Интервју со Тодор Петров, пратеник во првиот собраниски состав и актуелен претседател на Светскиот македонски конгрес
По повод 8 Септември, Денот на независноста, разговаравме со Тодор Петров, еден од најактивните пратеници во првиот собраниски состав, аналитичар и познавач на политичките состојби во државата и актуелен претседател на Светскиот македонски конгрес. Како тој го доживува 8 Септември, Денот на независноста, колку оваа Македонија денес е иста или различна од онаа пред 32 години, има ли разлика во функционирањето на пратениците тогаш и сега, кои се најголемите грешки или можеби добри потези во изминатите 32 години, како да се справиме со сегашните актуелни предизвици… Ова се дел од прашањата на кои во негов препознатлив, концизен и аналитички, стил одговора Петров
По поминати 32 години од прогласувањето на независноста, кај граѓаните преовладува чувство на горчина за изневерени очекувања и нереализирани соништа и надежи. Како вие денес го доживувате 8 Септември, Денот на независноста на државата Македонија?
– Првиот повеќепартиски парламентарен состав од 1990-1994 година ја возобнови независноста на државата Македонија, по дисолуцијата на поранешна СФР Југославија. За жал, Македонија цело време од осамостојувањето е опсервирана од странски мешетари, власта ја прифати нивната улога и во изминатите 32 години сме сведоци на демонтажа на државноста по сите основи. Македонија и Македонците во Балканските војни 1912-1913 година не ги поделија за решение на македонското прашање, туку за негово конечно затворање. И оттогаш започнува геноцид врз македонскиот народ, кој трае до денес. Македонците, како и многупати порано, и во Втората светска војна водеа народноослободителна борба за ослободување и обединување на Македонија, заедно се бореа со албанските, бугарските, грчките и српските партизани за ослободување на Албанија, Србија, Бугарија, Грција и на Србија, се вградија во темелите на државноста на соседните земји. Македонските партизани не беа комунисти, туку националисти! За жал, македонската држава ја возобновија само во вардарскиот дел како Република Македонија во поранешна СФР Југославија. Но, со дисолуцијата на поранешна СФР Југославија повторно се отвори темата Македонија! Имајќи предвид дека само вардарскиот дел остана суверена и самостојна држава, а поради страв од ексклузивно право врз културата и историјата на Македонија, со сите анимозитети меѓу себе, соседите се обединија во агресијата против Македонија и македонскиот народ по сите основи и од сите страни: Ни негираа(т) име, народ, држава, јазик, култура, вера, историја, територија… Увидоа дека џабе е пропагандата во светот против Македонија и Македонците, тргнаа по полесниот пат – си купија марионетска влада во Македонија, а со кого ако не со поранешните комунисти. Невозможна беше трансформацијата на системот, затоа што исти – најголемите комунисти, станаа најголеми капиталисти. Е, со такви исти, реформи нема! Затоа транзицијата во Македонија се претвори во повеќедецениска агонија за нацијата. Со криминална приватизација, директорите станаа сопственици на општествената сопственост, а работниците останаа на улица во сиромаштија, многумина заминаа по корка леб во емиграција. Во меѓувреме, предавничките влади со сите привилегии во власта го сменија знамето на државата, го сменија името на државата, си ги поделија банките и фабриките, долговите ги префрлија врз грбот на работниците и даночните обврзници врз буџетот на државата, ја променија територијалната организација на локалната самоуправа со етнички и верски општински граници, капитулираа во војната во 2001 година, воведоа атипичен и нестандарден Бадентеров модел на одлучување во институциите на системот, го фалсификуваа пописот и ја променија етничката и верската карта на земјата на штета на македонскиот народ, мнозинството стана жртва на апартхејд од малцинствата, ја поделија власта со албанската мафија, ја изгубија контролата врз територијата, создадоа злосторничко здружение во таканареченото специјално јавно обвинителство, кое беше генератор на организиран криминал и висока корупција, ја променија историјата на Македонија и македонскиот народ, ја забранија употребата на придавката македонски/а/о од именката Македонија, се откажаа од Македонците во соседните земји на државата Македонија, се откажаа од Македонците во светот, ја избришаа грижата на државата за деловите на македонскиот народ во соседните земји, а ги впишаа деловите на народите од соседните држави на Македонија во Уставот на државата Македонија, ја суспендираа одлуката на Македонците по род и државјанство на референдумот од 8 септември 1991 година и референдумот од 30 септември 2018 година… Во вакви услови Денот на независноста стана антипод на реалноста, ја загрозија независноста на државата и ја доведоа во положба на потчинетост и зависност спрема некоја друга држава – во случајот соседните држави, што претставува тешко кривично дело!
Колку оваа Македонија денес е иста или различна од онаа пред 32 години, во секоја смисла. Што суштински најмногу се смени?
– Добивме држава под владение на злосторничко здружение – марионетска влада со судовите, со суспендиран уставно правен поредок, со суспендирани права и слободи на граѓаните. Врз македонскиот народ во сопствената држава Македонија е извршен геноцид од марионетска влада, чие парламентарно мнозинство ратификуваше договор за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ спротивно на волјата на мнозинството на референдум, што е преседан во светската историја на народите и државите! Реинкарнираа историските врховизми кон соседните метрополи. Знаете, врховизмот не е етничко, туку геополитичко прашање. Врховизмот значи сервилност на определена номенклатура, која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, мандат за власт во Македонија бара од некоја друга и туѓа метропола, во дваесеттиот век тие метрополи биле Белград, Софија и Атина, во дваесет и првиот век тие метрополи се Брисел, Стразбур и Вашингтон! Логиката на врховистите е дајте ни мандат нам, ние ќе ги оствариме вашите интереси во Македонија!
Што мислите кога беше потешко, тогаш или сега?
– Првиот парламентарен состав, и покрај сите предизвици и искушенија, го понесе товарот на независноста, тоа беше тешкото. Ја оттргнавме државата од опцијата редуцирана федерација со Србија и Црна Гора, од платформата Глигоров – Изетбеговиќ за спас на Југославија како асиметрична федерација 2+2+2, ја фундиравме државноста со целосен суверенитет и самостојност! Ова сега се акробации на марионетска власт за демонтажа на државноста, Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја чии администратори ќе бидат Атина и Софија. Македонија е под режим на фашизам, Македонците се под режим на геноцид! И оваа привремена состојба „северна“, кога и да е, мора да се елиминира! Затоа бараме итно и безусловно еднострано раскинување на договорот Заев – Борисов од 1 август 2017 година и на спогодбата Димитров – Коѕијас од 17 јуни 2018 година и итно и безусловно распуштање на меѓувладините македонско-бугарска и македонско-грчка комисија за ревизија на македонската историја. Отфрламе туѓа историја за Македонците и за Македонија! Историјата на Македонија ќе ја пишуваат Македонци на македонски јазик и во државата Македонија, а не во Белград, Софија, Атина и во Тирана!
Се има впечаток дека првиот пратенички состав како да беше најпосветен, при што беа донесени и клучните одлуки за државата. Може ли да повлечете некоја паралела со работата тогаш на пратениците и сегашното функционирање на парламентарната демократија?
– Првиот повеќепартиски парламентарен состав беше избран на мнозински модел, за секој пратеник имаше изборна единица. Потоа се прифати пропорционалниот модел мешан со мнозински, за на крајот да се премине на чист пропорционален модел. Тогаш имаше пратеници со интегритет, чест, свест и достоинство. Денес пратениците се експозитура на владините интереси, ги погазија личната чест, совест и достоинството и честа, совеста и достоинството на институцијата пратеник.
Според вас, кои се најголемите грешки или можеби добри потези во изминатите 32 години? Може ли да издвоите барем неколку од нив?
– Па, добри потези во изминатите 32 години се: референдумот на 8 септември 1991 година, кога четири петтини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, гласаа за суверена и самостојна држава Македонија без додавки и без придавки, одлуката на референдумот е задолжителна за сите без исклучок; Законот за шеснаесетзрачното златно-жолто сонце на црвена основа; референдумот на 30 септември 2018 година, кога две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, не гласаа за членство во ЕУ и НАТО и ја отфрлија спогодбата Димитров – Коѕијас за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ; отворањето на слободните и индустриските зони за нови инвестиции и вработувања… Најголеми грешки се: криминалната приватизација, која го криминализира општеството во целина, а со која најголемите комунисти станаа најголеми капиталисти; продажбата на името, знамето и историјата на македонскиот народ и на државата Македонија; фалсификуваниот попис на населението; членството во НАТО; прифаќањето на француската преговарачка рамка и меморандумот за примена на договорот Заев – Борисов; евентуалната промена на Уставот поради впишување софиски врховисти како „етнички Бугари“ во Уставот на државата Македонија, што значи институционализирање на петта квислиншка колона, имајќи предвид дека Софија смета – Македонците се Бугари, македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот јазик, Македонија е втора бугарска држава, не постои бугарска фашистичка окупација врз Македонија во Втората светска војна, туку бугарско администрирање за време на германската окупација; реинкарнацијата на историските врховизми и примената на Тиранската платформа што создаде системска деформација – ДУИ да решава кој ќе формира влада, како последица на тоа организираниот криминал и високата корупција!
Македонија и македонскиот народ и денес се исправени пред голем број предизвици – од нас се бараат уставни измени за наводно членство во ЕУ итн. Можеме ли и како да се справиме со нив?
– Македонскиот народ, граѓаните на Македонија веќе се изјаснија! На референдумот одржан на 30 септември 2018 година, речиси две третини од вкупниот број запишани избирачи, Македонци по род и државјанство, не гласаа „за членство во ЕУ и НАТО“ и ја отфрлија спогодбата Димитров – Коѕијас! Македонија треба да соработува со сите членки на Европската Унија посебно. Македонија треба итно и безусловно еднострано да ги раскине договорот Заев – Борисов и спогодбата Димитров – Коѕијас. Македонија мора да ги поништи уставните амандмани од 11 јануари 2019 година за промена на името на државата Македонија и идентитетот на македонскиот народ. Овие два договора се во спротивност со меѓународното право и ништовни според Виенската конвенција за договорно право од 23 мај 1969 година. Ништовен е секој билатерален договор со кој се суспендира меѓународното право! Договорите со Бугарија и со Грција го суспендираат веќе апсолвираното неотуѓиво, неотстапно и неприкосновено право на македонскиот народ на самоопределување и самоидентификација за државата Македонија! Вистината е дека етнички Бугари во Македонија, Албанија и Косово нема! Македонија мора да го продолжи членството во Обединетите нации под единственото државно име, кое се состои само од еден единствен збор – зборот Македонија! Не смееме никогаш да заборавиме дека, со сите разлики помеѓу нас Македонците, по род и државјанство, од сите делови на Македонија, во светот и татковината, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички именител, само Македонија е нашиот еден и единствен заеднички содржател. Со Македонија нѐ има, без Македонија сите заедно ќе нѐ снема! Ние предлагаме историско помирување на македонскиот народ со сите соседни народи и склучување договори за траен мир и добрососедство помеѓу државата Македонија и сите соседни држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на суверена еднаквост!
Дали по 32 години независност Македонија е навистина независна држава во вистинска смисла на зборот и во секој поглед?
– За жал, по 32 години Македонија се третира како експеримент. Таа состојба мора да заврши! Македонија мора да биде како и сите национални држави во светот! Во светот нема анационална држава, сите држави во светот се национални држави! Македонија треба да биде национална држава на македонскиот народ, во која сите се еднакви пред Уставот и законите, независно од етничкото потекло, верското уверување, социјалниот статус, општествената положба и партиската припадност. И за Македонија мора да важи правилото: Македонците немаат вечни пријатели, Македонците немаат вечни непријатели, Македонците имаат вечни интереси! Македонија може да биде пристојно место за живеење, Господ дал сѐ, освен власт каква што македонскиот народ не заслужува! Имајќи предвид дека европскиот центризам и американскиот унилатерализам се трајно минато свршено време, светот не започнува во Брисел, таму историјата не завршува, Македонија мора да се приспособи на новата геополитичка карта на мултиполарниот свет. Основа на македонската надворешна политика мора да биде активниот мултилатерализам – од пријатели никогаш доста, Македонија мора да биде со неутрален статус надвор од воени сојузи на држави, но со свои вооружени сили за самоодбрана на суверенитетот и интегритетот! Македонија мора да преферира и евроатлантска, но и евроазиска соработка. Македонија посакува стратегиско партнерство со сите држави во светот и соработка со сите држави и сојузи на држави, но врз основниот принцип на меѓународното право на „суверена еднаквост“, што значи: заемно разбирање и почитување, соработка со сите по сите прашања од заеднички интерес, немешање во внатрешните работи на суверените држави и реципроцитет во меѓусебните односи! Честит и вековит нека ни е 8 Септември – Денот на независноста на државата Македонија!