Шефицата на Европската комисија не сака да подгрева лажни надежи кај македонските граѓани за 2030 година како рок за зачленување

Македонија еден убав ден ќе стане членка на ЕУ

Оптимизмот што домашните политичари го делат за можното членство на Македонија во Европската Унија до 2030 година, па дури и нешто порано, очигледно не го делат и европските челници, кои се воздржани околу лицитирањето со некакви фиксни датуми, туку повеќе говорат за идна перспектива, која ќе се оствари во оној момент кога земјите кандидати ќе бидат подготвени да станат дел од Унијата.
Токму таквиот став можеше да се насети и во пораките што шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, ги упати за време на неодамнешната посета на Скопје, кога порача дека уставните измени се приоритет за отворање на преговарачките поглавја, но, како што рече, приоритети се и реформите, пред сè во делот на независноста на правосудството и борбата со корупцијата.
– Апсолутно сум убедена дека еден ден ќе ја пречекаме С. Македонија, со нејзиниот уникатен идентитет, јазик… Сега веќе имаме 24 различни јазици во Унијата и еден ден меѓу нив ќе го вброиме и македонскиот јазик. С. Македонија веќе постигна многу. Моја желба е да продолжите – истакна Лејен.
Претседателката на ЕК, порачувајќи дека „еден ден“ ќе ја пречекаат земјава во ЕУ, јасно стави на знаење дека Брисел нема намера да ги потврдува датумите со кои оперираат овдешните политичари, свесен дека за ЕУ ќе биде контрапродуктивно да даде уште едно ветување што нема да може да го исполни и на тој начин дополнително ќе влијае врз растот на евроскептицизмот во земјава.
Имајќи ги предвид актуелните предизвици со кои се соочува Унијата, пред сè војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и сè поизразениот притисок за внатрешни реформи, повеќе од јасно е дека членство на која било земја од Западен Балкан во ЕУ до 2030 година не суштествува со стварноста и со фактичката ситуација. Овдешните политичари, пак, го користат фамозниот датум само како супероптимистички алиби-мотив, затоа што уште помалку се опипливи резултатите на планот на владеењето на правото, како и на планот на борбата со корупцијата, ниту во делот на економијата, ниту на планот на подигнување на животниот стандард.

– Фон дер Лејен не ја спомена 2030 година, спомена еден ден ќе сакаме да бидете членка. Поентата е дека целиот Западен Балкан почнува многу да заостанува и зад новите членки на ЕУ, како Бугарија и Романија, кои веќе се одлепија според БДП, а ние стагнираме. Унијата не сака такви членки, тоа е клучното прашање, едноставно не нè сакаат такви. Затоа прво ќе дадат инвестиции и пари да нè оправат, но клучното е дека ние сами мора да се оправиме. Додека не се намали јазот помеѓу нашите економии и европските, ние нема што воопшто да разговараме за членство – смета Александар Кржаловски, првиот извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка.
И некои од дипломатите со кои разговаравме сметаат дека тоа што претседателката на ЕК говори за членство „еден ден“, а не до 2030 година, покажува дека таа е свесна дека земјите кандидати нема да бидат подготвени за толку краток период да ги спроведат реформите што не успеаја да ги спроведат за 20 години, но свесна е и дека ЕУ мора да се реформира внатрешно, оти ваква каква што е, по многу прашања е нефункционална.
– Овој состав на ЕК е пред крајот, така што не може ништо да ветува ниту за следните шест месеци, а не, пак, што ќе се случува до 2030 година. Коректно е од Фон дер Лејен што не потврдува некаков датум, туку да каже еден ден, за едноставно луѓето тука да не имаат некакви лажни надежи, кои очигледно домашните политички елити им ги подгреваат. Европа јасно кажува, освен уставните измени на кои инсистира, сè друго се однесува на внатрешните реформи и на тоа што сами треба да го направиме. Така што крајно време е да престане тоа залажување на луѓето со некакви скори членства. Успех ќе биде ако во скоро време станеме дел од европскиот заеднички пазар, тоа за нас е најважно, да ја заживееме економијата и да поработиме на кревање на стандардот на граѓаните – посочуваат соговорниците.


„Единствен (уникатен) идентитет“ наспроти „посебен идентитет“

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, најавувајќи ја својата посета на Македонија и искажувајќи надеж дека еден ден и земјава ќе стане дел од европското семејство, употреби термин што се однесуваше на идентитетот на македонскиот народ, што во официјалниот превод беше наведен како „посебен“. Таквиот превод го презедоа медиумите во земјава.
Во интерес на автентичното толкување на изразот што го употреби шефицата на ЕК, го пронајдовме точниот израз, кој гласи „unique“, при што во консултација со лингвисти и познавачи на англискиот јазик, овој збор беше преведен како единствен, односно уникатен идентитет.
Јавноста повторно беше исправена пред дилемата што точно мислела претседателката на ЕК и затоа многу посреќно решение ќе беше доколку наместо употребениот епитет се употребеше попрецизен и попедантно избран атрибут, кој немаше во јавноста да остави ниту трага од некои актуелни дилеми по ова прашање, како на пример „вашиот македонски идентитет“ и немаше да се случи сите да се изгубат во преводот. На тој начин таа ќе испратеше и убава порака во време кога македонскиот идентитет е предмет на постојани закани и негирања.
Во интерес на фактите и прецизно пренесување и на изразот, но и на поентата на изјавата, за читателите дополнително го пренесуваме оригинално употребениот термин – „unique“ (уникатен, единствен). С.Т.