Фото: Маја Јаневска-Илиева

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети вчерашниот инцидент на Косово го означи како сериозна провокација, која е намерно направена и има однапред одредена агенда. Тој на Фејсбук објави дека смртоносниот напад врз косовската држава и полицијата е напад врз мирот, стабилноста и безбедноста на целиот регион.

– Најостро го осудувам нападот врз косовската полиција и убиството на полицаецот, како и ранувањето на други лица на северот на Косово. Оваа сериозна провокација е намерна со однапред одредена агенда, па затоа треба да се менаџира со ладнокрвност и мудрост, бидејќи последиците може да бидат регионални, односно да се одразат врз мирот и стабилноста во регионот – објави Ахмети.

Нагласи дека овие случувања се неприфатливи и дека е потребна итна координацијата и соработката со меѓународната заедница, за да се гарантира мирот и независноста на Косово.

– Потребна е итна акција за гаснење на убиствениот пожар кој има за цел проширување и вклучување на земјата и регионот. Изразувам искрено сочувство до семејството на жртвата и брзо закрепнување на повредените – напиша Ахмети.


Косово што поскоро да стане членка на НАТО, бараат албанските опозициски партии од Македонија

Вчерашниот напад врз полицијата на Косово од страна на терористите поддржани од Србија е јасен показател дека целите и политиките на Србија се исти како и на Русија која во моментов врши агресија врз Украина, порачаа од албанските опозициски партии Алтернатива, Движење Беса и Демократско движење.

– Затоа, меѓународниот фактор, САД и ЕУ, мора да дејствуваат за да не се случи втора Украина на Балканот. Цениме дека САД, како главен партнер и пријател на Албанците и Косово, но и ЕУ, треба да ги искористат сите можни механизми за Косово што поскоро да стане членка на НАТО. Со оваа ќе се запре сценариото за втора Украина, ќе се гарантира територијалниот интегритет на Косово и ќе се обезбеди мир во целиот регион. Се додека Србија не може да се отцепи од Русија, мирот во Европа и на Балканот е загарантиран само со членството на Косово во НАТО – се вели во партиското соопштение.