Што значи поништувањето на Источното партнерство на Европската Унија за македонската европска интеграција? Не постојат подлабоки вододелници од војните. Тие секогаш ја забрзувале историјата и го преуредувале светскиот поредок. Не за џабе зборуваме за предвоена и повоена состојба. Оваа седмица сведочевме како војната исцрта нова геополитика во Европа.
Во средата Европската комисија го отвори годинешното издание на пакетот за проширување што традиционално го содржи општиот документ, кој на времето се викаше „стратегиски документ“ (strategy paper), a сега се вика „Известување за политиката на проширување на ЕУ“ (Communication on EU Enlargement Policy), како и деталните извештаи за земјите кандидати, но и за Косово. Иако нам навидум ни изгледа дека овие извештаи постоеле отсекогаш за Македонија, сепак целиот процес е од понов датум. Со Амстердамскиот договор од 1997 година, ЕУ конечно го исцрта патот на земјите од посткомунистичка Европа кон Брисел, па го претстави и процесот на проширување, кој со извесни разлики и денес е во сила. Затоа првите извештаи за проширување датираат од 1998 година, а се однесуваат на тогашните 12 земји во процесот. Некои урбани легенди што се шират низ бриселските ходници тврдат дека оттогаш се следи и Македонија, па дека уште од 1998 година се изработувале некои нацрт-извештаи и за нас, меѓутоа вистинитоста на тие тврдења ќе треба допрва да ја утврди некој иден македонски историчар кому ќе му бидат достапни архивите на Европската комисија за продлабочено истражување. Нејсе, во делот на јавно објавените документи Македонија првиот извештај го доби во 2006 година, но претходно може да се смета дека прв документ на Европската комисија што стана дел од политичкиот живот во Македонија беше Мислењето на Европската комисија за македонското барање за членство од 2005 година (и стратегискиот документ на ЕК од таа година се повикува на овој документ).
Нема да се занимавам со анализа на годинешниот извештај, затоа што и повеќе од доволно е кажано досега во јавноста. Должен сум, сепак, да напоменам дека осумнаесеттото издание на извештајот за напредокот од 2023 година ќе биде граничник во македонската политика. Но, тоа не е тема на оваа колумна.
За мене многу позагрижувачки се пораките што стигнуваат од Брисел за тектонската промена на процесот на проширување, поточно на европската геополитика, како резултат на руската инвазија врз Украина. До 22 февруари 2022 година европскиот геополитички светоглед беше многу едноставен. Постоеше реска граница помеѓу политиката на проширување, насочена кон идните полноправни земји членки на ЕУ, каде што влегуваа државите од Западен Балкан и Турција, од една страна, и земјите на „европската соседска политика“ од постсоветскиот простор и од Медитеранот, од друга страна. Со текот на времето, Турција се издвои како специјален случај, а Западен Балкан остана заробен во вечен „лет во место“ кон ЕУ, со исклучок на Хрватска, која стана полноправна земја членка на Унијата во 2013 година. Во меѓувреме, медитеранската политика на ЕУ доживеа вистински бродолом, па наместо создавање „привилегирано партнерство“ и појас на мирот околу Унијата, сведочиме на граѓански војни, миграциски кризи, пропаднати држави и постојана криза во непосредното јужно соседство на сојузот. Што стана со некогашната европска визија за Медитеранот е прашање за добра анализа во Брисел и во главните градови на Унијата. Истовремено пред нашите очи се распадна и Источното партнерство. Украина, Молдавија и Грузија напредуваа во земји кандидати за членство во ЕУ, со Белорусија се прекинаа сите односи, а Ерменија и Азербејџан веќе никој не ги спомнува во некаков европски контекст. Беспредметна е сега дискусијата за европската политика кон Русија за четирите заеднички простори. Јасно е дека престои долготраен стратегиски прекин на односите помеѓу Русија и Европската Унија, поточно помеѓу „рускиот свет“ и земјите што се во орбитата на единствениот европски пазар.
Промената на европската геополитика не е никаде толку видлива како во политиката на проширувањето, а таа си најде и свој бирократски израз низ годинешниот пакет за проширувањето. Западен Балкан се најде во истиот куп со земјите од трите нови земји кандидати од постсоветскиот простор. За жал, наместо да заѕвони алармот низ сите главни градови во регионот, се чини како никој да не се вознемирил од оваа суштинска промена на политиката на проширувањето. Изгледа како Балканците да се умориле од вечната тема европска интеграција, па оваа летаргија како да ги зафатила и врвните политичари и дипломати од регионот.
Никој не ја спори актуелната политика на Европската Унија кон Украина, економската и воената помош што тече кон Киев, како и јасната европската перспектива за земјата. Меѓутоа, украинското европско прашање е посебен случај, исто како и турското европско прашање. За разлика од земјите од Западен Балкан, Украина е преголем залак за Унијата и не може да биде сместена во истата група, како и Албанија, Македонија, Србија, Црна Гора, Косово и Босна и Херцеговина. За сите балкански земји европската интеграција не е нов процес, тие одамна ги имаат формирано сите потребни тела за непречен пат кон Брисел и, ако бидеме сосема искрени, одамна заслужуваат и членство во Унијата. Економскиот простор на Балканот е составен дел на единствениот европски пазар и пулсира во ист ритам со Европската Унија, а целиот Западен Балкан е двојно помал од Украина, и географски и по население. Легитимен е стравот дека Украина ќе ја зароби целокупната политичка и административна енергија на Брисел, па Балканот повторно ќе има споредно значење за Унијата и за процесот на проширувањето. Итајќи да ѝ помогне на Украина, Европската Унија лесно може повторно да го смести Балканот на заборавениот спореден колосек.
Веројатно земјите од Западен Балкан ќе може да ја отворат оваа дискусија со ЕУ доколку настапат заеднички кон Брисел. Во моментов тоа изгледа невозможно затоа што регионот го зафатила некаква себичност, па секој ја гледа европската интеграција надвор од регионалниот контекст, небаре не сме сите врзани во истата игра. Доколку сега не се реагира заеднички во ЕУ, од следната година Брисел нема да прави никаква разлика помеѓу Западен Балкан и новите три постсоветски земји кандидати за ЕУ. Таков геополитички светоглед на Европската Унија воопшто не му одговара на Западен Балкан, па се потребни одлучна и заедничка политичка и дипломатска реакција на земјите од регионот.
Глобализацијата, каква што ја знаевме, заврши на 24 февруари 2022 година. За жал, Македонија уште не го заврши својот стратегиски проект за влез во Европската Унија како полноправна земја членка, поставен во далечната 1989 година, кога светот зачекоруваше во ерата на глобализацијата. Македонската европска интеграција останува национален проект и за светот на постглобализацијата, овој турбулентен и непредвидлив свет што допрва ќе се усложнува. Иако постојат најави дека војната можеше да ја забрза европската интеграција на целиот регион на Западен Балкан, но и на Украина, Молдавија и на Грузија, сепак, не изгледа дека нештата посериозно ќе се придвижат, а прокламираната цел за подготвеност за членство до 2030 година некако не успева да биде општоприфатена во Брисел и во главните градови на Унијата. Овој декември Европскиот совет ќе дискутира за иднината на проширувањето. На масата се ставени многу опции, но единствено полноправното членство или барем влезот во отворениот пазар може трајно да ги закотви земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Заклучоците од овој Европски совет ќе ги определат и главните правци на иднината на процесот на проширувањето. Би било многу упатно доколку заедничка дипломатска акција на сите западнобалкански дипломатии произведе посебен процес за нашиот регион, јасно одвоен и од трите нови постсоветски земји кандидати, а се разбира и од Турција. Сите други алтернативи само го продолжуваат балканскиот „лет во место“ … во недоглед.
Ивица Боцевски