Пријава во врска со процедура при прскањето против комарци, поточно индиции дека несоодветно се употребуваат средства за прскање против комарци, заврши и во Државната комисија за спречување корупција. Според информациите оттаму, анонимно лице пријавило во антикорупциска дека во главниот град се правела несоодветна дезинсекција, бидејќи се користело средство за прскање од земја, во процесот на прскање со авион. Што покажа предметот отворен по ова прашање од страна на Антикорупциската комисија?
МОЖЕ ЛИ СРЕДСТВО ЗА ТЕРЕСТРИЧНО ПРСКАЊЕ ПРОТИВ КОМАРЦИ ДА СЕ КОРИСТИ И ЗА АВИОНСКО ПРСКАЊЕ
Според пријавата на анонимен подносител, во Скопје се правела несоодветна дезинсекција, односно, против комарци било прскано од воздух, и тоа со средство што било наменето за аплицирање на земјена површина. Пријавата отвори низа прашања, меѓу кои и тоа дали има некакво несоодветно работење и кршење на процедурите на оние што го аплицирале средството, потоа, дали истото тоа, ако се аплицира од воздух, има некакво штетно влијание по здравјето на граѓаните, дали е соодветно ефикасно средството наменето за терестрично прскање против комарци ако се аплицира од воздух, како и тоа дали попусто се истрошиле толкави количества од средството, ако се прскало од воздух?
Антикорупциска соопшти дека по пријавата веднаш отворила предмет, за кој побарала документи со податоци и информации во врска со овие наводи од Град Скопје, Министерството за здравство – Секторот за хемикалии, Центарот за јавно здравје, Бирото за јавни набавки, како и независно стручно мислење од експерт од Природно-математичкиот факултет.
Антикорупционерите по направената истрага утврдиле дека „нема категорична забрана за користење на средството од воздух“!
Како што истакна Софија Пејовска-Дојчиновска, член на ДКСК, ги проверувале и оригиналните декларации/упатства на средството употребено за дезинсекција и дека во нив не е наведено дека е забранета неговата употреба од воздух.
– Не е потврдено дека средството мора да се аплицира по земја, а дека не може да биде за аеродезинсекција. Во ниедна декларација тоа никаде категорично не стои. Постои дека се препорачува аплицирање од земја, но не дека е забрането од воздух – рече Пејовска-Дојчиновска.
Таа додаде и дека треба да се има предвид и фактот дека Град Скопје има огромни површини за апликација на средството и поради тоа не е можно дезинсекцијата да биде само по земја.
Градските власти, кои и ја извршуваат дезинсекцијата против комарци, не се изјаснија во јавноста околу ова прашање, иако кај граѓаните има милион прашалници.
Првенствено, граѓаните велат дека, доколку средството е препорачливо да се нанесува од земја, зошто воопшто некој одлучил да го пренамени и да го користи за авионско прскање?
– Кај нас очигледно, секој си толкува како сака и секој си прави што сака. Можеби не е категорично наведено дека не смее да се користи за прскање од авион, но, ако е препорачливо да се користи за прскање од земја, зошто воопшто се дрзнале да го користат поинаку, тоа не ми е јасно. Можеби му ја намалиле делотворноста, можеби тоа средство треба да се користи од земја за да има стопроцентна делотворност… навистина ние сме земја на чудата – вели скопјанка од Бутел, која во неколку наврати реагираше до нашата редакција за проблемот со комарците со кој се соочува.
Граѓаните на Скопје ја губат војната со комарците
Што велат експертите, какво прскање против комарци му е потребно на Скопје за барем малку да се намали нивниот број? Граѓаните на Скопје се уморија од секојдневната борба со овие упорни и жедни за крв суштества, но и потрошија вистинско мало богатство на препарати за заштита, обидувајќи се да ги држат подалеку од себе.
Од година на година сѐ поголем е проблемот со комарците, а уште минатата година, „Нова Македонија“ од разговор со експерти укажа дека авионското прскање против комарци не ги дава потребните резултати.
Кога во јуни разговаравме со Николина Соколовска, медицински ентомолог, шефица во Службата за дератизација, дезинсекција и дезинфекција при Центарот за јавно здравје – Скопје, таа ја потврди својата теза дадена минатото лето, дека на главниот град му е потребно прскање од земја, или повеќе познато како терестрично прскање.
Соколовска уште минатата година истакна дека надлежните треба да направат нов оперативен план, според кој ќе дејствуваат против комарците.
– Треба надлежните служби да направат нов оперативен план со зголемена површина на третирање. Да се исклучи авиодезинсекција над населено место, бидејќи не дава задоволителни резултати од многу причини, пред сѐ од биологијата на комарците, особено тигрестиот – потенцираше Соколовска.
Според неа, азискиот тигрест комарец, кој всушност е сѐ позастапен во главниот град, освојува територии, па затоа може да се забележи на нови локации.
– Ги има на локации каде што има повеќе влага, зеленило и вода. Освојуваат територии, се прошируваат и затоа ги има и на локации каде што досега ги немало – рече Николина Соколовска,
Овој вид комарец првпат во земјава е детектиран во 2016 година во реонот на Богданци, но во 2018 година е забележано неговото проширување во Дојран и во повеќе општини во Скопје.
– Овој комарец има различни однесувања, различен животен циклус и активноста му е 24 часа. Неговите убоди се болни – изјави Соколовска.
Очигледно, надлежните градски служби ќе имаат уште многу работа за да се справат со непријатните комарци. А дотогаш скопјани треба да се стрпат и да се обидат индивидуално да се заштитат колку што е можно со препаратите што им се достапни. А и летото е при крај, па дали тоа ќе значи и крај на сезоната на убоди од непријатните комарци?