Желјасков на средба со спикерот на македонскиот парламент Џафери

Колку слаткоречиво и да звучеа пораките на бугарскиот спикер Желјасков во Скопје, очигледно ќе биде потребно многу подолго време Бугарија искрено да пристапи кон Македонија, на начин што компромисите што ќе ги прави ќе бидат вистински компромиси, кога и таа ќе мора да се откаже од нешто во името на иднината на двата блиски народа во заедничката европска куќа. Вака, официјална Софија говори за компромиси, но мисли како да добие сè

Спикерот на бугарското народно собрание ги повтори пораките на Софија што на сите им се јасни

Посета на висок бугарски функционер се случи завчера на земјава, што е некаков сигнал дека политиката на конфронтации не води никаде и дека негаторската реторика од страна на официјална Софија ќе доведе до уште подлабок јаз меѓу македонското и бугарското општество, што за соседни земји, сојузнички во НАТО, не е воопшто пожелно.
Токму во таква мисија на само еден месец пред да се одржи состанокот на ЕУ беше претседателот на бугарскиот парламент Росен Желјасков, кој сакајќи да ја подобри сликата за бугарската политика во контекст на македонските евроинтеграции, порача дека земјава треба да ги направи уставните измени оти тие се дел од компромисот што и Бугарија морала да го направи.
Спикерот на бугарското народно собрание не прецизираше каков компромис направила Бугарија и од што се откажала, кога сето она што таа го имаше како барање кон Македонија беше содржано во таканаречениот „француски предлог“, за што најголемите заслуги ги понесе француската амбасадорка во Софија, Флоренс Робин. Таа за помошта за „разјаснување на бугарската позиција“ во однос на Македонија беше одликувана од страна на бугарскиот претседател Румен Радев со орденот „Мадарски коњаник од прв ред“.
Затоа, нејасно е за каков компромис направен од страна на Бугарија говори претседателот на народното собрание, Желјасков, кога сите обврски се однесуваат само и исклучиво на Македонија, но не и на Софија. Очигледно, бугарскиот „компромис“ е бугарските власти да не ставаат вето додека трае процесот на асимилација на Македонците, туку будно да го следат и да го потпомагаат, а помагателите да бидат наградени со државни ордени.
Ако Софија вистински беше искрена во намерата побрзо да ја види Македонија во ЕУ, тогаш клучното прашање е зошто Желјасков не преземе чекори во таа насока, односно Бугарија да не го условува почетокот на преговорите со уставни измени сега, туку тоа да се случи во моментот кога ова прашање нема да предизвикува фрустрации кај ниту една страна и ќе биде обична собраниска точка на дневен ред, а не иницијална каписла за уште подлабоки општествени конфронтации во Македонија.
Но додека Желјасков се обидува да демонстрира, наводно, помек тон од бугарска страна испраќајќи пораки за стимулирање на дијалогот и за пријателство, во исто време потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова, ги минираше сите негови напори и ја врати бугарската позиција кон земјава на стариот добро познат колосек.
– Политичарите во Скопје не покажуваат ниту желба ниту консензус за создавање и соработка. С. Македонија не дава ниту знак за запирање на јазикот на омраза кон Бугарија. Неприфатлива и недостојна е злобата кон сè што е бугарско, која расте и останува неказнета и престана да биде билатерално прашање. Јазикот на омраза на Република С. Македонија кон Бугарија веќе е европско прашање – изјави Јотова на софискиот универзитет „Св. Климент Охридски“, говорејќи на прославата на 100-годишнината од формирањето на Македонскиот научен институт.
Таа истакнала дека институтот во неговото стогодишно искуство повеќепати дошол до заклучок дека е погрешно да се гради „македонски идентитет“ на антибугарска основа, истовремено во говорот назначувајќи ја македонската нација како „таканаречена“.
Колку слаткоречиво и да звучеа пораките на бугарскиот спикер Желјасков во Скопје, очигледно ќе биде потребно многу подолго време Бугарија искрено да пристапи кон Македонија, на начин што компромисите што ќе ги прави ќе бидат вистински компромиси, кога и таа ќе мора да се откаже од нешто во името на иднината на двата блиски народа во заедничката европска куќа. Вака, официјална Софија говори за компромиси, но мисли како да добие сè.


Радев ѝ додели орден „Мадарски коњаник“ и на амбасадорката на Албанија во Бугарија

Бугарскиот претседател Румен Радев ја одликувал амбасадорката на Албанија во Бугарија, Доника Хоџа, со орден „Мадарски коњаник од прв степен“, за особено големи заслуги на дипломатијата за развојот на билатералните односи, за кои главен мост е бугарската заедница во Албанија.
– Бугарската заедница во Албанија е важен мост за зајакнување на полноправните врски меѓу двата пријателски народа – истакнал Радев на свечената церемонија и ги нагласил заложбите на амбасадорката Хоџа за продлабочување на бугарско-албанските односи.
Одликувањето се случува во момент кога Македонците во Албанија се жалат дека за време на пописот во таа земја имало бугарски притисоци врз нив да се изјаснат како Бугари. Поранешниот пратеник во албанското собрание и претседател на единствената македонска партија во Албанија, Македонската алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски, неодамна на собир во Штип рече дека Албанија оставила слободен простор пописот на македонското население да го спроведе Бугарија, бидејќи на терен јасно се гледало дека припадници на бугарската амбасада ги терале Македонците да се попишат како Бугари.