Во издание на „Тим пресс“ од Загреб
Книгата раскази „Сезона на глуварките“ од Блаже Миневски излезе на хрватски јазик во издание на „Тим пресс“ од Загреб. Преводот од македонски на хрватски е на Томислав Ровичанец, кој го има напишано и поговорот за ова издание. Расказите се преведени со поддршка на Европската преведувачка мрежа „Традуки“.
Како што стои во најавата на хрватскиот издавач, станува збор за антологиска проза на универзален автор, не затоа што истовремено пишува романи, раскази, драми и есеи, не затоа што неговата проза спојува историски, психолошки и политички состојби, туку затоа што е повеќеслојна и со мноштво пораки.
– Миневски е автор што иронизира без зајадливост, хроничар на балканскиот микрокосмос во ерозија и неговите беспомошни трагачи по сеопшта правда и божја милост. Неговата имагинација е богата и раскошна. Неговите раскази се движат од реалност до фикција, од репортажа и фељтон до омајна проза, па затоа кај него ништо не е како во стварноста, иако сѐ е преземено од неа. Како еден од најавтентичните автори на Балканот, Миневски сосема уверливо го потврдува своето високораскажувачко реноме и со оваа книга, збогатувајќи ја европската книжевна ризница со врвно прозно дело – стои во информацијата на издавачката куќа „Тим пресс“ од Загреб, која во истата едиција ги има објавено и Емберто Еко, Мишел Зинк, Ерика Фатлан, Сагри Санберг, Слободан Шнајдер, Томас Снегаров, Ари Тарунен, Џорџ Штајнер и други.
Романите на Миневски се преведени на англиски, полски, ерменски, бугарски, руски, словенечки, арапски, хрватски, кинески, српски и италијански јазик.
Блаже Миневски е застапен во сите антологии на македонската кратка проза објавени последните триесетина година во Македонија и надвор од неа, а негови раскази се преведени на повеќе од дваесет јазици во светот. В.Д.