На Самитот во Скопје клучна забелешка беше дека решавањето на билатералните прашања не се критериуми за пристап во ЕУ / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според многу од земјите-членки на Унијата, идејата на Макрон за „Европа во повеќе брзини“ е сериозно отстапување од базичните принципи на ЕУ за праведност, рамноправност и еднаквост. Ваквиот став на земјите-членки на ЕУ за реформските проекции на францускиот претседател, споредени со контекстот на актуелната македонска состојба, со речиси секојдневни притисоци за уставните измени како услов за почеток на преговорите со ЕУ (што е исто така, сериозно отстапување од принципите и критериумите на Унијата), некако го наметнува прашањето дали Загреб и Љубљана, како и Виена, Братислава и Прага и уште многу друг земји, можеа да ѝ кажат НЕ на Бугарија и за билатералните услови во пристапниот протокол на Македонија?

Во потрага по право, правда, принципиелност, морал и етика во институциите на Унијата

Како рефлексија од политички динамичниот почеток на седмицава во Македонија останаа и понатаму како предизвик смислата и потребата од ургентноста на уставните измени што се наметнати за продолжување на преговарачкиот процес за членство во Европската Унија. Во истиот ден (понеделник, 11 септември), додека во Скопје се одржуваше самитот на регионалниот процес Брдо-Бриони, каде што домаќини беа македонскиот претседател Стево Пендаровски, претседателите на Словенија и на Хрватска, Наташа Пирц Мусар и Зоран Милановиќ, состаноци со другите политички фактори низ македонските институции имаше германскиот специјален пратеник за Западен Балкан, Мануел Сарацин, како уште еден од низата европски „мисионери“ со убедувачко-заплашувачки наративи за спроведување на уставните измени. Веднаш по него, утредента, со слична задача во Скопје допатува и Михаел Рот, поранешен државен секретар на Германија за Европа, кој додека Германија претседаваше со Советот на ЕУ не успеа да ја убеди Бугарија да го тргне ветото за Македонија да ги започне преговорите за членство.
Официјално, главниот фокус на годинешниот состанок во Скопје на лидерите на земјите-учеснички од процесот Брдо-Бриони во Скопје се европските интеграции, климатските промени и иселувањето на младите. Но во текот на настаните на самиот, интересот на јавноста, т.е. на медиумите, фокусот го насочи кон отворените прашања меѓу земјите од Западен Балкан и тоа дали решавањето на билатералните прашања е поважно за влез во ЕУ од исполнувањето на критериумите што ги бара Унијата.
За двајцата претседатели на земјите, кои се веќе членки на ЕУ, Хрватска и Словенија, е добро сѐ додека се разговара на тие теми.

– И едното и другото е важно. Отворени прашања постојат, како што е на пример прашањето меѓу Косово и Србија, кои меѓусебно не се признаваат. Но тоа е процес што се одвива паралелно и добро е што постои дијалог за да се реши. Најлошо е кога ќе прекинат телефонските линии и комуникации, зашто тоа практично значи „смрт за дијалогот“ – изјави хрватскиот претседател Зоран Милановиќ.
Претседателката на Словенија, Пирц Мусар, не смета дека билатералните проблеми треба да се причина за одолжување на евроинтегративниот процес на Западен Балкан. Но на тоа претседателот на Македонија, Стево Пендаровски „реплицираше“ дека билатералниот проблем што земјава го има со Бугарија, „за жал, ја покрива целокупната традиционална европска агенда за пристапување“.
– Во однос на нашиот пат до сега јасно е дека постои прилично голем дебаланс меѓу критериумите и билатералните односи со најмалку двајца од нашите соседи. Тоа е особено истакнато во последниве три години со отвореното прашање со Република Бугарија. Ние се надеваме дека тоа час поскоро ќе се промени, бидејќи ако инсистирате на Западниот Балкан билатералните спорови да бидат решени посебно, ако се потпираат на историја и на емоции, тогаш ниту еден нема да влезе од Западен Балкан кога било во Европската Унија – рече Пендаровски.
Реформите на ЕУ, кои најмногу ги заговара францускиот претседател Емануел Макрон, веќе се неизбежна точка во секоја дискусија за проширувањето на Унијата. Тројцата лидери, домаќини на скопскиот самит на процесот Брдо-Бриони, се согласни дека идејата на Макрон за „Европа во повеќе брзини“, засега не е формален предлог до официјален Брисел, но доколку биде поднесен како формална иницијатива до ЕУ, претседателите на Словенија и на Хрватска сметаат дека за нив не е прифатлива, како и за голем број земји-членки на Унијата.
Според многу од земјите-членки на Унијата, идејата на Макрон за „Европа во повеќе брзини“ е сериозно отстапување од базичните принципи на ЕУ за праведност, рамноправност и еднаквост. Ваквиот став на земјите-членки на ЕУ за реформските проекции на францускиот претседател, споредени со контекстот на актуелната македонска состојба, со речиси секојдневни притисоци за уставните измени како услов за почеток на преговорите со ЕУ (што е исто така, сериозно отстапување од принципите и критериумите на Унијата), некако го наметнува прашањето дали Загреб и Љубљана, како и Виена, Братислава и Прага и уште многу друг земји можеа да ѝ кажат НЕ на Бугарија и за билатералните услови во пристапниот протокол на Македонија?

– Членките на Унијата, кога се работи за прашања поврзани со други земји, било да се членки или кандидати, секогаш водат сметка да не се замерат со кого било. Тоа е политика на некоректност, со која се води сметка за сопствените интереси, бидејќи ако денес една земја-членка се замери со некоја друга, ќе очекува тоа да ѝ биде вратено. Тој „систем на небранување“ е срамен, бидејќи ги негира основните принципи, правила, процедури и вредности на самата Унија. Тоа е реалност, на која сите мораме да се привикнеме, бидејќи таа постои и ќе продолжи на ист начин, било да се работи за Грција и нашето име, или за Бугарија и нашиот македонски идентитет и јазик… Тоа е една некоректна солидарност, во која сопствените интереси се пред принципите и вредностите на Унијата – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Новинарката и поранешна амбасадорка Мелпомени Корнети, за (не)реагирањето на другите земји-членки на Унијата за неправедните уцени што ѝ се наметнуваат на Македонија, голем дел од вината ја гледа во односот на македонските политички елити, кои во неколку наврати имаат дадено согласност и пристапуваат со попустливост за таквиот однос на непринципиелни барања, притисоци и уцени.
– Ако сами попуштаме пред уцените и неправдите што ни се подметнуваат, другите земји едноставно не гледаат причина да се борат за нас, да се почитуваат вредностите и принципите на Унијата и на меѓународното право. Конечно, секој во тој сојуз, прво си го гледа својот интерес – вели амбасадорката Мелпомени Корнети, која смета дека дебатата што се пласира за реформите во ЕУ е уште еден начин како да се одложи проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан, но да се држат подалеку од источното влијание на Русија и на Кина.