Признание за македонската култура
Во организација на Францускиот институт за комуникации, универзитетот „Пантеон Асас Сорбона II“ и Катедрата на УНЕСКО за светски студии, при универзитетот „Алберта“ од Португалија, македонскиот писател со интернационално реноме и претседател на ИУ „Еуропа прима“ од Скопје е избран за член на меѓународната редакција на овој значаен универзитетски проект во кој се вклучени академски авторитети од повеќе европски и светски универзитети.
Плевнеш е избран како автор на енциклопедиската единица „Алтернативите во духовната, политичката и историската слика на модерниот светот“.
Како што е познато, во уметничкото творештво на Плевнеш, историските алтернативи се присутни во неговиот македонски циклус на драми, како што се: „Еригон“, „Македонски состојби“, „Подземна република“, „Р“ и „Вечната куќа“, а наедно и во европскиот циклус со драмата „Среќата е нова идеја во Европа“, играна на поголем број светски сцени, за која „Њујорк тајмс“ напиша дека авторот ги следи патиштата на рефлексијата на античката трагедија до театарот на апсурдот.
Во „Романот за тајната книга“ (според кој е снимен истоимениот долгометражниот француско-македонски филм во режија на Владо Цветановски), Плевнеш пишува за првата интелектуална револуција во Европа.
Низ призмата на „Виа сакра алтернатива“, за која лондонски „Гардијан“ напиша дека е суштина на европската цивилизација наспроти политичкиот терор, се одвивало движењето на европскиот духовен отпор, кој бил брутално ликвидиран од постојните државни формации, а тој процес е многу подлабок од „Кодот на Да Винчи“.
Во својот одговор до Главниот одбор на Интернационалниот речник на глобални студии, Плевнеш напиша дека тоа е признание и за македонската култура и за македонското високо образование во европски и во светски рамки.