ше да биде кулминација на некаков „европски“ процес (т.н. Жан Моне). Да не се лажеме, „европскиот предзнак“ нема никаква врска со парламентаризмот на национално ниво, ниту пак ЕУ има ингеренции во однос на парламентарното право и дејствување – освен ако не е колонијална сила што ги насочува тие, неспособните и назадните. Наместо суверен процес на заедничка работа, меѓусебни консултации и договарање врз основа на рационални аргументи, пратениците од сите пратенички групи неколку години беа „менторирани“ однадвор. Но итри какви што се, тие веројатно го изиграа и својот тутор (кој, искрено речено, баш и не се грижи за квалитетот на демократијата додека се носат геополитички одлуки од посакуван вид): толку го „европеизираа“ деловникот, што ја укинаа и смислата на неговото постоење.
Но наместо скандализирање во однос на најважното, пратениците (особено оние што се претставуваат како божем единствена опозиција) се згрозија од бунтовничкиот чин на двајцата пратеници на Левица. И во оваа пригода е ред да се навратиме на сите претходни ситуации кога опозицијата беше понижувана и маргинализирана, правилата газени, а максимална реакција беше онаа „срамота, срамота“. Треба ли да потсетиме каков насилнички и лажиран чин беше изборот на Талат Џафери? Нешто што го видовме со свои очи! Какви срамни и противуставни закони се донесоа оттогаш, како криминално го сменија Уставот (и името)? Но тие фини господа и госпоѓи (божем народни претставници, а претставуваат еден сиромашен, понижен, згазен и сè погневен народ, кој нив ги доживува како туѓо тело) се згрозија од куп фрлени хартии со амандмани и два скршени монитора! Или тие не гледаат подалеку од носот (а носот им е затнат пред сета таа реа што се шири во нивниот „дом“) или намерно глумат пуританци, префинети и културни луѓе, да не речам политички светци?
За жал, дојдовме во ситуација кога апсурдот станува нормален, па за да забележи некој воопшто како тивко и упорно се урива демократијата, мора да се дејствува „радикално“. А критиките за радикалните во оваа ситуација се исто како да ги обвинувате за тоа што се осмелиле да дигнат штит против парламентарната демократија. Тие произлегуваат или од целосно неразбирање на мотивот зад ваквите потези на протест или од целосно разбирање од оние што без трошка срам воведуваат диктатура со европско знаменце. Ако полицијата врши увид за нанесената материјална штета во Собранието, а отмените пратеници зборуваат за недолично „дивеење“, како ли треба да реагираме ние за сите материјални и нематеријални штети што ни ги нанесоа Собранието и Владата? Теориите на заговор од некои опозициски пратеници не заслужуваат ни коментар – толку се бедни и проѕирни! Ние ќе направиме попис на сите штети: политички, финансиски, национални, повреди на човековите права, грабежот во вид на плати од нашата сиромаштија! Сè по список! Па, да видиме кој дивее, кој е примитивец, а кој се води од аргументи и убедување – со сите средства.
Да, како професорка што предава политички систем, но и како активна граѓанка, и јас би сакала парламент како што го замислуваше Џон Стјуарт Мил. Според него, парламентот постои (не толку заради дебата) колку заради одржување на власт на оние што работат за општото добро, односно за исфрлање на клоци на неранимајковците (според неговите зборови). Идеалната претстава за парламентот е дека тој го претставува народот, нас, граѓаните од кои извира власта и нивната главна задача е да го почитуваат тој глас – vox populi! Но нештата се извртеа (и не само кај нас туку во сите божем зрели демократии): пратениците стануваат посебна каста, привилегирана и таква што очекува почит и се вознемирува од критики (дури и кога „лапаат“ дневници, патарини, огромни плати зголемени за 78 отсто и сл.). Тие не се ни свесни дека ние одамна престанавме да ги гледаме нивните бесмислени дебати, бидејќи крајниот резултат одамна ни е познат. Божемните опозиционери се или капитуланти или колаборационисти (антиципираат победа на наредните избори, па си ги редат картите како што им чини во дослух со власта, која исто така се надева дека ќе си остане каде што е). Неверојатно е дека од 120 пратеници не можете да видите, на пример, предлог за донесување закон, или уште помалку претставка пред Уставен суд. И сега доаѓаме до ДВАЈЦАТА! Доаѓаме до ИСКЛУЧОКОТ од правилото на „финиот парламент“. Тоа се Апасиев и Крмов, кои брануваат до последниот атом на (физичка и ментална) сила. Треба ли да набројувам колку амандмани поднесоа (не само за деловникот), колку предлози на законски решенија, декларации и резолуции, иницијатива за распишување референдум, претставки до Јавното обвинителство, Управниот и Уставниот суд? Па, барем 3 отсто од пратениците да работеа со таков жар и посветеност на правдата и правото, парламентот немаше да стане карикатура на самиот себе! Дури и да беа надгласувани, ќе го задржеа дигнитетот. Ние, нивните гласачи, ќе знаевме дека некој го артикулира нашиот интерес, глас, ама и гнев.
Од понеделникот вечер можеме да зборуваме за нашите парламентарни „Термопили“ – метафорички кажано, местото што требаше да се брани со својот (политички) живот докрај, по цена и да се плати највисока казна.
Историската приказна за Спартанците (300 на број, а за кои е снимен и холивудски блокбастер) е приказна за непредавање дури и кога смртта е извесна. Среде бурен ден исполнет со работни обврски на повеќе страни, во паузата сосема случајно можев да го видам во живо „скандалозното однесување“ на Апасиев и на Крмов. Првата асоцијација ми беше дека на местото каде што се одлучуваше за животот, односно смртта на парламентарната демократија, наместо 300 или барем 30, имаше само ДВАЈЦА бранители. (Ми рекоа дека надвор, пред парламентот, биле преостанатите 298). Ах, да не ги заборавиме и оние што гнијат во зандани, а гревот им беше одбрана на Уставот. Ете, тоа е наравоучението со кое власта (благословена од странците и од „Жан Моне“) сака да нè дисциплинира сите по ред: од граѓани до пратеници! (Патем, се дигнаа ли пратениците по пресудата изречена на пратеник заради мислење искажано во Собрание, нивно свето право што им гарантира слобода на говор и одлучување!? Прашањето е реторичко.) Ќе видиме какви мерки може да помислат да преземат против единствените двајца опозиционери, но јасно е дека во иднина парламентот сосема ја губи смислата на своето постоење, а пратениците се апаратчици што ќе ги држат на кратко јаже. Ако досега немаше делиберација, дискусија, размена на аргументи (навредите не се бројат), отсега ќе ги нема воопшто. Сега е воведен квазипарламентарен триумвират, а парламентарниот живот и активности се суспендирани.
Се сеќавате на оној фамозен израз „заробена држава“? Е па, оваа сега е најмазохистичката држава за едно „смачкано семе“ (што би рекол Конески), во која парламентот се самоукина. Ликот на координаторот на пратеничката група на ДПМНЕ што ја играше улогата на „камшик“ ќе остане неизбришлив во холот на неславните членови на таа партија, која пасивно или активно помогна да станеме ова што сме сега. Кажете што сакате, ама нормален, а гневен граѓанин не може а да не доживее сатисфакција при покажување среден прст, кажување дека му е преку… и бунтовничко барање да се прекине срамот од седница. Јас така го доживеав, бидејќи веќе одамна живеам далеку од идеалите и теоријата на парламентаризмот, а горчината од оваа фарса избива на површина. Некој мораше да ги разобличи, некој мораше да го каже она што го чувствуваме, некој мораше… Макар само ДВАЈЦА од 120 господа и госпоѓи! Овој народ едвај крпи крај со крај, а го претставуваат налицкани и божем културни луѓе без дигнитет и посветени само на личниот интерес.