Откако украинскиот претседател Володимир Зеленски „фрли вербална бомба во јавноста“ кога изјави дека „Русија планира да започне војна меѓу две држави во регионот на Балканот“, надоврзувајќи се дека „по војната на Блискиот Исток Москва планира да започне војна меѓу две земји и на Балканот“ и дека „Киев има информации“ за тоа, веднаш следуваа низа реакции од лидерите на некои балкански држави.
Премиерот на Хрватска, Пленковиќ: Западен Балкан ќе биде побезбеден само
со проширувањето на Европската Унија
– Западен Балкан ќе биде побезбеден само со проширувањето на Европската Унија – изјавија во четвртокот хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Премиерот Пленковиќ се надоврза на ваквата изјава на Зеленски и рече дека „за жал, може да има повеќе вакви жаришта во блиското соседство на Хрватска“ и дека „не може да дешифрира“ што точно мислел шефот на украинската држава“.
– Само цврстото закотвување на земјите од нашето соседство во европскиот процес гарантира мир и безбедност – рече Пленковиќ, посочувајќи дека Хрватска прави максимални напори за ангажирање на меѓународната заедница на Западен Балкан.
– Последното нешто што ѝ треба на ЕУ е уште една криза, уште една војна, уште една жешка точка – заклучи Пленковиќ.
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој престојуваше во Загреб по повод работната средба за новата Стратегиска програма на ЕУ, ја коментираше изјавата на Зеленски, велејќи дека проширувањето ќе ја направи Европската Унија „побезбедна и попросперитетна“ и дека не може да се исклучи дека други земји како Русија ќе се обидат да го нарушат овој процес.
Хрватска се противи на укинувањето на едногласноста (консензусот) при донесувањето стратегиски важни одлуки во ЕУ
На средбата со високиот европски претставник, хрватскиот премиер искажал и став дека се противи на укинувањето на едногласноста во донесувањето стратегиски важни европски одлуки.
Европскиот совет одлучува едногласно, а Советот на Европската Унија го користи овој принцип при донесување одлуки за голем број „чувствителни“ прашања, како што се надворешната и безбедносната политика, финансиите, дел од одредбите во правосудството и внатрешните работи, членството во ЕУ и др.
Во рамките на Европската Унија, во тек се дискусии за тоа дали едногласноста треба да се замени со квалификувано мнозинство за да се забрза донесувањето одлуки во Алијансата, но на тоа се противат голем број земји. Претседателот на Европскиот совет посочи дека е „многу внимателен за ова прашање“, но оти ЕУ мора да го најде „вистинскиот баланс меѓу единството и брзото одлучување“. Тој навести дека реформата во одлучувањето може да не оди во насока на квалификувано мнозинство, туку против злоупотребата на ветото.
Ангел Митревски, специјално за „Нова Македонија“ од Хрватска